ИЗВЕШТАИ

now browsing by category

 

Сезона 2023/2024

Сезоната 2023/2024 беше седумнаесетта во постоењето на ФК Бутоп. Во овој годишен извештај ќе се обидеме да се осврнеме на најважните моменти кои ја одбележаа истата.

Веднаш ќе почнеме со потсетување на тоа дека по пауза од цели петнаесет години успеавме клупската витрина да ја збогатиме со тимски пехари и тоа најпрво со пехарот за ферплеј екипа на Сезона 3 од Маалската лига освоен есеноска, а потоа и повредниот пехар за освоеното трето место во четвртата сезона на истото натпреварување, освоен оваа пролет. Ако гледаме чисто статистички, јасен е напредокот во однос на минатата сезона кога срушивме неколку негативни рекорди, како оној за најмал процент освоени бодови (тогаш 37%, а сега 43,9%). Уште еден во низата примери е просекот на постигнати голови кој порасна на 5,9 во споредба со ланските 4,8 кои беа втор најлош учинок во историјата по оној во сезоната 2010/2011 (4,0). Основните бројки изгледаат вака:

Сезонава одигравме 22 натпревари со скор од 9 победи, 2 нерешени и 11 порази. Гол разликата е 130 постигнати и 132 примени голови. Просекот на постигнати голови е 5,9, на примени – 6 по натпревар, или вкупно на нашите натпревари се постигнати 262 погодоци (11,9 во просек).

Една од причините зошто е важна споредбата на штотуку завршената сезона со онаа пред нејзе е фактот дека двете доста наликуваа една на друга поради учеството во Маалската лига, нашиот проект кој успеавме да го одржиме и постепено надградиме четири полусезони по ред. Па така 20 од нашите 22 натпревари се одиграни како дел од Маалската лига и радува тоа што бројките покажуваат очигледен напредок, особено во пролетниот дел кога и го освоивме третото место во МЛ Сезона 4. Уште еден генерален впечаток е дека поголемиот дел од средбите беа неизвесни и оттука немаше многу случаи на убедливи победи или порази. Најубедливите порази ни се од Таверна Шкупи Лукс кафе (6-11, на 21.9.2023) и од Шеча (5-10, на 8.11.2023), а најубедливата победа ја остваривме против Алиенс (11-5, на 18.4.2024). Нашиот одличен финиш на сезоната одговара на изреката дека по дождот доаѓа сонце ако се знае дека во еден момент се најдовме во серија од пет последователни порази и на само еден неуспех до израмнување на негативниот рекорд за порази во низа, но победата против Ак. Ќерим (6-4, на 14.3.2024) како да го сврте моментумот во полза на бутопци кои до крајот на пролетниот дел одиграа многу подобро.

Балонот кај ОУ „Рајко Жинзифов“ во Топанско поле полека се наметнува како наш домашен терен последниве неколку години, па во измината сезона таму одигравме 21 средба со скор 9-2-10. Само еднаш игравме на друго место, во балонот кај ОУ „Пенко“ во Север каде остваривме пораз. Сезонава имавме само 8 противници: ТШ Лукс кафе, Ак. Ќерим (поранешен Барбер шоп Енис), Шеча, Алиенс, Дрим тим, Албајрак Тенда, АММ-Тим и Бутел Илхан. Најмногу средби (5) одигравме со момците од Ак. Ќерим (3 победи и 2 порази), а четири пати се соочивме со АММ-Тим со половичен успех од по две победи за секоја екипа.

Една од целите кои си ги поставивме пред почетокот на сезоната минатото лето беше да ја достигнеме котата од 30 одиграни натпревари, која за жал не успеавме да ја исполниме. Сепак, одржувањето на уште две сезони на Маалската лига го надополнува сето тоа како еден приоритет кој успешно го реализиравме. Нашите момци од друга страна беа активни низ целата сезона, па Курт и Велковски ја предводеа екипата на Корпа во нејзиното прво учество во Бизнис лигата, Димитровски и Смиљковски успешно настапуваа во тимот на Видиниќ во период од неколку месеци, Колев редовно беше дел од тимот на КМФ Бутел во нивните битки во футсал лигата на Македонија, па во еден момент беше поврзуван и со можен трансфер во Шпанија. Анел Курт на 8.11.2023 на натпреварот со Шеча го одигра својот 300 натпревар за Бутоп со што стана четвртиот член на елитниот клуб 300 каде се уште и Костовски, Смиљковски и Каравидов. Зимските подготовки се одржаа по 14. пат и траеја 20 дена, а нашите момци освен натпреварите и тренинзите имаа и повремени организирани дружења, како заедничкото присуство на натпреварот од квалификациите за Европското првенство меѓу Македонија и Италија на Градскиот стадион во Скопје.

Во делот на индивидуалната статистика ќе почнеме со вкупниот број на играчи кои настапија – 26, што е во рамките на востановената практика од претходните три сезони (25 и два пати по 27). Во тимот на сезоната се најдоа три исти играчи како и лани: Костовски (на позицијата голман) со 13 настапи, Курт со 16 настапи и Смиљковски со 12. Вистинско освежување годинава беше тандемот кој ни пристигна од Сент Патрик, Чаковски (кој има најмногу настапи сезонава од сите играчи, 18) и Волчевски (12 настапи) кои заедно со Димитровски (15 настапи) го комплетираат тимот на сезоната. Двоцифрен беше уште и Велковски со 11 настапи, а потоа следат Вучевски со 8, Вангеловски со 7, Каравидов со 6 и Амар Вукељ со 5 настапи. Тројца играчи настапија по два пати: Жерновски, Колев и Желка, а дури 12 играчи запишаа по еден настап: Васил, Ристе Валчанов, Омер, Муки, Кристијан Димовиќ, Бесим Кики, Раим Демир, Фатмир Зука, Никола Џон, Ерман, Ристе Кичовски и Глигоров Алек. Во посебна објава ќе презентираме повеќе детали за трката за златната копачка која овојпат ја поделија Марио Вангеловски и Столе Чаковски.

Работата и функционирањето на веб-страницата и понатаму не позиционира како еден од најтранспарентните професионални или аматерски клубови во земјата. Оваа година имавме 107 објави, што е втора најдобра бројка зад рекордните 128 од претходната 2022/2023 сезона, а пред 103-те објави од сезоната 2020/2021. По месеци почнувајќи од јули 2023 бројот на објави изгледаше вака: 5, 2, 15, 14, 13, 2, 5, 11, 14, 15, 7 и 4. Истовремено продолживме со уредување на фејсбук страната на Маалска лига со навремени известувања и објави за сите резултати, распореди и новости. На почетокот на јуни беше продолжена лиценцата за дополнителни 365 дена. Токму во делот на веб страницата ви најавуваме дополнително освежување и збогатување на содржините за време на овие летни месеци, но и во текот на целата сезона.

Финансиското работење за изминатата сезона би можеле да го наречеме и повеќе од домаќинско затоа што трошоците достигнаа само 11500 денари, многу помалку споредено со претходните три сезони на пример (22000, 23000, 23500). Само еднаш сме потрошиле помалку пари откако ја водиме оваа статистика и тоа во сезоната 2017/2018 со потрошени 7000 денари.

