Успешно сефте на старо-новиот домашен терен

Иако студено, вчерашното сончево попладне за бутопци донесе многу радост затоа што по долгогодишна пауза конечно настапивме на старо-новиот домашен терен во дворот на ОУ Живко Брајковски. Остварената победа над Немилосрдни (конечни 12-6) веројатно беше очекувана и дојде како резултат на мотивираноста на нашите момци кои настапија во силен состав со Николиќ, Каравидов и Костовски кои ротираа на позицијата голман-играч и браќата Валчанови кои го предводеа нападот.

Оваа победа е важна и поради тоа што конечно ги прекинавме најлошите негативни серии во нашата историја од осум последователни порази и единаесет натпревари без победа. Воедно, претставува убава увертира за претстојните предизвици во новата сезона на Маалската лига.

Интересен е податокот дека во претходните единаесет натпревари на Бутоп не играше Каравидов, кој последен пат настапи на 12.9.2024 кога всушност и ја остваривме последната победа пред оваа вчерашната. Генерално, на последните 13 натпревари на кои Каро не играл Бутоп не знае за победа, а последен пат без него во составот сме победиле на 18.4.2024. Од друга страна, на последните пет натпревари со Каравидов во поставата имаме само два порази.

Posted in АКТУЕЛНОСТИ | Comments Off on Успешно сефте на старо-новиот домашен терен




Comments are Closed