April, 2019

now browsing by month

 

Коки по вторпат е шампион на Македонија

Костадин Колев со својот Шкупи ја освоија втората шампионска титула во футсал првенството на Македонија. Минатиот четврток (25.04.2019) дојдоа заверката и прославата на овој успех, а повеќе фотографии може да најдете на веб-страницата на ФК Шкупи, клуб кој по една година пауза се врати на врвот на македонскиот футсал. Честитки за нашиот Коки!

Честит Велигден

ФК Бутоп им го честита денешниот христијански празник Велигден на сите свои членови и поддржувачи кои го прославуваат.

Христос воскресна! Честит Велигден!

Светнаа рефлектори во Живко

Изминатиов викенд беа поставени четири рефлектори на мултифункционалното теренче во дворот на ОУ Живко Брајковски во Бутел 1. Тоа значи дека за првпат еден отворен терен за мал фудбал (или ракомет) во овој дел од населбата добива осветлување. Повозрасните сигурно се сеќаваат дека на местото на сегашната зграда на општината постоеше кошаркарски терен кој имаше рефлектори. Веднаш до него, фудбалското игралиште (пред салата Антон Димитров) никогаш не доби осветлување, а стативите на истото беа исечени пред неполни осум години, на 26 септември 2011 година.

Се надеваме дека поставувањето на овие рефлектори е најава за понатамошни вложувања во спортската инфраструктура во нашата општина, а воедно го потсетуваме градоначалникот на неговото ветување за 40-метарско отворено фудбалско игралиште во Бутел 1.

Фудбалерите на Бутоп се вратија на тренинзите

По тринеделната пауза, викендов нашите фудбалери повторно се активираа и се вратија во тренинг-ритам. Поради работни обврски беше невозможно сите да тренираат заедно, но поголемиот дел од нив работат по индивидуалната програма од клубот. Очекуваме деновиве да се договори и некој натпревар, а во тек се преговори да се закаже термин за одигрување на една таква пријателска средба.

Коки во 9 + 2 X 3

Од денес стартува новата рубрика на нашата веб-страница, наречена 9 + 2 X 3. Таа ќе се состои од девет кратки прашања на кои нашите фудбалери ќе треба брзо да се одлучат помеѓу два одговора. На следните две прашања тие ќе треба да набројат три нешта на кои први ќе се сетат. Прашањата главно не се поврзани со фудбалот. На овој начин сакаме на нашите фанови да им ги доближиме фудбалерите на Бутоп и да им овозможиме малку да ѕирнат во нивната приватност. Костадин Колев ја има честа да биде првиот. Негов соговорник беше Дарко Костовски.

Коки, спремен си, почнуваме?

Пукај…

  1. Пица или тавче-гравче?

Пица

  1. Ранобудник си или ноќна птица?

Ноќна птица

  1. Путин или Трамп?

Путин

  1. Ла кафе или Бајка?

Ааууу… овде… А го очекував ова. Ајде ќе кажам сепак Ла.

  1. Диско или кафана?

Фффф.. па повеќе диско.

  1. Театар или кино?

Театар

  1. На плажа или на скијање?

Плажа

  1. Кебапчилница или бурекчилница?

Кебапчилница

  1. Јала или Буба?

Еееиии хаха ха… Јала.

* Три омилени фудбалски клубови?

Милан, Ливерпул, Борусија Дортмунд. Нека бидат европски.

* Три македонски претставници на евровизија?

Ѓоко Танески, Елена и Тоше. Леле, кај ми текна Ѓоко прв… Тоа е.

Коки фала.

Нема проблем.

 

Февруари и март во 2019 и низ историјата

Изминативе два месеци (февруари и март) Бутоп го држеше убавиот ритам на натпревари кој го започнавме уште во јануари. Во вториот и третиот месец од годинава игравме само против Екипа Чаир, во февруари во салата, а во март во балонот на СУГС Зеф Љуш Марку во Север. Скорот и во февруари, како и во март, ни е по две победи и два порази. Ако ја погледнеме вкупната статистика низ историјата на Бутоп, ќе заклучиме дека во овој период од годината сме традиционално активни. Нешто поуспешни сме во февруари каде на 33 натпревари имаме скор 23 победи, 2 нерешени и 8 порази. Во март на 32 средби имаме 17 победи, 2 нерешени и 13 порази.