February, 2025
now browsing by month
Другарите пресилни за бутопци
Бутоп со пораз ја отвори новата сезона во Маалската лига. Тимот на Другарство вчера (27.2.2025) беше подобар од нашите момци во текот на целиот натпревар, иако конечниот резултат 2-8 е можеби и превисок. Во нашиот состав пријатно изненади Иво Валчанов, кој беше најдобар на теренот и покажа дека на него може да се смета и во иднина.
Сезона 6 ја отвораат Бутоп и Другарство
Шестата сезона на Маалската лига почнува вечерва со натпреварот меѓу Бутоп и дебитантот Другарство (21:00). Бутопци се надеваат на поуспешна сезона откако во претходното издание на МЛ не дојдоа до ниту една победа. Денес за нас ќе настапат Смиљковски, Курт, Чаковски, Волчевски, Видиниќ, браќата Валчанови, а најавен е и дебитант помеѓу стативите.
Извршена ждрепката за Маалска лига
Вчера беше извршена ждрепката за првото коло од шестата сезона на Маалската лига, а со самото тоа беа објавени и имињата на шесте екипи учесници. Бутоп на стартот (утре, 27.2.2025) се среќава со дебитантот Другарство, додека во другите натпревари се среќаваат Алиенс и Пицерија Фор-ас, како и Галакси со Шкупи старс. Нашиот натпревар е прв на програмата и започнува во 21:00 часот на вообичаеното место, балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско поле.
Успешно сефте на старо-новиот домашен терен
Иако студено, вчерашното сончево попладне за бутопци донесе многу радост затоа што по долгогодишна пауза конечно настапивме на старо-новиот домашен терен во дворот на ОУ Живко Брајковски. Остварената победа над Немилосрдни (конечни 12-6) веројатно беше очекувана и дојде како резултат на мотивираноста на нашите момци кои настапија во силен состав со Николиќ, Каравидов и Костовски кои ротираа на позицијата голман-играч и браќата Валчанови кои го предводеа нападот.
Оваа победа е важна и поради тоа што конечно ги прекинавме најлошите негативни серии во нашата историја од осум последователни порази и единаесет натпревари без победа. Воедно, претставува убава увертира за претстојните предизвици во новата сезона на Маалската лига.
Интересен е податокот дека во претходните единаесет натпревари на Бутоп не играше Каравидов, кој последен пат настапи на 12.9.2024 кога всушност и ја остваривме последната победа пред оваа вчерашната. Генерално, на последните 13 натпревари на кои Каро не играл Бутоп не знае за победа, а последен пат без него во составот сме победиле на 18.4.2024. Од друга страна, на последните пет натпревари со Каравидов во поставата имаме само два порази.


По 18 години Бутоп се враќа дома
Прекрасна вест за сите симпатизери, но пред се за членовите на нашиот клуб е објавата за денешниот натпревар кој Бутоп ќе го одигра на новото теренче за мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски. По точно осумнаесет години пауза нашиот тим ќе игра под отворено небо на местото каде што и започна приказната за ФК Бутоп во таа 2007 година. Треба да напоменеме дека последен пат во салата Антон Димитров, која се наоѓа веднаш до старото игралиште, игравме во 2016 година, што повторно е долг период од девет години без настап на домашно тло. Наш противник денес е локалниот ривал Немилосрдни, а за нас ќе настапат Костовски, Каравидов, Иво Валчанов, како и повратниците од странство Дарко Николиќ (кој четири години нема настап) и Ристе Валчанов. Натпреварот е закажан за во 15:00 часот, а се игра со четири играчи во поле плус голман.

Студот го одложи стартот на Сезона 6
Студениот бран кој ја зафати нашата земја деновиве е причината што почетокот на новата, шеста сезона во Маалската лига е одложен за наредниот четврток. Ова ни дава дополнително време да се подготвиме за поуспешно продолжение на можеби најлошата сезона на резултатски план.
Домашниот терен во ново руво
Изминатиов период траеше реконструкцијата на теренчето за мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски во Бутел 1. Најпрво беше поставена вештачка трева и нова ограда околу игралиштето, а од пред неколку дена и нови голови со мрежи. Со тоа, нашата населба добива прекрасно место на кое младите таленти ќе можат да ги покажат своите вештини и да поминуваат многу повеќе време играјќи фудбал. Ова е добра вест и за Бутоп кој сега ќе има опција да игра натпревари на својот матичен домашен терен, или поточно на стотина метри од старото игралиште каде ја одигравме првата средба во далечната 2007 година.


Среќен роденден Каро
Денес (14.2.2025) Кристијан Каравидов го прославува својот 32. роденден. Каравидов е вистинска икона на клубот со досега запишани 309 настапи, 3 златни копачки и 12 избори во тимот на сезоната. Му посакуваме се најубаво. Среќен роденден Каро!

МЛ:Сезона 6 почнува на 20 февруари
Познат е датумот на почетокот на новото издание на Маалската лига. Сезона 6 треба да стартува наредниот четврток (20 февруари), што беше објавено денес на официјалната фејсбук страница на ова натпреварување.

Марио и Столе котираат високо на вечната листа на МЛ
Во исчекување на информацијата за стартот на новата сезона во Маалската лига фрламе поглед на вечните листи на ова натпреварување.
Кај стрелците Марио Вангеловски и натаму е во тесна трка за врвот, во моментов по пет одиграни сезони е втор со 52 гола, два помалку од првиот Раим Демир. Столе Чаковски истотака е во топ петте стрелци, делејќи го ова место со Сељо од Лукс кафе, со по 41 постигнат погодок.
На вечната табела на тимови Бутоп комотно се одржува на втората позиција со дури педесет бода помалку од лидерот Лукс кафе, а десет повеќе од третиот Албајрак Тенда.

