April, 2023

now browsing by month

 

Бутоп не го издржа темпото на Барбер шоп Енис

Бутоп му ја препушти петтата позиција на табелата на својот вчерашен противник Барбер шоп Енис откако загуби со 7-5 во натпреварот од претпоследното деветто коло на Маалската лига. Бутопци дадоа се од себе, но не можеа да одговорат на силното темпо на берберите. Кај нас поради повреди фалеа Смиљковски, Вангеловски, Видиниќ, Русе и Каравидов, па во преден план мораше да дојде малиот Иво Валчанов. Покрај него во тимот беа и Ристе Валчанов, Курт како голман, Димитровски, Велковски и Шилегов. Во вториот дел во игра влезе и реконвалесцентот Костовски кој застана на гол во последните десетина минути. Се на се, пружен достоен отпор беше нашиот максимум на оваа средба. Бутоп во последното коло утре влегува како шести на табелата.

Во нова битка со берберите

Бутоп вечерва ќе ги одмери силите со екипата на Барбер шоп Енис. Овој натпревар од деветтото коло доаѓа откако двата тима остварија победи во претходната, осма рунда и се издвоија како кандидати за освојување на тоа петто место и највисок можен пласман во плејаут фазата. На првиот меѓусебен натпревар, кој се одигра во рамките на четвртото коло, видовме реми 5-5. Како ќе биде денес ќе дознаеме по крајот на средбата чиј почеток е закажан за 21:00 часот.

Иво Валчанов стана вториот најмлад играч на Бутоп

Иво Валчанов, помалиот брат на нашиот стандарден првотимец Ристе, стана вториот најмлад играч со настап во шеснаесетгодишната историја на ФК Бутоп. На натпреварот против АММ-Тим во рамките на осмото коло од Маалската лига одигран минатиот четврток (06.04.2023) Иво настапи со наполнети 12 години и 268 дена. Рекордер останува неговиот комшија Дарко Николиќ кој во 2007 година имаше настап за Бутоп со 12 години и 62 дена. Дека постои некаква судбинска поврзаност во оваа приказна е фактот дека двајцата се родени на ист датум, 14 јули, Даре во 1995-та, а Иво во 2010 година.

Инаку Иво својот фудбалски пат моментално го изодува во младинските категории на ФК Бутел кај тренерот Цеко, а тренинзите ги има во скопско Радишани. Неодамна тој се најде и на списокот на репрезентацијата до 13 години. Сето ова говори дека станува збор за уште една голема надеж на бутелскиот и македонскиот фудбал, а Бутоп е подготвен да му пружи помош и поддршка секогаш кога ќе биде потребно.

Убедлива победа против дебитантот

Бутоп забележа убедлив триумф против АММ-Тим со конечни 13-9 во вчерашното осмо коло на Маалската лига. На дебитантот во друштвото му требаше време за адаптација па бутопци набилдаа голема разлика која достигна и +7 и победникот беше решен уште некаде на почетокот на второто полувреме. До крајот момците од АММ-Тим заиграа поорганизирано и успеаја да го намалат поразот. Кај Бутоп повратникот Велковски постигна 5 гола, Валчанов 4, Вангеловски 2, а Анел и Русе по 1 гол. Настапија и Смиљковски и Димитровски, а во првиот тим се најде и помладиот брат на Ристе, Иво Валчанов, кој одигра пет-шест минути. Повеќе за неговото деби ќе прочитате утре. Кај противникот стрелаа Николовски (3), Ненад (3), Неделковски (2) и Ќоќоровски  (1) гол, а настапија и Стоилковски и Максим Максо.

АММ-Тим е новиот предизвик

АММ-Тим е името на нашиот денешен противник во рамките на осмото коло на Маалската лига. Тоа е тимот кој влегува како замена за екипата на Каќ и кој треба да ја доигра оваа плејаут фаза. Бутопци се надеваат на подобри резултати во последните три кола и освојување на што повеќе бодови. Вечерва својот камбек по петнеделната пауза ќе го има Велковски, а најавени се и Смиљковски, Курт, Димитровски, Валчанов, Русе и Вангеловски. Средбата почнува во 19:50.

Чекаме информација за утрешниот противник

Бутопци утре ги започнуваат своите настапи во плејаут фазата на Маалската лига. Во првото коло од доигрувањето, или вкупно осмо, според распоредот требаше да играме против тимот на Каќ, но тие ќе бидат заменети од друга екипа за која се уште немаме информации. За тоа како се вика нашиот утрешен противник ќе почекаме објава на фејсбук страницата на Маалската лига. Натпреварот ќе почне во 19:50 и е прв на програмата.

Марио конечно ја доби наградата за најдобар стрелец

На завчерашниот натпревар со Алиенс му претходеше кратка церемонија во која на Марио Вангеловски конечно му беше врачена наградата за најдобар стрелец во првата сезона на Маалската лига. Тој доби честитки од своите соиграчи и желби за уште поуспешни настапи во иднина. Популарниот Штака изјави дека остава оваа статуетка да ги краси витрините на Бутоп, а подоцна со хет-трик покажа дека полека се враќа во форма по повредата.