April, 2025

now browsing by month

 

Чаковски повторно најрасположен стрелец

Маалска лига денес на својата фејсбук страна ги објави комплетните резултати од Сезона 6, листата на топ 10 стрелци, како и некои статистички податоци кои вообичаено се дел од анализата по секоја завршена сезона. Од приложеното можеме да издвоиме дека Чаковски повторно беше најрасположениот голгетер меѓу бутопци и се најде во топ десетте стрелци, овојпат на делба на деветтото место со дванаесет постигнати голови. Истотака, Бутоп беше дел од најефикасниот натпревар во МЛС6 во поразот од Галакси со 8-16 кој се одигра во последното коло, на 17.04.2025. Деновиве на оваа веб-страница ќе го објавиме и деталниот преглед на играчите кои настапија за Бутоп пролетва во Маалска лига со бројот на нивните настапи и постигнати голови.

Половичен учинок во убавото пролетно попладне

Бутоп на одличен начин ги искористи вчерашното сончево попладне и слободната сабота одигрувајќи две официјални средби против составот на Примавера, кој по подолго време настапи заедно. Присуството на Николиќ, Мето Смиљковски и Костадин Колев, а истовремено откажувањето на Немилосрдни и Санчовци беа доволни да се направат два тима составени претежно од играчи кои веќе имаат настапувано за нашиот клуб. За Бутоп вчера настапија Милановски, Костовски, Димитровски, Каравидов, Димитар Колев, Адриан Река и младите Халид Арифи и Ринар Палоши. На спротивната страна освен претходно споменатата тројка (Даре, Мето и Коки) настапија и Никола (Стрико), Јан Стојкоски, Иво Валчанов и уште еден младинец. Првиот натпревар започна во 14:00 часот и во него бутопци доминираа и дојдоа до сигурна победа од 4-1. Во реваншот, кој започна во 14:50, момците од Примавера вратија со иста мера победувајќи со 6-3. Двата натпревари минаа во пријателска атмосфера, но не изостана борба на теренот, па оттука и заклучокот дека фудбалски денот беше искористен на вистински начин.

Локален саботен предизвик за бутопци

Бутоп денеска треба да одигра една, а можеби и две пријателски средби против локални противници на домашното игралиште во дворот на ОУ Живко Брајковски. Ова на некој начин е навраќање на почетоците кога во првите неколку сезони Бутоп своите натпревари најчесто ги играше во сабота на отворени игралишта насекаде низ Скопје. Денес во нашиот состав се најавени Колев, Костовски, Димитровски, Каравидов, Николиќ, Методиј Смиљковски, а можеби и Димовски Костадин.

Бутоп петти, Пицерија Фор-ас нов шампион

Се уште трае сумирањето на впечатоците од шестата сезона на Маалската лига, а ние во исчекување на подеталните анализи кои ќе бидат објавени и на официјалната страна на МЛ на фејсбук, ви ја прикажуваме конечната табела. Бутоп заврши на петтото место со девет освоени бода (три победи и седум порази) и со тоа забележа мал напредок во однос на претходната Сезона 5, кога освоивме само еден бод и бевме убедливо последни. Пицерија Фор-ас е новиот шампион, шести по ред. Тие го наследија тронот од Лукс кафе, иако е тоа практично истата екипа со две три засилувања од ланскиот тим на Интер Балкан.

Честит Велигден! Христос воскресе!

ФК Бутоп на сите христијански верници во Македонија им го честита денешниот празник Велигден со желби за здравје, мир, љубов и благосостојба. Христос воскресе! За многу години!

Заслужени пехари, но и благодарница

Освен пехарите за ферплеј екипа и најдобар голман, Бутоп завчера доби и благодарница за учеството во МЛ Сезона 6, за која честа да ја прими ја имаше нашиот Дарко Николиќ. Тој во четвртокот ја одигра третата средба пролетва во дресот на Бутоп, а четириесетта севкупно и на одличен начин го користи периодот на одмор тука во Македонија.

За самиот натпревар против Галакси и нема што да се каже многу затоа што нашиот состав беше разретчен поради отсуствата на речиси сите првотимци, па прашање беше само колкава ќе биде разликата на крајот. Конечните 8-16 се дури и задоволителни бидејќи во еден момент разликата изнесуваше минус дванаесет. Бутоп оваа сезона во МЛ ја заврши на петтата позиција, но повеќе детали и статистики околу ова ќе следат во наредниот период.

Трофеен ден за Бутоп и покрај поразот

И покрај убедливиот пораз од Галакси (конечни 8-16) вчерашниот ден 17 април 2025 година ќе остане запаметен како позитивен за Бутоп затоа што освоивме два трофеја. Сосемо заслужено во нашата витрина заврши трофејот за ферплеј екипа на Маалска лига Сезона 6, како и пехарот за најдобар голман. Оваа награда ја освои нашиот Хајрун Амети, човекот кој во февруари пристигна тивко, но со својата посветеност успеа на крајот да се избори за ова признание.

Сезона 6 ја затвораме со Галакси

Вечерва се игра последното коло од МЛ Сезона 6 во кое Бутоп игра натпревар без посебен резултатски императив, освен одбраната на својата чест, против тимот на Галакси. Иако во првата средба одиграна во петтото коло бутопци беа поуспешни од денешниот ривал, работите во меѓувреме се сменија. Нашите момци влегоа во лош ритам и се наоѓаат во серија од три порази. Дополнителен проблем е отсуството на комплетниот прв тим. Натпреварот започнува во 22:45.

Пружениот отпор доволен за минимален пораз

Бутоп забележа нов пораз во Маалската лига откако вчера од нас поуспешен беше тимот на Пицерија Фор-ас со конечен резултат 6-8. Овие три бода го крунисаа нашиот противник во нов, шести шампион на ова натпреварување. Може да се каже дека бутопци пружија пристоен отпор кој сепак не беше доволен за нешто повеќе од минимален пораз. Во нашиот состав се најдоа Хајрун, Смиљковски, Костовски, Николиќ, Боби Вучевски, Чаковски и Кристијан Велковски кој со неколку одлични потези и трите постигнати гола потсети зошто пред неколку години ја наследи десетката на грбот од Јеткин Сезаир.

Во борба со најсилниот, за својата чест

Бутоп денес од 19:00 часот го игра натпреварот од деветтото коло на МЛС6 против најсилниот во друштвото и лидерот на табелата Пицерија Фор-ас. Како ќе изгледа нашиот тим вечерва по двата несреќни порази во минатите две кола и силно погоден од повредите на неколку играчи е големо прашање на кое ќе добиеме одговор некаде пред 20:00 часот кога ќе заврши натпреварот.