Веќе се работи на плановите за наредната сезона во која се надеваме дека конечно ќе дојдеме и до нов трофеј, но и до повеќе одиграни натпревари. Во фокусот останува развојот на Маалската лига и на онлајн платформите на Бутоп и МЛ, како и заштитата на овие брендови. Меѓу другото, извесно е дека ќе имаме инвестиции во нова опрема и во општествено одговорни активности. Во план е и организирање на неколку тим-билдинг настани и учество на турнири и натпревари во странство.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Сезона 2022/2023

Сезоната 2022/2023 беше шеснаесетта во историјата на ФК Бутоп. Во овој годишен извештај ќе се обидеме да ги презентираме најважните статистики и моменти од изминатите дванаесет месеци.

Бројот на одиграни натпревари е 27, најмногу во последните осум сезони, или седма најактивна сезона. Скорот е негативен: 9 победи, 3 нерешени и 15 порази со 132 постигнати (4,8 во просек) и 158 примени (5,8 во просек) голови, или вкупно 290 голови (10,7 просечно по натпревар).

Веднаш треба да напоменеме дека негативните статистички показатели кои се јавуваат во голем дел се резултат на различноста на оваа сезона затоа што 20 натпревари беа одиграни како дел од двете сезони на Маалската лига, 5 на турнирот во Љубанци и само 2 средби беа одиграни како обични термини. Следствено на тоа, нивото на нашите противници беше повисоко од претходните сезони. Па така се случија некои негативни рекорди: оваа сезона е само втора во која имаме негативна гол разлика, а само трета со негативен вкупен скор на победи и порази. Остваривме и најмал процент на освоени бодови, само 37%, или 30 од можните 81. Просекот на постигнати голови се намали од 7,8 лани на 4,8 и е втор најлош во историјата по оној во 2010/2011 (4,0). Сепак, голем удел во статистиката и за таа сезона е фактот што тогаш игравме во Пролетната лига во Ново Лисиче и на неколку други турнири, па секогаш кога е тоа случај просекот на голови оди надолу, што се покажа и сега. Гледано од позитивната страна, ова е четврта сезона по ред во која просекот на примени голови се намалува, од ланските 6,1 дојдовме на 5,8. Логично, доста е намален и вкупниот просек на голови на нашите натпревари – 10,7, што е седми најмал во историјата. Уште негативности: оваа сезона ќе остане забележана по најдолгата серија без победа која траеше цели 10 натпревари (од 25.08.2022 до 30.10.2022) и во која имавме дури 9 порази и само едно реми. Во оваа сезона ги остваривме и најубедливите порази на еден турнир (0-8 од Дар Мар, во Љубанци на 28.08.2022) и во Маалската лига (3-11 од Лукс кафе на 22.09.2022), што беа и наши најголеми порази во сезоната. Најубедливата лигашка победа ја остваривме на 03.11.2022 (8-3) против Алиенс, а Немилосрдни ги распарчивме 13-4 на 27.04.2023 за најубедлива победа во сезоната.

Игравме на само три терени: во Љубанци со скор 1 победа и 4 порази, во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов со скор од 7 победи, 3 нерешени и 11 порази и во балонот кај Зеф Љуш Марку одигравме еднаш и победивме. Имавме вкупно 16 противници: Жиле плин, Пица до дома, Војводи Тетово, Дар Мар, Орбита компани, Лукс кафе, Алиенс, Белиот мачор, ЗОО Арт (Сент Патрик), Радишани, Љуботенски пат, ФЦ Мајами, Барбер шоп Енис, Каќ, АММ-Тим и Немилосрдни. Најмногу, четири пати, игравме против Алиенс (2 победи и 2 порази), а по три пати игравме со Сент Патрик и Барбер шоп Енис со кои остваривме идентичен скор од по една победа, нерешено и пораз.

Во Освртот на есенската полусезона, кој го објавивме на 10 јануари, можете многу подетално да прочитате за тие први шест месеци од сезоната и како дојде до нашиот камбек на турнирите по пауза од четири години и настапот во Љубанци, договорот со Аква Вардар коп и принтањето нова гарнитура дресови, овој пат бели. Една недела по нашиот 15. роденден ја исполнивме и идејата за формирање на Маалската лига која се покажа како полн погодок и како еден успешен проект поради кој никако не може да ја сметаме сезоната 2022/2023 за неуспешна. За волја на вистината, на почетокот од зимските подготовки во јануари ветивме подобар пролетен дел на резултатски план и тоа и го остваривме. Така, во есенската полусезона имавме негативен скор (3-1-11), а пролетва бевме во позитива (6-2-4). Сосема накратко ќе споменеме уште некои важни моменти кои ја одбележаа изминатата сезона: Бутоп ја достигна границата од 400 натпревари, Каравидов и Смиљковски станаа вториот и третиот играч со 300 натпревари за Бутоп, тимот освен нови дресови за првпат доби и брендирани чорапи со што се комплетираше опремата, Колев потпиша за футсал клубот Бутел, Вангеловски ја освои престижната награда најдобар стрелец во првата сезона на Маалската лига, Грмуш и Курт добија благодарници од истото натпреварување за нивната поддршка и помош при организацијата, Смиљковски и Грмуш добија ќеркички, Иво Валчанов стана вториот најмлад дебитант на Бутоп со 12 години и 268 дена. Сред зимската пауза го проследивме првото зимско светско првенство на ФИФА, по тринаесетти пат ги одржавме традиционалните зимски подготовки за во пролетниот дел да покажеме вистинска конкурентност во втората (проширена на осум екипи) сезона на Маалската лига, каде го освоивме шестото место во завршниот поредок.

Кај индивидуалната статистика ќе почнеме со тоа дека вкупно 25 играчи настапија за Бутоп, што е очекувано ако се има предвид дека во претходните две сезони имавме слична бројка од 27. Најмногу настапи имаше Анел Курт – 20, а покрај него во тимот на сезоната се најдоа и Костовски со 17 настапи, Вангеловски со 16, Кирил Смиљковски и Каравидов со по 15 и Велковски со 13 настапи, колку што имаше и Димитровски. Двоцифрен беше и Ристе Валчанов со 11 настапи, а потоа следат Колев и Амар Вукељ со по 6, Анес Вукељ со 5, С. Чаковски со 4, Милановски, Иво Валчанов, Дарко Видиниќ и Русе со по 3, Димитров, Шмитиќ и Методиј Смиљковски со по 2 и Фекиќ, Вучковиќ, Палоши, Грмуш, Рамче и Шилегов со по 1 настап. Златната копачка очекувано отиде кај Вангеловски кој во двете изданија на Маалската лига искомбинира вкупно 30 погодоци.

Позитивна страна од оваа сезона беше и нашето онлајн работење и претставување. Веб страната доживеа рекордни 128 објави со што со голема разлика го сруши претходниот рекорд од 103 објави во сезоната 2020/2021. По месеци почнувајќи од јули 2022 бројот на објави изгледа вака: 4, 18, 17, 13, 11, 3, 10, 11, 17, 17, 5 и 2. Треба да потенцираме дека освен нашиот веб-сајт отворивме и посебна фејсбук страна за Маалската лига која ја водиме и каде редовно ги објавуваме сите новости, вести, резултати и распореди кои им се потребни на сите учесници и фанови на лигата. Лиценцата за butop.info е повторно успешно обновена и за наредната година.

