September, 2022

now browsing by month

 

Ви ја претставуваме Маалската лига

Со големо задоволство ви ја пренесуваме веста дека конечно по речиси цела година стигнавме од идеја до реализација на лигата во мал фудбал чии иницијатори бевме уште лани. Маалската лига ќе има за цел да ги собере фудбалските вљубеници на едно место и да понуди квалитетен фудбал и дружење за сите. Повеќе информации ќе може да прочитате наредниве денови, а сега ви го претставуваме официјалното лого на лигата.

Среќен роденден Кире

Денес Кирил Смиљковски го слави својот триесетти роденден. Фудбалскиот романтичар и легенда на ФК Бутоп досега собра 289 настапи за нашиот тим, а златната копачка ја освои во сезоната 2015/2016. Му посакуваме се најдобро на приватен и на професионален план и уште многу успеси во синиот дрес.

Среќен роденден Кире!

Честит 8 Септември

ФК Бутоп на сите граѓани на Република Македонија им го честита денот на независноста, 8 Септември. Нека е за многу години!

Службен пораз за крај

По загубените шанси за прогрес во нокаут фазата, Аква Вардар коп Бутоп својот настап на овогодинешниот турнир во Љубанци го заврши со службен пораз од 3-0 од екипата на Орбита компани во неделата на 04.09.2022. Нашите момци не успеаја да се екипираат и тоа беше единствениот можен исход бидејќи групната фаза се комплетираше истиот ден и немаше опција за одложување. Со ова ние го заокруживме нашиот камбек на овој турнир по осум години пауза, а крајната оценка веројатно би требало да биде неуспех затоа што не беше остварена целта да се помине групата. Сепак, треба да се напомене дека ниту еднаш не успеавме да се собереме во полн состав и се уште не бевме сто проценти подготвени за игра на највисоко ниво. Радува победата против Пица до дома како и отпорот кој го прикажавме во одредени моменти и против фаворитите во нашата група. Сето тоа дава надеж за поуспешно продолжение на сезоната. Позитивен момент беше и соработката со спонзорот Аква Вардар коп и принтањето на новата гарнитура бели дресови, од кои направивме дури седумнаесет.


Други ни ја скроија судбината, ништо од нокаут фаза

Пропаднаа сите шанси за Аква Вардар коп Бутоп да ја мине групната фаза на турнирот во Љубанци откако последните два резултати на другите натпревари во нашата група ја скроија нашата судбина. Најпрво завчера Пица до дома ги изненади Дар Мар (4-1), а тие денес се вратија со победа против Орбита компани (3-2), па сега познати се четирите патници во 1/16 финалето: Војводи Тетово, Жиле плин, Дар Мар и Пица до дома. Утрешниот натпревар кој треба да го одиграме со Орбита компани (18:30 часот) е борба за петтото место на двете екипи кои својот настап го завршуваат утре.

Дождот повторно причина за одложување

Последниот натпревар за бутопци во групата 5 кој требаше да го одиграме денес против тимот на Орбита компани е одложен поради дождот кој го зафати нашиот град. Веќе неколку дена временските услови се проблем за организаторот. Ние чекаме дополнителна информација за новиот распоред по што ќе бидете навремено известени за терминот на одигрување на оваа средба.

Утре е денот Д за Аква Вардар коп Бутоп

Последниот натпревар од групата 5 на турнирот во Љубанци бутопци треба да го одиграат утре (02.09.2022) со почеток во 19:00 часот. Противник е тимот на Орбита компани. Ова е одлучувачки меч за нас и со победа речиси сигурно го осигуруваме нашето место во 1/16 финалето. Единствено временските услови може да претставуваат проблем да се одигра закажаниот натпревар, нешто што беше проблем за организаторите претходниве денови.