October, 2020

now browsing by month

 

Битка за десетката

Деновиве во фокусот е пристигнувањето на новата гарнитура дресови на Бутоп, па играчите ги избираат своите броеви. Повеќето одлучија да продолжат со истата бројка на својот грб, но проблем се јави околу десетката. Имено, историски Јеткин беше првиот кој го носеше овој дрес. Сепак, откако се повреди, а потоа и замина за Турција да го продолжи своето образование, му го отстапи дресот на Кристијан Велковски. Сега Кико тврди дека тој треба да го добие бројот 10, иако Јеткин има силни адути во оваа полемика, а и поддршка од дел од постарите членови на Бутоп. Ќе видиме каква ќе биде конечната одлука. Од друга страна, прашањето кој ќе ја добие „единицата“ беше решено полесно затоа што Коки и Грмуш заеднички се сложија Колев да биде 1, а Грмуш 12, и покрај тоа што токму Ѓорѓиев во последните две сезони беше наш голман на сезоната.

Роденденска порака

И оваа година сакам да ја запазам традицијата да се обратам со една роденденска порака до соиграчите и поддржувачите на Бутоп:

Почитувани бутопци,

Изминативе шест месеци претставуваа голем и досега невиден предизвик за нашиот клуб, но и генерално за општеството и човештвото. Сепак, Бутоп покажа дека може да се носи со сите невољи и да излезе како победник од секоја ситуација. Сигурно сме еден од ретките тимови кои во доба на корона криза се одлучуваат за (но и воопшто можат да си дозволат) една инвестиција во нова опрема, но тоа ја покажува нашата постојаност и правилно работење. Свесен сум дека играчката и резултатската форма не се онакви какви што сакаме да бидат и какви што навивачите очекуваат, но не смееме да се предадеме. Мора да ги засукаме ракавите и да продолжиме со напорна работа, тоа е единствен начин да се подобриме. Жал ми е што не можам да помогнам на теренот, но затоа сум тука да се најдам во делот на администрацијата и логистиката. Знам дека ќе биде подобро.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Дресовите пристигнаа, следи принтање

Новите дресови на ФК Бутоп веќе пристигнаа, а овие денови ќе следи и нивното принтање. Денес нашиот тим работеше и на дизајнот на амблемот кој треба да се прилагоди на бојата на дресовите. Очекуваме играчите да ја добијат новата опрема најдоцна до 6 или 7 октомври.