И оваа сезона финансиски работевме транспарентно и се базиравме на самофинансирање, но овојпат имавме и помош од спонзорството на Аква Вардар коп околу турнирот во Љубанци и новите дресови, како и договорот со Разгледница ДООЕЛ Скопје околу лиценцирањето на веб-страницата. Расходите изнесуваа 22000 денари што е слично со претходните две сезони (23000 во 2021/2022 и 23500 во 2020/2021).

Во фокусот на плановите за претстојната сезона е тоа да се продолжи трендот на зголемување на бројот на натпревари (и конечно повторно да се достигне котата 30), да се продолжи проектот Маалска лига, дополнителен развој на онлајн платформите на Бутоп и Маалската лига, учество на турнири, нова опрема, тим-билдинг настани и тренинзи и настапи на меѓународната сцена.

Спортски поздрав

Дарко Костовски

Сезона 2021-2022

Сезоната која ја оставаме зад нас е петнаесетта во постоењето на ФК Бутоп. Со сигурност може да кажеме дека беше една од најуспешните, а дојде по резултатски катастрофалната 2020/2021.  Во овој преглед традиционално ќе се обидеме да ги прикажеме најважните статистики и моменти од изминатава година.

За прв пат по шест години одигравме над 20 натпревари, вкупно 25 вклучувајќи ги службената победа и пораз на турнирот во Србија. Она што дополнително радува покрај обемот е и скорот: 19 победи, 1 нерешена и само 5 порази. Гол разликата е 197 постигнати (7,8 во просек) и 152 примени (6,1) погодоци. Вкупно на нашите средби паднале 349 гола (13,9 во просек).

Игравме против вкупно девет противници: Чаир Нестле, Бутел (Илхан Р), Немилосрдни, Дарко ФФМ, Албион Север, Убавиња, Друштванце, Стојчевски и Фатмир Зука. Најчест противник ни беа Немилосрдни со кои игравме 12 пати, со скор 8 победи, една нерешена и 3 порази. Против Дарко ФФМ остваривме пет победи во исто толку мечеви, а 2/2 победи имавме против Албион Север. Со останатите сме играле по еден натпревар. Настапите ни беа на 7 терени, а вистински домашен терен сезонава ни беше балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско, каде на 13 средби имаме одличен скор од 10 победи, една нерешена и 2 порази. Во балонот кај Зеф Љуш Марку остваривме 3 победи и 2 порази, а настапивме и во балонот кај ОУ 11 Октомври, теренот на СУГС Никола Карев, балонот РАЦ во Кисела Вода, балонот кај ОУ Блаже Конески и теренот во село Златокоп, Република Србија.

Статистиката покажува неколку интересни податоци што ја поткрепуваат тезата за успешноста на оваа сезона. Просекот на погодоци по натпревар е зголемен за 2,5 од лани и тоа во делот на постигнати голови (од 5,1 на 7,8), додека просекот на примени голови е речиси ист (минимално намалување од 6,3 на 6,1). Процентот на освоени можни бодови од ланскиот негативен рекорд (38,4%) скокна на 77,3%, што е трет најдобар во историјата и за само 2,2% послаб од најдобриот (79,5%) од сезоната 2008/2009. 197-те постигнати голови се четврт најдобар резултат, а просекот 7,8 е трет најдобар во историјата. Најубедливите победи ни се од 16.12.2021 (13-4 против Дарко ФФМ) и од 19.05.2022 (14-5 против Немилосрдни), а најубедливиот пораз ни е од Немилосрдни (на 24.02.2022, 8-15).

Ќе издвоиме уште неколку моменти што ја одбележаа сезоната 2021/2022. Се започна со средбата против Чаир Нестле на 18.07 кога двата тима заеднички испратија порака против дискриминацијата во било кој облик. Месец август го одбележа моментот кога Јеткин Сезаир стана деветтиот играч со минимум сто настапи за ФК Бутоп. Играчот Амар од тимот на Немилосрдни на 23.09.2021 го постигна 4000 гол на натпреварите на Бутоп. Сезоната ја одбележаа серијата од десет средби без пораз во периодот октомври-февруари и актуелната серија од осум победи која се уште трае и се надеваме ќе продолжи и во новата сезона. По пауза од пет години повторно игравме на боксинг деј, за првпат во Топанско, и го продолживме митот за непобедливост остварувајќи ја четвртата победа во исто толку настапи. За време на зимската пауза подготовките ги реализиравме главно индивидуално, а Кире Смиљковски го искористи моментот и „влезе во тавче“ со својата долгогодишна избраничка Ребека. Редовно ги пратевме успесите на македонската репрезентација и Елиф и известувавме за победите над Исланд, Италија и баражот со Португалија. Делумно го остваривме зацртаниот план за меѓународно деби, кое се случи административно на турнирот во село Златокоп, соседна Србија. Бутоп плати котизација и учествуваше на жребувањето на хуманитарниот турнир за собирање средства за малиот Вукан на 23.04.2022, а среќата ни овозможи и да оствариме службена победа во 1/8 финалето и покрај тоа што не игравме. Во месец април беа остварени и средби на кои ги поставивме темелите на Аматерската лига, проект кој се надеваме ќе се оствари годинава. За крај ќе го споменеме и камбекот на Харис Фекиќ, кој по шест години пауза повторно настапи во синиот дрес на 12 мај во победата над Немилосрдни.

Во делот на индивидуалната статистика интересно е дека исто како и лани и оваа сезона за Бутоп настапија 27 фудбалери. Димитровски и Костовски направија своевиден камбек, па се најдоа и во тимот на сезоната на местата на Валчанов и Смиљковски. Каравидов, Курт и Велковски останаа повторно во идеалниот тим, а на голот се врати Грмуш како прво решение. Најмногу настапи во оваа сезона имаше Велковски (19), а по него следуваат Курт (18), Костовски (16), Димитровски (15), Каравидов (14), Смиљковски (12), Валчанов (10), Даниел (9), Грмуш (6), Колев, Илхан, Филип Тодоровски, Нео (по 3 настапи), Сезаир, Шилегов, Зеко, Каришиќ, Желче, Колевски (по 2) и Фекиќ, Мифтар, Касиљас, Боки, Фатмир Зука, Паљука, Видиниќ и Керим (по 1 настап). Златната копачка повторно ја освои Каравидов, но за ова посебна објава очекувајте наредниве денови.

Одржувањето на веб-страницата и контактот со медиумите и фановите и овојпат беше на највисоко ниво. Сезонава имавме точно 100 објави, што е за само три помалку од ланскиот рекорд и тоа е стандардот кој ќе се обидеме да го постигнуваме и во иднина. По месеци, почнувајќи од јули, имавме 9, 4, 8, 6, 14, 11, 9, 9, 11, 8, 8 и 3 објави, што покажува дека во овој поглед најактивни сме биле во ноември. Лиценцата за домејнот повторно е продолжена, а Димитровски се погрижи да има подобрувања и новитети во дизајнот на butop.info.

Финансиското работење беше транспарентно и успешно, па без никаков проблем ги подмирувавме тековните трошоци. Речиси идентично како и во претходната сезона, потрошивме 23000 денари. Буџетот како по обичај се потпира на самофинансирање, но е во одлична кондиција.

