January, 2017
now browsing by month
Успешно комплетирани јануарските подготовки
Бутоп успешно ги комплетираше јануарските подготовки, или оној базичен дел зимски подготовки кои веќе станаа вообичаена пракса во нашиот клуб. Како што веќе бевте информирани, тие започнаа на 10 јануари. Првите девет дена се набиваше километража, следеа два дена пауза, за во следните девет дена акцентот да се стави и на зголемувањето на физичката сила. Наш редовен на моменти противник, а на моменти сојузник, беше снежната покривка која упорно се натпреваруваше со нас. Интензитетот на самите тренинзи не беше на највисоко ниво поради константните температури под нулата, но ниту тоа не не попречи во реализирањето на поголемиот дел од замислената програма. Јануарските подготовки за нас завршија завчера (29.01) што значи дека го трошиме вториот од предвидените три дена пауза, за потоа полека да влегуваме во потребниот ритам за претстојната полусезона.
Среќен роденден Коки и Харис!!!
Денес (28 јануари) е среќен ден за Бутоп затоа што двајца наши играчи ги слават своите родендени. И двајцата се родени во Скопје, Харис Фекиќ во 1993 г, а Костадин Колев во 1995 г. И Харис и Коки имаат легендарен статус во нашиот клуб. Фекиќ како еден од столбовите на нашата одбрана со 173 настапи досега во синиот дрес, а Колев со еден куп рекорди меѓу стативите и 75 настапи за Бутоп до овој момент.
Им посакуваме многу среќа и успеси и во иднина и многу нови победи со Бутоп. Среќен роденден Коки и Харис!!!
Низ историјата… (24 јануари)
24 јануари донел два натпревари низ нашата историја.
Првиот сме го одиграле во 2011. година и е значаен бидејќи тоа беше нашиот јубилеен стоти натпревар. Го одигравме во салата Антон Димитров (17:00 часот) против Бутел Село и славевме со убедливи 5-0. За Бутоп тој ден настапија: Пејков, Курт, Колашинац, Костовски, Смиљковски, Каравидов во стартната постава, а во игра влезе и Димитровски.
Вториот беше лани (2016), се одигра во салата на СУГС Зеф Љуш Марку (16:00 часот), а противник ни беше тимот на Мојсовски-Џезо. И повторно победа, овојпат 5-4. За Бутоп на тој натпревар во првата постава настапија: Колев, Курт, Димитровски, Вангеловски, Велковски и Каравидов, а во игра влезе и Костовски.
Среќен роденден Мето!!!
На денешен ден, 16 јануари 1995 година во Скопје е роден Методиј Смиљковски. Мето е дел од тимот на Бутоп уште од самите почетоци на нашиот клуб, а во меѓувреме својата кариера ја гради и низ настапите за нашиот подмладок, или Примавера, каде што несомнено се промовираше како еден од лидерите. За Бутоп досега собра 56 настапи.
Му посакуваме се најдобро на приватен и на професионален план. Среќен роденден Мето!!!
Бутопци ги запалија моторите…
Според планираното, Бутоп вчера (10 јануари) ги започна своите зимски подготовки. Студеното време и температурата од -7 не ги спречија Бутопци точно во 14:30 да ги „запалат моторите“ и да го започнат својот прв тренинг во оваа година. Како што и најавивме тренингот се одработи на старото теренче Живко Брајковски кое деновиве се наоѓа под снежна покривка. Тоа како да беше дополнителен мотив за нашите фудбалери покрај симболичното истрчување десетина должини да поработат и со топка. Кире се погрижи за уште подинамичен тренинг откако ја донесе и Нала (неговиот мал лабрадор) која ни се приклучи и уживаше откако ја ставивме во „шева“. Снимки од ова може да најдете на Фејсбук и Инстаграм профилите на Кире Смиљковски. Овде ви нудиме три фотографии од првиот ден од зимските подготовки, а комплетната фотогалерија очекувајте да ја објавиме утре.
Зимските подготовки почнуваат на 10 јануари (вторник)
Зимските подготовки на Бутоп оваа година ќе започнат во вторник, 10 јануари. Првата средба и тренинг вообичаено ќе се одржат на теренот за мал фудбал во дворот на Основното Училиште Живко Брајковски во Бутел 1, со почеток во 14:30. Првите денови со сигурност се одработуваат во Скопје, најверојатно со по еден тренинг во истиот термин (14:30). Плановите за понатамошниот тек на тренинзите ќе зависи и од временските услови во земјава, а вие ќе бидете благовремено известени за сите детали на овој веб сајт. Ова се седми по ред јануарски зимски подготовки на нашиот тим, а традицијата почна на 14 јануари 2011-та на истото теренче на кое стартуваме и овој вторник.
