Archives
now browsing by author
Ни „снема бензин“ за Добри дол
Вчерашниот ден донесе уште еден службен пораз за Бутоп откако не успеавме да собереме играчи за натпреварот против екипата на Никола Саздовски Саздо. На тој начин со три порази го завршивме нашиот настап во групата В на турнирот „Спасовден“ 2025 во Добри дол. Од нашата група во нокаут фазата поминаа екипите на Палачинкара Дори и Никола Саздовски Саздо, на кои им посакуваме успех во понатамошниот дел од турнирот.

Службен пораз во второто коло
Вчеравечер (30.05.2025) Бутоп забележа службен пораз 0-3 на натпреварот со Побожје, кој за нас беше втор на турнирот „Спасовден“. Причината за ваквиот расплет беше неможноста да собереме играчи. Со овој пораз Бутоп ги загуби шансите за прогрес во нокаут фазата. И покрај ова ние ќе се обидеме да се екипираме за денешниот натпревар против тимот на Никола Саздовски – Саздо со кој ќе го завршиме овогодишниот настап во Добри дол. Почетокот на средбата е закажан во 19:00 часот.

Побожје следен противник
Утре (30.05.2025) на турнирот во Добри дол Бутоп се среќава со тимот на Побожје во натпревар чијшто почеток е закажан за во 21:15 часот. Ова ќе биде трето соочување на овие две екипи, а прво по дури четиринаесет години. Скорот е изедначен со по една победа. На 8 јули 2009-та бутопци славеа со 4-3 на средбата одиграна во Кучевиште, а две години подоцна, на 2 септември 2011-та Побожје победи во Љубанци. Утрешниот натпревар против фаворизираниот противник за нашите момци носи императив победа ако сакаме да ги задржиме шансите за пласман во четвртфиналето.
Бутопци останаа без десерт
Нашите момци со пораз го отворија настапот на турнирот „Спасовден“ во Добри дол откако вчера (26.5.2025) беа поразени од тимот на Палачинкара Дори со резултат 0-4. Искусниот противник постави одлична дефанзива, а знаеше и како да ги искористи шансите во нападот, па уште на полувреме водеше со високи 3-0. Бутопци во второто полувреме одиграа подобро, но сепак не успеаја да најдат начин да го загрозат противничкиот голман. За Бутоп настапија Колев, Каравидов, Курт, Костовски, Реџеп и Видиниќ. Капитенот Костовски на овој натпревар одбележа значаен јубилеј – 400 настапи во дресот на Бутоп.


Отвараме со Палачинкара Дори
Вечерва со почеток во 19:45 Бутоп го игра својот прв натпревар на турнирот Спасовден 2025 во Добри дол, а противник ќе ни биде екипата на Палачинкара Дори. Кај нас во составот за денешната средба ќе се најдат: Колев, Каравидов, Реџеп, Костовски, Курт, Велковски и Видиниќ.
Три предизвици во групата В
Вчерашната ждрепка го смести Бутоп во групата В на турнирот „Спасовден 2025“ во Добри дол. Пред нас се три натпревари против екипите на Палачинкара Дори, Никола Саздовски – Саздо и Побожје. На турнирот има четири групи, првите две екипи од секоја група продолжуваат во четвртфиналната фаза. Бутопци својот прв натпревар би требало да го играат утре, во исчекување сме на официјалниот распоред за првото коло.
Коки и Енис за посилен Бутоп
Нашиот ростер за турнирот „Спасовден“ во Добри дол чијшто почеток се одложи за утре ќе биде засилен со двоецот на КМФ Балкан, Костадин Колев и Енис Реџеп. За Коки нема потреба од посебна најава бидејќи тој е голманот со најмногу настапи за Бутоп и шест пати по ред беше наш голман на сезоната од 2012/2013 до 2017/2018-та. Ниту Енис не е непознато лице кога е во прашање нашиот тим затоа што досега забележа десет настапи во синиот дрес, а особено важна улога имаше во сезоната 2019/2020 кога ја освои златната копачка на ФК Бутоп. Со оваа објава ги потврдуваме шпекулациите кои се појавија денес, а кои се однесуваа на ангажманот на Реџеп во Бутоп.

Бутоп ќе игра во Добри дол
Во текот на вчерашниот ден Бутоп го потврди своето учество на претстојниот турнир „Спасовден“ во Добри дол. Оваа вест дојде на задоволство на сите поддржувачи, но и на членовите на тимот кои пристапуваат кон оваа акција со голем ентузијазам. Почетокот на турнирот е закажан за в сабота (24 мај).

Симболичен настап со хуманитарна цел
Бутоп вчера (18.05.2025) имаше симболичен настап на хуманитарен турнир во соседна Србија на кој се собираа средства за лекување на младата Милица. Младината на врањското село Златокоп за кратко време успеа да го организира овој еднодневен настан на кој учествуваа осум екипи. Бутопци забележаа службен пораз од 3-0 во претквалификациската фаза од локалниот тим Голден коп.



Објавени вечните листи на МЛ
Маалската лига на својот фејсбук профил ги објави вечната табела и вечната листа на стрелци по одигрувањето на Сезона 6. Бутоп се зацврсти на вечната табела на втората позиција зад се уште тешко достижниот Лукс кафе, а пред старите ривали Алиенс на третата. На листата на стрелци која ја предводи Фаризи има дури седум наши играчи во топ 30. Вангеловски е петти со 55 гола, веднаш зад него е Чаковски со 53 (првите две сезони играше за својот матичен тим Сент Патрик), Велковски е 14-ти со 31 гол, Волчевски, кој како и Чаковски ни се придружи од тимот на Сент Патрик, е 18-ти со 28 гола, Смиљковски и Димитровски се на делба на 22 -та позиција со по 26 гола и Анел Курт е 29-ти со 23 постигнати погодоци во досегашните шест сезони.