Кај плановите и приоритетите за претстојната сезона веројатно најмногу се издвојува реализацијата на идејата за Аматерската лига (септември-ноември 2022), а тука се и учеството (овојпат и физичко) на натпревари на меѓународно ниво, потпишувањето меморандуми за соработка со други тимови, тим-билдинг и прослава на 15 роденден на ФК Бутоп, како и дополнителен развој на веб-страницата. Храбро најавуваме дека се надеваме на сезона со минимум 30 одиграни натпревари, што би било прв пат по пауза од седум години.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Сезона 2020-2021

Дојде моментот за традиционалниот преглед на сезоната која измина, во случајов сезона 2020/2021, четиринаесетта за ФК Бутоп.

Втора година по ред имаме фудбал под влијание на пандемијата на ковид 19 и повторно, како и лани, одигравме 13 средби. Остваривме 5 победи и 8 порази со гол разлика 67 постигнати (просечно 5,1) и 82 (6,3) примени голови. Постигнати се вкупно 149 погодоци, 11,4 во просек.

Иако игравме малку, бевме вистински глобтротери и настапивме на 9 различни терени во 6 скопски општини. Најмногу (три пати) игравме на Форца, останатите се балоните кај ОУ Пенко, ОУ Блаже Конески, СУГС Цветан Димов, Зеф Љуш Марку, Орце Николов, Чикаго Арена, ОУ 11 Октомври и во Маџари – Триангла. Исто како и претходната сезона игравме против три противници. Со Дарко ФФМ имаме 4 победи и 3 порази, од Бутел (Илхан Р) загубивме 4 пати, а со Маџари Он-веб-макс по еднаш победивме и изгубивме. Најубедливата победа ја остваривме на 25.02.2021 против тимот на Видиниќ (9-4), а најубедливиот пораз е од 29.09.2020 (3-9) од тимот на Илхан.

За жал, многу статистички показатели упатуваат на тоа дека ова е резултатски најлошата сезона во постоењето на клубот. Остваривме најмалку победи (5) и најмалку освоени бодови (15). Само вторпат имаме негативен скор (првпат по 2014/2015), но процентот на освоени бодови е најмал, само 38,4%, половина од лани кога имавме 10 победи на 13 средби. За првпат во нашата историја имаме негативна гол разлика. Три од петте победи ни се со еден разлика, а 7 од 8 порази ни се со повеќе од еден гол. Изминатава сезона просекот на голови (и дадени и примени) опадна драстично во однос на лани (од 18,3 на 11,4), што е показател дека сме ја стабилизирале играта. Натпреварите ги игравме под диктат на пандемијата и карантините, па во првата „тура“ во септември и октомври имавме 1 победа и 3 порази, од 25 февруари до 1 април одигравме 6 пати (скор 3-3) и во финишот од 19 мај до 16 јуни остваривме победа и 2 порази.

Индивидуална статистика. Сезонава за Бутоп настапија дури 27 играчи. Во идеалниот тим се најдоа четири исти играчи од лани: Курт, Валчанов, Смиљковски и Каравидов. Баркли го наследи Грмуш на голот, а Велковски се најде на местото на Костовски. Најмногу настапи имаше Валчанов (12), следат: Курт (10), Велковски (9), К. Смиљковски и Каравидов (по 8), Шилегов (5), Сезаир и Антиќ (по 4), К. Колев, Реџеп и Анастасовски (по 3), Д. Колев и Матеј (по 2) и Д. Костовски, Николиќ, Вангеловски, Дарис, М. Костовски, Стојчевски, М. Смиљковски, Алберт, Илхан, Мартин, Цеки, Стефан Д, К. Петрушев и Јаневски по еден настап. Златната копачка по вторпат во кариерата ја освои Кристијан Каравидов, но за ова во посебна објава утре.

Трета сезона по ред не настапивме на ниту еден турнир, но секако имаше работи што ја одбележаа 2020/2021. Ќе остане запаметено дека на 15 октомври пристигнаа новите дресови, испечатени со нашето лого, имиња и броеви, а за кои чекавме дури до пролет да ги сефтосаме. Пролетва двајца наши играчи влегоа во клубот 100: Велковски и Колев. Имавме интервјуа со Николиќ, Були Фљорим, Курт и Колев уште во октомври јасно го изнесоа нашиот став околу Суперлигата на Перез и Ањели, а ексклузивата ја имавме во јануари преку разговорот со Харис Фекиќ. Андреј иако не одигра ни минута во синиот дрес, не израдува приватно со „прво па машко“ дете, Матеј! Зимските подготовки овојпат почнаа најрано досега, на 2 јануари, а во текот на целата година одржувавме состаноци за да бидеме на готовс за различните предизвици. На еден таков состанок во февруари ја донесовме одлуката да не настапиме на Хоби-лигата, откако ги разгледавме сите опции пред нас. Со радост ги пратевме и известувавме за успесите на македонската фудбалска репрезентација и нашиот Елиф како дел од таа успешна приказна.

Дел од тимот задолжен за нашето онлајн претставување од септември стана Добри Додовски, а таму се уште главен и одговорен е Димитровски. Уште пред почетокот на сезоната, во август, го обновивме делот За клубот на нашата веб-страница. Нешто подоцна, направивме нови измени и ја дополнивме со некои категории (интервјуа, документи, статистика, извештаи). Поставивме нов рекорд кога 18 денови по ред имавме барем по една објава (од 22.09 до 09.10.2020), но и вкупно по сезона бидејќи имавме 103 објави, 8 повеќе од претходниот рекорд од 2018/2019. По месеци почнувајќи од јули: 6, 3, 17, 13, 5, 5, 8, 10, 15, 5, 8, 8. За крај, во овој виртуелен дел (што добро ни оди), на 17 мај беше продолжена лиценцата за домејнот на уште една година.

По четири сезони во кои годишниот буџет на клубот трпеше трошоци не поголеми од 12000-13000, сега повторно имаме расходи како во некои минати времиња, па потрошивме 23 500 денари. Ова најмногу се должи на новата гарнитура дресови, следат термините, лиценцата за веб-страницата и маички за играчите со 100 настапи. Со гордост повторувам дека и овојпат комплетно се потпревме на самофинансирање.

Плановите за наредната сезона не се во целост кристализирани, но еден од приоритетите е да се вратиме на турнирите по пауза од три години. Во моментов ја разгледуваме опцијата да се појавиме на некој од скопските турнири во месец август. Истотака, планираме да ја оствариме желбата за меѓународен настап. Контакти се остварени со организаторите на турнирот во соседна Србија, чијшто спонзори и пријатели бевме втора година по ред. Се надеваме и дека повторно ќе имаме сезона со над 20 натпревари, нешто што последен пат се случи пред 6 години во сезоната 2015/2016. Во делот инфраструктура и општествена одговорност ќе бидеме активни како и секогаш.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Сезона 2019-2020

Следи прегледот на статистиката и на најважните моменти од тринаесеттата сезона на ФК Бутоп, малку поразлична од останатите поради пандемијата на коронавирусот.

Застанавме на 13 одиграни натпревари со одличен скор од 10 победи и 3 порази. Гол разликата е позитивна, 144-94. Четврта сезона по ред просекот на голови е во пораст, овојпат достигна до 18,3. Просечно сме постигнувале 11,07, а сме примале 7,23 голови по натпревар.

