September, 2023
now browsing by month
Несреќен пораз во последната минута
Бутоп вчера забележа несреќен пораз во драматичниот натпревар против Ак. Ќерим кој заврши 3-2. Второ коло и втор пораз за нашите момци, а можеше да биде поинаку. Противникот поведе со 1-0, но на почетокот на второто полувреме следеше наш пресврт во оваа тврда пресметка. Момците во бело брзо израмнија па последните десетина минути беа драма со среќен крај токму за нив, откако искористија една контра за конечни Бутоп – Ак. Ќерим 2:3. За нас настапија играчите кои беа најавени, а стрелци на головите беа Каравидов и Курт.
Вечерва искуството ќе биде нашиот адут
На три часа пред почетокот на вечерашниот натпревар (21:20) против Ак. Ќерим ви го презентираме составот со кој ќе истрча Бутоп. Во поставата се враќаат искусните Курт, Димитровски, Каравидов и Велковски, а тука се и Костовски, Амар Вукељ и Чаковски кои играа и во првото коло.
Утре на мегдан со Ак. Ќерим
Бутоп утревечер ја затвора програмата на второто коло во Маалската лига со натпреварот закажан за во 21:20 часот против тимот на Ак. Ќерим. Оваа екипа ланската сезона настапуваше под името Барбер шоп Енис и со нив се сретнавме три пати. Скорот е изедначен, по една победа за двете екипи и едно реми.
Сила само за достоен пораз
Вчера нашите момци со пораз ја започнаа новата сезона во Маалската лига. Конечните 6-11 во дуелот со Таверна Шкупи се реален приказ на случувањата на теренот. Бутопци одржуваа егал во првите петнаесетина минути, но пред крајот на полувремето противникот дојде до плус два и веднаш стави до знаење дека неизвесност нема да има. За нас по два гола постигнаа Столе Чаковски и Амар Вукељ, а по еден гол дебитантите Васил и Омер. Настапија и Волчевски и Костовски, кој бранеше. Во останатите средби победи забележаа Алиенс (5-0) против АММ-Тим, Дрим тим (13-8) против Албајрак Тенда и Ак. Ќерим (7-5) против Шеча.
Почнува новата сезона, Бутоп осакатен на стартот
Конечно дојде денот за почеток на новата сезона на нашиот тим, седумнаесетта во историјата. Воедно, вечерва од 19:00 часот ја отвараме третата сезона на Маалската лига со дуелот против Таверна Шкупи. За жал, тимот е разретчен затоа што ниту еден од првотимците не може да настапи. Се надеваме дека резервистите и играчите кои се јавија на позајмица ќе можат да пружат достоен отпор на силниот противник.
Познати имињата на ривалите во МЛ
Вчерашната ждрепка одлучи Бутоп во првото коло на Маалската лига да се сретне со старите познаници, овојпат во тимот на Таверна Шкупи. Секако, познати се имињата и на останатите шест противници: Алиенс, Ак. Ќерим, АММ-Тим, Дрим тим, Албајрак Тенда и Шеча. Засега нема доволно информации да може да се издвојат фаворитите, па можеби ова ќе биде најизедначената сезона досега, времето ќе покаже.
Првиот предизвик се вика Таверна Шкупи
Бутоп во четврток ќе ја има честа да ја отвори третата сезона на Маалската лига со дуелот против Таверна Шкупи кој е прв на програмата и е закажан во 19:00 часот. Ова сепак е тим кој ни е многу добро познат бидејќи поголемиот дел од играчите го сочинуваа Лукс кафе, па можеби станува збор само за промена на името на тимот. Ждрепката беше одржана денес, а форматот на натпреварувањето останува ист како во претходната сезона, со осум тимови и десет кола на програмата.
Уште три дена до почетокот на новата сезона
Уште само три дена не делат од почетокот на новата, седумнаесетта сезона на ФК Бутоп. Како што најавивме, овој четврток се игра првото коло од третата сезона на Маалската лига, а противникот и комплетниот распоред би требало да бидат познати утре за кога е закажана ждрепката.
Среќен роденден Бутоп
ФК Бутоп денес полни 16 години. На денешен ден, 15 септември 2007. година започна приказната на нашиот тим кој низ годините прерасна во препознатлив бренд на скопската фудбалска мапа. Нека ни е среќен роденденот и нека биде оваа сезона исполнета со многу успеси!
Стартот на Маалската лига на 21 септември
Маалската лига во мал фудбал на својата официјална фејсбук страна денес објави дека почетокот на третата сезона ќе биде на 21 септември, наредниот четврток. Тоа значи дека Бутоп и другите екипи учесници имаат уште само осум дена да се подготват за битките кои ќе го дадат новиот шампион во ова натпреварување. Актуелен освојувач на трофејот е Љуботенски пат.