Осврт на есенската полусезона 2016-2017
Осврт на есенската полусезона 2016/2017
Тековнава е јубилејна десетта сезона за тимот на Бутоп, а изминатава (есенска) полуетапа можеби не беше една од најплодните, но секако беше исполнета со многу моменти кои вредат да се одбележат во веќе традиционалниот осврт што го правиме на крајот од првиот дел од сезоната.
Одигравме 10 натпревари на кои остваривме скор од 4 победи, 3 нерешени и 3 порази, слично на ланскиот скор во истиов период (4-1-3). Важна разлика е што оваа сезона направивме своевиден „кам-бек“ на турнирите, откако целата мината сезона 2015-2016 не настапивме на ниту еден.
Традиционалниот турнир Аеродром Скопје 2016 во СЦ Ново Лисиче беше нашата појдовна точка. Нашиот биланс таму беше половичен. Во групата остваривме по две победи и порази, а потоа во 1/16 финалето бевме елиминирани по пенал-рулетот. Стартувавме со убедливата победа над ПС Аеродром (7-0), а продолживме со уште позначајната победа над Рома Шутка (5-3). Следеше големиот спектакл на денот на нашиот деветти роденден (15.09) и натпреварот со Спорт Кафе СЦ Аеродром (пораз од 1-2) каде што настапуваа голем број македонски футсал репрезентативци. Наредниот меч со Импери (пораз од 1-3) беше уште еден важен момент – нашиот јубилеен 300-ти натпревар. 1/16 финалето со Воденица 3 (1-1 во регуларниот дел) не беше натпревар за луѓе со слаби нерви, исход – елиминација по изведувањето на пенали (3-4).
По овие пет натпревари во СЦ Ново Лисиче следеше помирниот дел од полусезоната, во кој одигравме четири натпревари во салата Антон Димитров (сите со Примавера) и еден во балонот кај ОУ Пенко во Скопје Север (со Албион Север, нерешено 7-7). Против Примавера почнавме со победа (13-9), следеа пораз (5-7) и нерешено (5-5) за есенската полусезона да ја завршиме со мајсторката со нив и победата од 11-8 на Боксинг деј.
За Бутоп во овие шест месеци настапија 18 фудбалери, следниве 12 беа дел од турнирот во СЦ Ново Лисиче: Костадин Колев, Андреј Димитровски, Методиј Смиљковски, Дарко Костовски, Харис Фекиќ, Кристијан Велковски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Јеткин Сезаир, Кристијан Каравидов, Марио Вангеловски, Горјан Василев, а на останатите натпревари за нас заиграа и Енис, Филип Пејков, Елиф Елмас, Пецев, Денис и Стефан Милошевиќ.
Индивидуално се издвоија Марио, Коки и Елиф. Првиот како наш најдобар играч и стрелец на турнирот Аеродром Скопје 2016, од каде што се уште ја влече повредата заработена со Спорт Кафе (му посакуваме што побрзо враќање на терените). Коки како наш најприсутен член на фудбалските терени, а Елиф како играч кој настапуваше и за нас и против нас, а се закити со ласкавото признание најдобар млад фудбалер во Македонија.
Повеќе информации, статистики и интервјуа следат секако на нашиот веб портал, а уште во наредниве ден-два очекувајте известување за почетокот и планираниот тек на овогодишните зимски подготовки на Бутоп.
Со почит,
Дарко К.
Колев е суперактивен и во зима!
Кога би доделувале награда за најактивен член на ФК Бутоп, таа сигурно би заминала во рацете на Костадин Колев, кој во изминативе месеци имаше многу забележителни настапи за Бутоп, но и на други фронтови.
Така кон средината на изминатиот месец тој беше дел од екипата на Алсат М на традиционалниот турнир на медиуми во организација на Спортското радио 90.3. Неговиот учинок беше за секоја пофалба. Откако се прошетаа низ групната фаза и четвртфиналето, Алсат М се исправија пред вистински предизвик во полуфиналето и натпреварот против тимот на Радио 5 ФМ од Велес. Токму Колев беше херојот на Алсат откако во пенал рулетот „фати“ два пенала, а и беше стрелец на одлучувачкиот гол од пенал, вреден влез во финалето. Таму сепак тимот на Коки беше поразен од МТВ 2 со конечни 6-2.
Истотака треба да се потсетиме и на тоа дека во изминатава полусезона нашата „единица“ полека го бараше своето место и во футсал тимот на Шкупи, каде запиша неколку настапи. Чаирчани на зимската пауза заминаа како ко-лидери на табелата заедно со тимот на Велес. Му посакуваме на Костадин Колев успешно да продолжи да ја гради својата кариера во Бутоп, но и надвор во другите футсал и фудбалски тимови.
Среќна нова 2017!!!
Играчите и управата на Бутоп на своите приврзаници и поддржувачи им ја честитаат новата 2017 година. На сите вас ви посакуваме многу здравје, среќа, благосостојба и успеси во новата година.
Среќна нова 2017 година!!!