Средбите ги одигравме на два терени, балонот Партизан (скор: 2-0-1) и салата на Зеф Љуш Марку (8-0-2). Имавме три противници: Тамба-ламба (1-1), Дарко ФФМ (1-0) и Екипа Чаир (8-2). Најубедливиот пораз дојде од чаирчани на 10.12.2019, 10-13, а само една недела подоцна им вративме со најубедливата наша победа во сезоната, 16-4 (17.12.2019). Втора сезона по ред ривалството со Екипа Чаир го произведе мнозинството од натпреварите, а овојпат предноста е значително на наша страна. Се обидовме да ги одржиме односите и со Тамба-ламба и Дарко ФФМ, противници кои ни се добро познати.

Колев ја отвори 2019/2020 со својот трансфер во Арбен Бајрами откако претходната сезона по вторпат ја освои шампионската титула со Шкупи. Самко се ожени, Елиф стрелаше два пати против Словенија на Градски, Андреј направи камбек по година ипол, Емир Бакиов го постигна 2000 гол за Бутоп. Традиционално имавме зимски подготовки, шанса добија и ја искористија нови млади играчи како Енис Реџеп, Марко Костовски, Павле Шилегов и Димитар Колев. Валчанов го зацементира своето место во тимот. На 12.03.2020 објавивме дека ги прекинуваме активностите поради пандемијата на ковид 19. Само два дена подоцна (14.03.2020) станавме првиот клуб во Македонија кој ги објави резултатите од сите свои претходни сезони и кои се сега достапни за јавноста на нашата веб-страница. Последните четири месеци од сезоната бевме во исчекување и се надевавме на подобрување на ситуацијата и евентуално одигрување на уште некој натпревар, но до тоа не дојде. Во меѓувреме направивме интервјуа со Колев, Грмуш, Андреј, Анел и Ристе. Остваривме соработка во соседна Србија. Уште еден важен момент дојде на 04.06.2020 кога откупивме свој домејн и оттогаш ја имаме новата веб адреса butop.info.

Изминатава сезона 18 играчи настапија за Бутоп: Д. Костовски 12 пати, Каравидов и Валчанов по 11, Грмуш и Анел Курт по 8, Смиљковски и Велковски по 6 пати. Следат Реџеп со 5, М. Костовски со 3, К. Колев, Николиќ, Шилегов и Д. Колев со 2 и Димитровски, Бакиов, Вангеловски, Димовски и Милиќ со по 1 настап. За добитникот на златната копачка ќе бидете информирани во посебно соопштение.

Ниту оваа сезона не настапивме на некој турнир. Тоа ни овозможи финансиски да закрепнеме, трошоците изнесуваа само 6500 денари. Во план ни беше нова гарнитура на дресови, но поради новонастанатата ситуација тој проект останува за нареднава сезона.

Како и секогаш, работевме ревносно и бевме општествено одговорни. Акцентот го ставивме на младите. Покрај можноста некои од нив да настапат за нашиот тим, многу деца имаа можност да се дружат со нашите првотимци за време на јануарските подготовки. Во месец мај пак, се најдовме во улога на спонзор на духовденскиот турнир во Златокоп во близина на Врање. Тоа е турнир кој го организираат младинците од селото, па и нашата скромна поддршка им беше значајна.

Очекуван е помалиот број на објави на веб-страницата, вкупно 71, а по месеци почнувајќи од јули 2019: 2, 2, 5, 9, 7, 7, 10, 11, 7, 3, 3, 5. Тоа е во рангот на сезоната 2015/2016 кога имавме 73 објави. Сепак, ќе повторам, два клучни проекти беа завршени во доменот на нашето рекламирање: дигитализацијата на резултатите (во март) и новата веб-адреса и откупувањето на домејн (во јуни).

Плановите за претстојната сезона се уште не се прецизирани затоа што не знаеме како ќе се одвива состојбата со пандемијата. Во моментов не можеме да го планираме натпреварувачкиот дел, но затоа не отстапуваме од зацртаната надградба и дополнувања на веб-страницата, обезбедувањето нови дресови, како и некои инфраструктурни проекти. Разгледуваме и еден административен момент, кој го чуваме за изненадување, но нема да откриваме пред време затоа што навистина ситуацијата ни налага да бидеме поскромни во очекувањата.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Извештај: Сезона 2018-2019

Дојде моментот за традиционалниот преглед на статистиката за сезоната што измина, во случајов 2018-2019, дванаесетта во нашата историја.

Сезонава одигравме 18 натпревари, што е мало зголемување во однос на претходните две кога одигравме по 14. Скорот е позитивен: 9 победи, 1 нерешена и 8 порази. Гол разликата како и во првите 11 сезони е позитивна: 163-148. Просекот на голови по натпревар е во пораст трета сезона по ред: 17,27, од кои просечно сме постигнувале 9,05, а сме примале 8,22 голови по натпревар.

Игравме против само 3 екипи на 7 различни терени. Скорот со противниците ни е следниот: со Дарко ФФМ (3-0-1), со Екипа Чаир (5-0-7) и со Колгејт (1-1-0). Најмногу пати игравме во салата на Зеф Љуш Марку, 8 (3-0-5), во балонот Зеф Љуш Марку го остваривме следниот скор: 2-0-2, следат балон 11 Октомври (1-1-0), Жути Арена, балон Цветан Димов и балон Партизан по една победа и терен зад Мајчин дом, еден пораз.

Најубедливата победа со нереални 22-13 ја остваривме против Екипа Чаир на 18.11.2018, а најубедливиот пораз дојде од истиот противник на 27.01.2019 кога загубивме 12-5.

Прво што би требало да издвоиме од сезоната што измина е новото ривалство со Екипа Чаир кое донесе  две третини (12) од сите натпревари на Бутоп и кое придонесе во месеците јануари, февруари и март да одиграме по четири средби, што потсети на сезоните во кои сме знаеле да одиграме и преку 30, 40 натпревари. Истотака продолжи успешната соработка со тимот на Дарко ФФМ против кој игравме четири пати. Двете преостанати средби ни беа со тимот на Колгејт.

Ова беше трета сезона во која не учествувавме на ниту еден турнир, по оние 2007/2008 и 2015/2016. За првпат ниту еден настап не запиша легендата на нашиот клуб Андреј Димитровски. Иако беше дел од неколку тренинзи не успеавме да ги склопиме коцките и да закажеме некој термин во интервалите кога беше во Скопје. Затоа пак испративме екипа на неговата свадба за што известивме на оваа веб-страница која тој редовно ја сервисира од Софија. Традицијата на зимски подготовки беше ревносно сочувана и одбележана со соодветна фото-сесија. Октомври го одбележа пристигнувањето на РК Бутел во „Антон Димитров“. Потписот на Костадин Димовски (Коки Немогуче) беше момент кој го запали интернетот за време на зимскиот преоден рок. Елиф Елмас стана првиот играч кој настапил за Бутоп, а потоа и стрелал за А-селекцијата на Македонија на натпреварот против Летонија во рамките на квалификациите за еврото во 2020. Кристијан Каравидов ја раскажа својата фудбалска приказна во детално интервју за оваа страна. Костадин Колев по вторпат стана шампион на Македонија во футсал со својот Шкупи. Бутопци продолжија активно да го промовираат клубот на неколку маратони. Ристе Валчанов се наметна како најредовен од новајлиите во тимот и добиваше значајна минутажа. Грмуш имаше најмногу настапи на голманската позиција, преземајќи ја оваа улога од Колев кој долго време ја имаше таа привилегија. Јеткин на моменти фудбалски блесна, а со неколку фотки од светското во Русија ја збогати нашата фото-галерија.

