August, 2022

now browsing by month

 

Нови ретро дресови за во Љубанци

Бутопци на турнирот во Љубанци ќе напаѓаат со нова гарнитура ретро дресови. Оваа нова варијанта е комплетно во бела боја со сини букви. На предната страна ќе стои амблемот на Бутоп, а на задната името на спонзорот Аква Вардар коп и бројка. На овој начин се навраќаме на периодот од 2009 до 2011 година кога настапувавме во бели дресови. Првите реакции од играчите и навивачите се позитивни, а ќе видиме какви резултати ќе ни донесат. Очекуваме опремата да пристигне во понеделник.

На отварањето против Жиле плин

Уште на самиот почеток на сезоната број 16 атрактивен противник за Аква Вардар коп Бутоп. Освојувачот на турнирот во Глуво, Жиле плин, ќе биде првиот наш ривал на турнирот во Љубанци. Натпреварот е закажан за петок (19.08.2022) во 22:00 часот.

Старата гарда ќе го има главниот збор

Искуството ќе биде главниот адут на Аква Вардар коп во Љубанци. Бутопци се доста загреани да си ги испробаат силите на омилениот турнир, иако со изјавите ги спуштаат очекувањата на својата фан база не најавувајќи големи резултати. Сепак, кој би можел во потполност да ја отпише екипата со следниов состав: Костадин Колев, Кирил Ѓорѓиев Грмуш, Андреј Димитровски, Методиј Смиљковски, Дарко Костовски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Кристијан Велковски и Кристијан Каравидов. Ова се играчите кои го потврдија својот настап, а ги разгледуваме опциите за уште две дополнителни засилувања кои би го пополниле тимот.

Супер тешка ждрепка за бутопци

Тимот на Аква Вардар коп Бутоп ќе игра во групата 5 на годинешниот турнир во Љубанци. Носител е екипата на Жиле плин, а ќе играат и Орбита компани, Војводи Тетово, Пица до дома и Дар-Мар. Четири од шесте екипи проаѓаат во нокаут фазата во 1/16 финалето. На турнирот учествуваат вкупно 48 екипи, а се игра 5+1, главно по правилата на футсалот. Наградата за победникот е 200000 денари. Сите резултати, распореди и новости за турнирот можете да ги пратите на нивната фејсбук страна „Меморијален турнир во мал фудбал Љубанци“.

Бутоп во Љубанци ќе биде Аква Вардар коп

Како и што најавивме во неделата, исходот од преговорите со фирмата спонзор Аква Вардар коп се позитивни и Бутоп својата шеснаесетта сезона ќе ја започне со настап на турнирот во Љубанци. Двете страни направија одредени отстапки, па името Аква Вардар коп под кое екипата беше пријавена уште пред десетина дена кај организаторот останува исто. Тоа име ќе го носиме за време на нашиот настап на овој турнир. Сепак тимот кој ќе игра е практично Бутоп, играчите и целата организација останува на нас и ние сме наследници на резултатите. На оваа веб-страна ќе се претставуваме како Аква Вардар коп Бутоп за да не дојде до забуна кај јавноста. Договорени се и дресови на кои на предната страна ќе стои нашиот амблем, а на задната името на спонзорот.

Кире го кажа судбоносното да

Кирил Смиљковски во неделата (14.08.2022) го кажа судбоносното да и влезе во брак со својата избраничка Ребека. На тој начин нашата седмица оствари важна победа вон фудбалскиот терен и ја круниса долгогодишната љубов. ФК Бутоп им посакува благосостојба и среќа во заедничкиот живот.

Среќен роденден Андреј

На 6 август 2022 год. Андреј Димитровски го прослави својот триесетти роденден. Еден од основачите и легенда на Бутоп, познат е по својот победнички менталитет и упорност. Андреј досега запиша 259 настапи за нашиот клуб, а му посакуваме уште многу повеќе голови и победи, како и успеси на приватен план. Среќен роденден Андреј!

Летниот одмор заврши, повторно сме будни и активни

Околу еден месец и некој ден плус траеше комплетната летна пауза за ФК Бутоп, како на натпреварувачки план, така и во делот на нашата веб страница и планирањето на наредните активности. Од пред десетина дена започнавме со екипирање и подготовки за нашата шеснаесетта сезона, а од денес повторно ќе бидеме присутни и на интернет. Во фокусот периодов е турнирот во Љубанци и нашето евентуално учество таму. Спонзорот Аква Вардар коп кој ја пријави екипата со нашите играчи е веќе дел од турнирот кој стартува вечерва, останува да се договорат некои детали околу името на тимот и тоа дали е тоа всушност Бутоп и дали имаме право на тие резултати. Очекуваме позитивен исход од целата ситуација и официјален старт на новата сезона за Бутоп. Повеќе информации ќе следат набрзо. Во меѓувреме ќе објавиме за еден важен роденден кој го одбележавме пред осум дена.