Елиминација во драматичен меч

Во драматичен меч кој заврши 8-6, Бутоп вчера (21.05.2018) беше елиминиран во четвртфиналето на Спасовденскиот турнир во Добри Дол од тимот на Гоце 2000. Имавме добар старт, игра, неколку шанси, но без реализација. Противникот, за разлика од нас, ги искористи речиси сите свои шанси во првиот дел и поведе со нереални 4-0. На паузата се договоривме да продолжиме во ист стил и да се надеваме дека среќата ќе се сврти. Полека се враќавме во игра, но на четири минути пред крајот губевме со високи 7-3. И тука почна вистинската драма. За само три минути Кире постигна три гола со што намаливме на 7-6. Сепак по една контра играчите на Гоце 2000 ставија точка на натпреварот и на крајот заслужено одат во полуфиналето. Во нашиот тим вчера се приклучи и Кире Смиљковски кој беше вистинско освежување и постигна четири гола, по еден дадоа Марио и Андреј. Играа и Коки, Анел, Дарко, Даре Николиќ и Каро. Отсуствуваше само Велковски. Ќе остане запаметено дека Бутоп покажа карактер и добра игра, а тоа го потврдува и изјавата на Смиљковски, кој ретко се расфрла со комплименти за својот тим: „Прикажавме добар фудбал против силен противник. И кога губевме 4-0 не бев незадоволен затоа што знаев дека може да се вратиме во игра. Штета што во првиот дел немавме повеќе среќа и таа разлика на крајот се покажа клучна за конечниот исход. Тоа е тоа, одиме понатаму…“ – изјави Кире.

Comments are Closed