Во делот на општествена одговорност и инфраструктура ќе споменеме дека салата „Антон Димитров“ беше комплетно реновирана, а новото теренче во дворот на „Живко Брајковски“ за првпат доби рефлектори. Овие настани беа поздравени од наша страна, да не биде дека само критикуваме. Стапивме во контакт со градоначалникот од кого побаравме термини за во Антон Димитров. Ни беше ветено дека тоа е можно, но некако работата не ја „истеравме“ до крај, нека биде тоа задача за наредната сезона.

Дури 29 играчи настапија за Бутоп изминатава сезона. Најмногу настапи (17) имаше Дарко Костовски. Следуваат Анел Курт, Каро, Грмуш и Колев со по 10, Валчанов со 9, Велковски со 7, Николиќ со 6, Стефан Милошевиќ, Штаката и Мето Смиљковски со по 5, Кире и Немогуче со по 4, Јеткин со 3, Здравко со 2, а по еднаш настапија Игор Тасевски, Кико Дончоски, Фаик Зекири, Николче, Даниел, Диме Спортлајф, Дарко Колевски, Фатјон Ибраими, Ридван Бектеши, Ријад, Девин Курт, Марко Костовски, Ристо и Цамба. Златната копачка за првпат ја освои Анел Курт, за ова ќе следи дополнителна објава.

Финансиската ситуација е стабилна. Втора година по ред трошоците изнесуваат минимални 7000 денари.

Повторно го срушивме бројот на објави на веб-страницата, вкупно 95 во сезоната 2018/2019. По месеци почнувајќи од јули 2018: 6, 1, 3, 8, 10, 8, 14, 14, 11, 6, 5, 9. Претходната имавме 93, пред таа 89, пред таа 73. Трендот продолжува, се надеваме и во наредната натпреварувачка сезона.

Во наредниот период ќе има состаноци на кои ќе стане збор за плановите за претстојната кампања 2019/2020. Во моментов фудбалерите на Бутоп се на заслужен одмор.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

 

Извештај: Сезона 2017-2018

Сезона 2017-2018

Следува преглед на статистиката и најважните моменти од изминатата сезона 2017/2018, единаесетта во постоењето на Бутоп.

Започнуваме со основните бројки. Вторпат по ред, а третпат во историјата сезоната ја завршуваме со 14 одиграни натпревари. Скорот ни е сличен на оној од лани, 8 победи, 1 нерешена и 5 порази. Гол разликата како и секогаш досега ни е позитивна, 101 постигнати и 96 примени голови. Вкупно на нашите натпревари се постигнати 197 гола (14,07 во просек), просечно сме постигнувале 7,21, а сме примале 6,85 гола по натпревар.

Настапивме на 7 различни терени против 9 противници. Најмногу натпревари (4) одигравме во Добри Дол (скор: 2-0-2), следат сала Зеф Љуш Марку (2-0-1), балон Пенко (2-0-0), балон Рајко Жинзифов (0-1-1), овално теренче во Аеродром (1-0-0), балон Димитар Миладинов (1-0-0) и балон Цветан Димов (0-0-1). Против три екипи одигравме по повеќе од еден меч: Дарко ФФМ (3-0-0), Криминалисти (0-1-2) и Радишани Кру (1-0-1).

Најубедливата победа ја остваривме на 14.11.2017 против тимот на Качар, 9-4. Најубедливиот пораз пак, дојде при крајот на сезоната, на турнирот во Добри Дол, на 20.05.2018, 3-10 против Припор.

Овојпат нема да се осврнам на сите натпревари поединечно, ниту на редовните објави и интервјуа, туку само ќе потсетам на највпечатливите моменти од изминатава сезона. Ќе ги издвојам прославата на десеттиот роденден на клубот, на 15.09.2017, со натпреварот против Дарко ФФМ во Аеродром. Потоа, новата адреса на нашата веб-страница (butop.info), текстот на Анел за Елмас, интервјуата со Колев, Манев и Сезаир, глобтротерскиот рекорд, интернационалецот Илчо од САД, дебито на Баркли и секако, врвот на сезоната, настапот на спасовденскиот турнир во Добри Дол. Нашиот краен дострел во ова живописно скопско село беше четвртфиналето, каде во суперинтересен меч бевме поразени со 8-6 од Гоце 2000, откако ја поминавме Група 1 во друштво на Дељадровци, Припор и Академци. Повеќе информации за нашиот настап на овој турнир можете да прочитате на нашата страна, на која доста добро го „покривме“ овој настан.

Индивидуална статистика. Вкупно 20 играчи заиграа за Бутоп во изминатава сезона. Некои поголеми поместувања според бројот на настапи во споредба со претходните сезони нема. Најмногу натпревари одигра Дарко – 13, следат Марио со 11, Андреј и Каро со по 10, Коки – 8, Кире и Анел по 7, Кико Велковски и Даре Николиќ по 5, Мето и Баркли по 2, а Јеткин, Денис, Енис, Дритон, Кико, Кико Дончоски, Грмуш, Илчо и Цамба настапија по еднаш. Златната копачка на Бутоп по вторпат во својата кариера ја освои Велковски, кој постигна најмногу турнирски голови – 5. По него следуваат Кире со 4 гола, Каро и Марио со по 3 гола, Дарко и Анел по 2, а по еднаш стрелаа Андреј и Даре Николиќ.

Што се однесува до општествената одговорност, Бутопци продолжуваат со исто темпо. Така и изминатава година фокусот беше насочен кон поддршката на локалниот развој и омасовувањето на уличниот спорт и вредностите кои тој ги содржи. Тука треба да се спомене дека по предолгите ветувања, новото мултифункционално игралиште беше конечно пуштено во употреба во дворот на ОУ Живко Брајковски, откако седум години Бутел 1 немаше никаков терен на отворено. Друга приказна е колку ова игралиште ги задоволува потребите на жителите, но за тоа во некоја наредна прилика. ФК Бутоп во сезоната што измина го акцентираше и значењето на свесноста на нашите сограѓани за недостатоците и опасностите со кои се соочуваат младите луѓе при процесот на глобализација.

Буџетот на клубот е стабилен. Оваа година трошоците беа најмали откако водиме ваква статистика, само 7 000 денари.

Веб-страницата, како што веќе споменавме, продолжи да функционира и да се развива на новата адреса. И оваа сезона го срушивме рекордот од претходната според бројот на објави, па ланските 89 (преклани 73) ги надградивме со 93 „постови“ во 2017/2018. По месеци, почнувајќи од јули 2017 бројот на објави беше 5, 1, 4, 11, 8, 6, 10, 8, 12, 6, 17 и 5.

Во наредниов период ќе следат интерни анализи на сработеното, но и состаноци на кои ќе стане збор за идните планови на ФК Бутоп.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Извештај: Сезона 2016-2017

Сезона 2016-2017

Следува прегледот на јубилејната десетта сезона (2016-2017) на Бутоп. Како што е веќе пракса изминативе години, ќе фрлиме поглед на бројките, статистиките и најважните моменти што ја одбележаа сезоната која штотуку заврши.

