АКТУЕЛНОСТИ

now browsing by category

 

Пружениот отпор доволен за минимален пораз

Бутоп забележа нов пораз во Маалската лига откако вчера од нас поуспешен беше тимот на Пицерија Фор-ас со конечен резултат 6-8. Овие три бода го крунисаа нашиот противник во нов, шести шампион на ова натпреварување. Може да се каже дека бутопци пружија пристоен отпор кој сепак не беше доволен за нешто повеќе од минимален пораз. Во нашиот состав се најдоа Хајрун, Смиљковски, Костовски, Николиќ, Боби Вучевски, Чаковски и Кристијан Велковски кој со неколку одлични потези и трите постигнати гола потсети зошто пред неколку години ја наследи десетката на грбот од Јеткин Сезаир.

Во борба со најсилниот, за својата чест

Бутоп денес од 19:00 часот го игра натпреварот од деветтото коло на МЛС6 против најсилниот во друштвото и лидерот на табелата Пицерија Фор-ас. Како ќе изгледа нашиот тим вечерва по двата несреќни порази во минатите две кола и силно погоден од повредите на неколку играчи е големо прашање на кое ќе добиеме одговор некаде пред 20:00 часот кога ќе заврши натпреварот.  

Болен пораз кој ќе се памети

Бутоп вчеравечер забележа болен пораз (8-7) во натпреварот против Алиенс по неверојатен пресврт кој тешко дека може да се заборави. Ништо не навестуваше негативен исход од ова осмо коло, особено по дефанзивната клиника во првото полувреме кое го добивме 4-0. Сепак, работите се сменија во вториот дел и момците на Раим се вратија во игра. Дури и во таква ситуација, бутопци повторно дојдоа до плус два (7-5) на само три минути до крајот. Токму тие завршни три минути можат многу да не чинат во борбата за подиум на крајот, борба која во овој момент изгледа претешка за нас. Нашиот противник успеа да го искористи падот на нашата концентрација и со чудесен пресврт да дојде до трите бода. За Бутоп настапија Хајрун, Костовски, Чаковски, Волчевски, Смиљковски и дебитантот Јан Стојкоски.

Ослабени пред голем императив

Бутоп вечерва во 21:00 часот го игра својот натпревар од осмото коло на МЛС6 против тимот на Алиенс. Овој за нас добро познат ривал овојпат ќе биде огромен предизвик затоа што составот за денес е мошне ослабен поради отсуствата на многу клучни играчи. И на еден час пред почетокот на натпреварот се уште не е јасно како ќе изгледа Бутоп на оваа средба. А победа е единствената опција ако сакаме да останеме во позиција сами да си ја кроиме судбината во последните две кола.

Шкупи старс останува енигма за бутопци

Бутоп не успеа да победи ниту во четвртиот обид против тимот на Шкупи старс откако вчеравечер црвените беа подобри од нас со конечни 6-4. А почетокот на натпреварот ветуваше многу повеќе за нас затоа што освен водството на полувреме (3-1), нашите момци ја имаа и надмоќта и контролата врз играта. Сепак, пропуштените шанси на крајот ни се вратија како бумеранг и противникот успеа да дојде до пресврт. За Бутоп настапија играчите кои ги најавивме во вчерашната објава.

Нова можност за мала одмазда

Вечерва во вонреден, неделен, термин се игра седмото коло од МЛ Сезона 6. Бутоп се наоѓа во мини-серија од две победи и моментално е трет на табелата пред денешниот натпревар со Шкупи старс кој започнува во 19:45. Ова ќе биде можност за мала одмазда за рекордниот пораз што овој противник ни го приреди во второто коло (2-11), но и шанса конечно да ја оствариме првата победа против нив по трите порази во исто толку натпревари и ужасната гол разлика од 9 постигнати и дури 28 примени голови. За Бутоп на вечерашната средба ќе настапат: Хајрун, Чаковски, Бакиу, Курт, Велковски, Спасовски, Волчевски и Костовски.

Доминантна победа против Другарство

Бутоп вчеравечер оствари уште една победа во Маалската лига победувајќи го второпласираниот тим на Другарство убедливо со 4-8. Ова беше еден вид на одмазда за поразот кој го доживеавме од нив во првото коло, а за прв пат по април 2024 година успеваме да врземе барем две победи едно по друго. Бутопци поведоа со 0-2 во раната фаза од натпреварот на што другарите возвратија израмнувајќи на 2-2 до средината на првото полувреме. Сепак, второто полувреме им припадна во целост на нашите фудбалери кои успеаја најдобриот напад во лигата да го лимитираат на само четири гола, а нивните грешки да ги казнуваат од контри и полуконтри. На крајот изборена е сосема заслужена победа. За Бутоп вчера настапија Хајрун, Волчевски, Чаковски, Смиљковски, Видиниќ, Спасовски, Вангеловски и Велковски.

Во добра атмосфера очекуваме силен противник

Бутоп вечерва (21:00) се соочува со силниот тим на Другарство во рамките на шестото коло на МЛ. Во првото коло другарите беа пресилни за нас победувајќи не со 2-8, а во моментов како второпласирани се наоѓаат во жестока трка за самиот врв на табелата. Ние од друга страна, по минатонеделната победа над Галакси која не донесе до третата позиција во добра атмосфера влегуваме и во оваа средба. Кај нас во составот се најавени дури девет играчи: Хајрун, Волчевски, Велковски, Чаковски, Смиљковски, Видиниќ, Вангеловски, Анел Курт и Никола, засилувањето од Корпа.

Честит Рамазан Бајрам

ФК Бутоп на сите исламски верници во Македонија им го честита денешниот празник Рамазан Бајрам, со желби за здравје, мир и благосостојба.

Убаво изгледа табелата на МЛ

На половина од МЛ Сезона 6 убаво изгледа табелата од аспект на играчите и поддржувачите на Бутоп, иако ретко кој се надеваше дека ќе бидеме трети по одигрувањето на петтото коло, особено по катастрофалните порази од Шкупи старс и Пицерија Фор-ас. Сепак, нашите момци ги добија двата натпревари на кои им се укажа шанса за победа (против Алиенс и против Галакси), а на ова се надоврза поволниот исход од останатите средби па сега бутопци може рамноправно да се надигруваат во борбата за третото место на подиумот. Доволен е еден краток поглед во табелата да се види дека Бутоп во исто време има најлош напад (најмалку постигнати голови) и најслаба одбрана (најмногу примени голови), а сепак зад себе има дури три ривали. Сепак, јасно е дека до крајот ќе мора да се освојат повеќе бодови за да се задржи оваа состојба во поредокот.