January, 2019

now browsing by month

 

На денешен ден ја започнавме традицијата на зимски подготовки

Пред точно осум години, на 14 јануари 2011 година, започнаа првите зимски подготовки на ФК Бутоп. Оттогаш ова прерасна во традиција која се уште трае и ни ја дава основата за напорите што претстојат во пролетниот дел од сезоната. Годинешните ќе бидат деветти јануарски подготовки и ќе почнат најдоцна досега. Се надеваме дека тоа нема да влијае на нивната успешност, како и на формата и резултатите кои ќе ги прикажеме во месеците што доаѓаат. Еве ги датумите на кои го означувавме стартот на сите досегашни зимски подготовки:

2011: 14 јануари

2012: 11 јануари

2013: 11 јануари

2014: 15 јануари

2015: 11 јануари

2016: 9 јануари

2017: 10 јануари

2018: 8 јануари

Фото-библиотеката е преполна, мора да бришеме

Ако деновиве ги разгледувате постарите постови на нашата веб-страница можеби ќе забележите дека некаде фалат прикачените фотографии. Тоа е така затоа што библиотеката (media library) е веќе преполна, па моравме да почнеме со една „чистка“ за да имаме можност да прикачуваме нови, актуелни фотки. Секако, ќе внимаваме на тоа што ќе бришеме бидејќи во наш интерес е да ги задржиме поатрактивните фотографии подолго време во нашите објави.

Осврт на есенската полусезона 2018-2019

Заврши првата половина од сезоната 2018-2019, дванаесетта за ФК Бутоп. Ова е најсиромашната (според бројот на одиграни натпревари) есенска полусезона во нашата историја. Но, да одиме со ред.

Одигравме само 4 натпревари со половичен ефект од две победи и два порази. Започнавме со пораз од Дарко ФФМ (4-7) на 21.07, а им вративме на 02.11 со победа од 9-4. Во ноември ги одигравме и преостанатите два меча. Најпрво победа од 22-13 над Екипа Чаир (на 18.11), а потоа и пораз (7-8) од истиот противник седум дена подоцна. Гол разликата е позитивна, 42-32.

Финансиите се стабилни, исто како и состојбата со веб-страницата, која функционира со повремени проблеми, но сето тоа успеваме да го контролираме и решиме.

Тоа што ги загрижува нашите навивачи е фактот што во оваа полусезона синиот дрес ниту еднаш не го облекоа нашите легенди Кирил Смиљковски и Андреј Димитровски, како и носителите на играта од последниве сезони Кристијан Велковски и Марио Вангеловски. Сепак, редно е да објавиме дека нивните договори се стабилни и тие и понатаму се наши членови, едноставно не беа во можност да настапат во конкретните термини.

На овие 4 средби за Бутоп настапија 13 играчи: Анел Курт, Костадин Димовски, Игор Тасевски, Дарко Костовски, Кристијан Каравидов, Стефан Милошевиќ, Христијан Дончоски, Ристе Рики, Кирил Ѓоргиев Грмуш, Костадин Колев, Методиј Смиљковски, Дарко Николиќ и Фаик Зекири.

Свесни сме дека тимот е веројатно на најниското ниво во своето постоење, но тоа не ја менува нашата определба да опстоиме и да продолжиме да им пркосиме на сите проблеми. Како и секогаш, разгледуваме многу опции, разработуваме различни проекти во надеж дека сезонава ќе биде поуспешна од претходната. Годинава зимските подготовки ќе почнат подоцна од вообичаеното. Точниот датум за нивен почеток се уште не е познат, но не очекуваме да биде пред 15 јануари.

За крај, им го честитам денешниот празник Божик на сите кои го слават.

Со почит,

Дарко К.

Среќна Нова 2019 година!!!

ФК Бутоп им ја честита новата 2019 година на сите свои фудбалери, членови, навивачи и поддржувачи. Нека биде успешна и полна со здравје, среќа и незаборавни моменти!!!