Во неа одигравме само 14 натпревари, што е израмнување на анти-рекордот од нашата прва сезона 2007-2008. Сепак, скорот ни е позитивен: 7 победи, 3 нерешени и 4 порази. Гол разликата ни е истотака позитивна (како и во сите досегашни сезони), 85-78. Вкупно на нашите натпревари се постигнати 163 гола (11,64 во просек), просечно сме постигнувале 6,07, а сме примале 5,57 гола по натпревар.

Сме настапиле на 5 различни терени против 9 противници. Најмногу натпревари (5, со скор 2-1-2) сме одиграле на теренот на СЦ Ново Лисиче каде што настапувавме на турнирот Скопје 2016. Игравме уште и во Антон Димитров (2-1-1), балонот кај Пенко (1-1-0), балонот кај Блаже Конески (1-0-0) и балонот кај Зеф Љуш Марку (1-0-1). Повеќе од еден меч одигравме против две екипи: Примавера (2-1-1) и Албион Север (1-1-1).

По пауза од една сезона Бутоп годинава се врати на турнирите. На турнирот Аеродром Скопје 2016 на пенали бевме елиминирани во 1/16 финалето од Воденица 3, откако во групата  имавме 2 победи и 2 порази. Севкупниот впечаток што го оставивме на турнирот беше позитивен и е добра основа за плановите во иднина.

Најубедливата победа сезонава е онаа со ПС Аеродром на нејзиното отварање (04.09.2016) од 7-0. Најубедлив пораз на турнирските натпревари е оној од Импери (1-3) на 17.09.2016, а најголемиот пораз ако ги вклучиме сите останати средби е оној од Албион Север од 3-10 (на 25.05.2017).

Сезонава 21 играч настапија за Бутоп. Нормално по бројот на настапи предничат стандардните првотимци, или оние што се „под договор“ со нашиот клуб: Дарко имаше 14 настапи, Каро – 13, Андреј – 10, Колев – 8, Кико, Кире и Марио по 7, Анел и Јеткин по 5, Мето, Харис и Пинки по 2, а Горјан и Даре Николиќ по 1 настап. По еднаш настапија и Енис, Денис, Пецев, Елиф Елмас, Стефан Милошевиќ, Коста и Драгче. Стрелци на турнирските голови се: Марио – 5, Кико – 4, Дарко – 3, Јеткин – 2 и Анел – 1 гол.

По активностите на Аеродром Скопје 2016 кој се одржа во септември, до крајот на есенската полусезона одигравме уште 5 натпревари. Од овој дел на сезоната уште еднаш ќе ги истакнеме спектаклот за нашиот деветти роденден (натпреварот со Спорт Кафе) и јубилејниот 300-ти натпревар (против Импери) за кои може да прочитате во освртот на есенската полусезона. Последниот меч за календарската 2016-та беше на Боксинг деј (26.12.2016) против Примавера (победа од 11-8) кога го продолживме митот за нашата непобедливост на тој датум. Во пролетниот дел одигравме само 4 натпревари, од кои 3 тесни победи од по 1 разлика и 1 пораз.

На индивидуален план со своите настапи и успеси се истакнаа двајца наши играчи, нашата „единица“ Костадин Колев и повремениот член на Бутоп Елиф Елмас. Елиф најпрво на крајот на минатата година го доби признанието за најдобар млад фудбалер во Македонија, а финишот на сезоната го закити со деби во А-селекцијата и настап на У-21 европското првенство во Полска. Костадин Колев по големата битка со Велес стана шампион на Македонија во футсал првенството со својот тим Шкупи.

Златната копачка оваа сезона ја освои Марио Вангеловски – Штака со своите 5 гола на турнирските натпревари. Неофицијалното признание за потегот на сезоната оди кај Колев за неговата одбрана на ударот под пречка во последната минута од регуларниот тек на средбата со Воденица 3 Крива Паланка.

Во делот на општествените активности и борбата за подобрување на спортската инфраструктура белег на оваа сезона е скандалот со плаќањето на термините за салата Антон Димитров. Ова е уште еден момент за кој имаше доволно информации на нашата веб-страна на кои можете да се навратите за потсетување. Нашиот прилог од 02.10.2016 за состојбата на Антон Димитров и старото теренче за мал фудбал веројатно беше мал поттик и предупредување за надлежните, па ситуацијата колку толку беше санирана со поставувањето на нови врати и прозорци во салата.

Расходите за сезоната 2016-2017 се значително помали од оние за претходните неколку сезони, што е за очекување поради помалиот број натпревари, а изнесуваат 13900 денари. Приходите овојпат се помали – 13000 денари, но дупките беа пополнети од буџетот на клубот.

Веб-страната продолжи да се развива и сезонава достигнавме 89 известувања (по месеци почнувајќи од јули 2016: 1, 5, 16, 6, 7, 7, 10, 4, 7, 6, 7, 13), или 16 повеќе од ланскиот рекорд 73. Андреј се погрижи таа да биде рефреширана (во март годинава), а на понатамошни подобрувања работиме тековно. Вообичаено известувавме за сите актуелности, проекти, скандали, натпревари, подготовки, статистики. Пренесувавме фото-стории и куси изјави и интервјуа, но и некои подолги како она со Кристијан Велковски. Во ист стил продолжуваме и понатаму.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Извештај: Сезона 2015-2016

Сезона 2015-2016

Како што е вообичаена пракса во европскиот фудбал, крајот на јуни го носи и крајот на една натпреварувачка сезона, а со самото тоа и почетокот на наредната. Веќе традиционално за овој период, Бутоп излегува со преглед на резултатите и постигнатото во изминатата сезона, овојпат онаа 2015-2016, деветта во нашето постоење.

Вкупниот број на одиграни натпревари е намален во споредба со претходните години – 23 (на тоа можеби влијаеше преориентацијата од минатиот јули и ненастапувањето на турнири, првпат по воведната сезона 2007-2008, како и периодот ноември-декември кога од неколку причини не одигравме ниту еден натпревар). Сепак сето тоа резултираше со значително подобрување на ефектот, па скорот ни е 15 победи, 2 нерешени и 6 порази. Постигнати се вкупно 299 голови, или во просек по 13 (просек сличен на оној од предминатата сезона од 12,5). Ние сме дале 165 гола, (7,17 гола по натпревар), а сме примиле 134 (просечно по 5,82 гола по натпревар).

Нашите натпревари се одиграни на 6 терени, сите во општините Бутел и Чаир, против 7 екипи, и тие сите главно локални ривали. Најмногу натпревари имаме одиграно во балонот кај Пенко (7, скор 4-0-3), а по 4 меча одигравме на „Борис Сарафов“ (2-1-1), балонот Васил Главинов (2-0-2) и салата на Зеф Љуш Марку (4-0-0), 3 во Антон Димитров (2-1-0) и 1 (победа) во балонот Партизан. Против 4 противници сме одиграле по повеќе од еден натпревар, а тоа се Албион Север (6-0-3), Мојсовски-Џезо (5-0-2), Примавера (1-1-0) и Радишани дечки (1-1-0).

Најубедливата победа сме ја оствариле на 13.03.2016 против Албион Север со резултат 14-6. Најубедливите порази пак оваа сезона ни се од тимот на Мојсовски-Џезо, на 02.10.2015 од 9-14 и на 16.10.2015 од 6-11.

Во делот за индивидуалните постигнувања овој пат ќе прочитате само за бројот на настапи поради тоа што не игравме турнирски натпревари, а со тоа немавме ниту голови на турнирите, кои се дел од вообичаената статистика на Бутоп. Сезонава 8 играчи забележаа двоцифрен број на настапи за Бутоп, тоа се: Дарко со 22, Кире 19, Анел 17, Кико 16, Коки и Андреј со по 14 и Мето и Каро со по 10 настапи. Марио беше блиску до вакво постигнување, запиша 7 настапи. Уште деветмина настапија за Бутоп оваа година: Даре Николиќ (2), Јеткин (2), Пинки (1), Грмуш (2), Стефан Милошевиќ (3), Елиф Елмас (3), Цамба (1), Кико Дончоски (3) и Диме Спортлајф (1).

И оваа сезона ја одбележаа многу јубилеи, нови рекорди и остварувања кои се вредни за спомнување во овој финален извештај. Меѓу најважните моменти секако дека е промоцијата на новиот амблем на ФК Бутоп (изработен од Грмуш), како и нашата се поголема активност на полето на маркетингот, што кулминираше со сторијата на Анел во Спортмедиа која за само една вечер беше прегледана повеќе од 2000 пати. Ќе ги издвојам и интервјуата со Елиф Елмас и Костадин Колев. Елиф продолжи успешно во дресот на Работнички и почна да руши рекорди низ Европа, а Коки може да се пофали со тоа што стана рекордер по бројот на настапи за Бутоп на голманската позиција. Оваа зима традиционално ја одбележаа зимските подготовки кои како да не катапултираа кон една од најдолгите серии во нашата историја, кога во периодот од 24 јануари до 20 март остваривме 7 победи во низа. Во тие мигови ништо не можеше да го спречи нашиот налет, дури ни политичките превирања и забраната за фудбал на територија на град Скопје за викендот 5-6 март кога остваривме победа над Албион Север (06.03.2016). Дека знаеме да пркосиме на различните притисоци покажавме и неодамна кога застанавме во првите редови на одбраната на сервис полињата во Бутел 1 и законските определби кои такви какви што се би означиле крај на „сервата“ во школски, која години наназад покрај за разонода ни служи и како важен сегмент во техничката подготовка и е дел од нашата тренинг рутина.

Самиот факт што успеавме да инвестираме во сервис полето при крајот на сезоната јасно говори дека нашето финансиско работење и оваа година беше задоволително. Расходите за оваа сезона ни се 27300 денари, а приходите нешто повисоки – 27900 денари. Повеќе за ова во архивата на ФК Бутоп.

За сите овие информации, но и многу повеќе, може да прочитате на нашата веб страна www.butop.info. Оваа сезона нашиот портал доживеа дополнителен напредок и зголемен број на известувања. Почнувајќи од јули 2015-тата бројот на известувања на нашата страна за секој месец поединечно беше следниов: 2, 0, 10, 5, 5, 3, 9, 6, 10, 8, 6 и 9, или вкупно 73 во изминатава сезона.

Продолжете да ја следите оваа страна за дополнителни новости за активностите на ФК Бутоп во наредниот период.

Дарко Костовски

Сезоната 2014/2015 низ бројки

Сезона 2014-2015

Помина првата половина на 2015-тата година, а со тоа заврши натпреварувачката сезона 2014/2015. Еве што велат бројките за настапите на Бутоп.

Ова беше наша осма сезона и за првпат имаме негативен скор на крај на сезона, односно повеќе порази отколку победи. Вкупно сме одиграле 32 натпревара со скор од 12 победи, 5 нерешени и 15 порази. Гол разликата сепак ни е позитивна (што и досега секогаш било случај), 158 дадени, а 149 примени гола. Вкупно на нашите натпревари имало 307 гола, или во просек 9,59 по натпревар. Просечно сме постигнувале по 4,93, а сме примале 4,65 гола по меч.

Натпреварите сме ги одиграле на 6 терени со 17 различни противници. Со 3 екипи сме одиграле повеќе од еден натпревар. Тоа се Тамба-ламба (1-1-1), Славија (5-3-5) и Елиф Елмас Тим (1-1-0). Во заградите стои скорот со секоја од екипите.

Бутоп сезонава учествуваше на 3 турнира, во Љубанци, во Ново Лисиче на „Скопје 2014“ и во Карпош на турнирот ТК МТП. Ниту еднаш не ја поминавме групната фаза и остваривме скор од 3 победи и 9 порази, со гол разлика 20-36.

Најубедливите победи ни се со Славија од 9-1 на 01.02.2015 и со Елиф Елмас Тим од 21-13 на 24.04.2015, а најубедливиот пораз ни е од Славија, 9-4, на 04.12.2014. На турнирите, освен службено добиениот натпревар со Тенисери, двете победи над Стела и ФК Напредок ни се со еден разлика (4-3 и 3-2). Најубедлив турнирски пораз ни е оној од Реал Муса со 6-2 на 04.06.2015.

Во делот за индивидуалните постигнувања ќе спомнам дека 8 играчи имале двоцифрен број на настапи: Дарко – 30, Анел – 27, Кико – 25, Каро – 23, Андреј – 20, Кире – 19, Коки – 16 и Марио – 15. Стрелци за Бутоп на турнирите се Кико со 5, Марио со 4, Каро со 3, Бено со 2 и Харис, Андреј и Дарко со по еден погодок.

Сезонава ја одбележа јубилејниот 250-ти натпревар кој го одигравме во Маџир Маало против Кварници и на кој остваривме победа од 8-2. Истотака ќе се памети најдолгата негативна серија од 6 последователни порази со која ја отворивме сезонава и по која беше тешко да се вратиме во „позитива“ во поглед на скорот. За одбележување е и хет-трикот на Марио, прв за играч на Бутоп (на турнири) по подолго време.

Во поглед на финансиите може да кажеме дека работевме одговорно, што е потврдено со финалната сметка. Интересно, втора година по ред нашите расходи изнесуваат точно 31500 денари. Приходите се нешто повисоки, односно 32600 денари, што значи дека сме во позитива. Повеќе информации за ова има во архивата на ФК Бутоп.

Сезонава најмногу натпревари одигравме во салата на СУГС Зеф Љуш Марку во скопската населба Север, вкупно 10. Оваа сала ни носеше среќа затоа што скорот таму ни е позитивен, 6 победи и по 2 нерешени и порази. Во „Антон Димитров“ имавме негативен скор од 2 победи, 3 нерешени и 4 порази. Најголем белег оставија пресметките со тимот на Славија. На 13 натпревари со нив остваривме по 5 победи и порази и три пати одигравме реми. Тоа беа средби исполнети со добар фудбал, неизвесност, а не ретко и тензија. Сезонава покрај Марио Вангеловски кој собра и забележителен број на настапи, шанса за деби доби и Горјан Василев, уште еден голман кој произлегува од нашата школа.

Уште еднаш треба да се потенцира револуционерниот потег на Андреј и креирањето на оваа веб страна со која, од оваа сезона, Бутоп е многу подостапен за фудбалската јавност во Македонија.

Токму затоа, изнесувањето и други дополнителни информации и статистики во наредниов период нема да биде никаков проблем, затоа продолжете да ја следите странава за нови известувања.

Дарко Костовски