АКТУЕЛНОСТИ
now browsing by category
Осврт на есенската полусезона 2024/2025
Вообичаено, календарската година ја започнуваме со осврт на изминатата есенска полусезона за сезоната во која го славиме полнолетството на нашиот тим, вкупно осумнаесетта во историјата на ФК Бутоп.
Сите кои ги пратеа резултатите изминатава есен можат да го претпостават она што и бројките го потврдуваат: ова е најлошата есенска полусезона на Бутоп досега, барем резултатски. Во неа одигравме вкупно 13 натпревари со скор од само една победа, една нерешена и единаесет загубени средби. Фактот дека го продолживме проектот Маалска лига, кој веќе станува традиција препознатлива за многу аматерски екипи низ Скопје и на тој начин одржувајќи го тимот во конкуренција на силни противници, ја прави и оваа сезона сама по себе успех, но резултатите и бројките се суровата реалност и тие се негативни. Одиме со ред.
Сезоната ја започнавме во септември со три подготвителни термини на кои остваривме една победа (на златен гол против Алиенс) и два порази (против Бутел Илхан Р и Лукс кафе). Потоа следуваа предизвиците во Маалската лига Сезона 5 во која стартувавме со тесен пораз од Лукс кафе и реми со Алиенс. Никој не можеше ни да помисли дека до крајот ќе забележиме осум порази во серија притоа рушејќи ги негативните рекорди за последователни порази, како и најдолгата серија без остварена победа, но се случи токму тоа. Во овој период бевме поразени по два пати од трите дебитанти во натпреварувањето: Галактикос Тим, Шкупи старс и Интер Балкан, а загубивме и во возвратните дуели со познатите ривали Лукс кафе и Алиенс. Во дел од овие натпревари бевме рамноправен противник, но се чини тимот влезе во некоја необјаснива индиспонираност која не испрати до крајот на МЛС5. Интересен е податокот дека сите тринаесет натпревари изминатава полусезона ги одигравме во четврток, без притоа да прескокнеме ниту еден (во периодот од 5 септември до 28 ноември), и сите во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов.
Неверојатен е податокот дека во овие тринаесет натпревари настапија дури 25 играчи: Костадин Колев, Мартин Анакијев, Андреј Димитровски, Марио Вангеловски, Дарко Костовски, Боби Вучевски, Столе Чаковски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Кристијан Велковски, Бојан Волчевски, Кристијан Каравидов, Фатмир Зука, Никола Џон, Дарко Видиниќ, Никола Спасовски, Александар Ќоќоровски, Алтај Мурселов, Харис Мемедовски, Ќерим Бакиу, Иско, Иле, Дарко Милевски, Омер Усеин и Поли Азир. Чаковски единствен настапи на сите средби, а во исто време постигна и најмногу голови (8) во МЛ.
Во моментов се уште трае зимската пауза за фудбалерите на Бутоп, а можност да се прекинат активните негативни низи и рекорди ќе имаме веројатно кон крајот на месецов кога ги очекуваме првите термини за натпревари во новата календарска година. Пред тоа бутопци ќе ги одработат зимските подготовки, кои годинава бележат мал јубилеј и ќе се одржат по петнаесетти пат. Датумот за нивниот почеток, но и повеќе детали околу ова очекувајте во наредните денови.
Среќна Нова 2025
ФК Бутоп на сите свои членови и поддржувачи им ја честита новата 2025 година и им посакува таа да им биде исполнета со многу здравје, среќа, љубов и успеси.

Одморот трае и на боксинг
Трета година по ред бутопци немаат активности на популарниот боксинг деј, па фановите можат комплетно да се посветат на возбудувањата во англиската премиер лига. Позната е нашата успешност на овој ден, на кој имаме стопроцентен учинок од четири победи во исто толку натпревари. Нашите фудбалери одмараат веќе месец дена по напорите во Маалската лига и го очекуваат моментот кога ќе може да ја прекинат лошата низа порази во која се наоѓаме.

Лукс кафе е петтиот шампион на МЛ
Иако поминаа повеќе од две недели од последното коло на петтото издание на Маалската лига, се уште трае сумирањето на статистиката и остварувањата на екипите. За Бутоп ова беше најлошата сезона досега, без ниту една победа и со само еден освоен бод, но за други беше и тоа како успешна. Нашиот голем ривал Лукс кафе конечно успеа да ја освои шампионската титула откако претходно во сите четири сезони беше во најтесна конкуренција, но не успеваше да дојде до врвот. На тој начин тие станаа петтиот различен освојувач во петте сезони Маалска лига наследувајќи ги Радишани, Љуботенски пат, Дрим тим и Албајрак Тенда.

Индивидуална статистика од МЛ Сезона 5
Вкупно дваесет и двајца играчи настапија за Бутоп во МЛ Сезона 5, најмногу од сите досегашни изданија на оваа лига. Следи списокот на играчите и преглед на бројот на настапи и постигнати голови:

Среќен роденден Марио
Денес својот роденден го слави Марио Вангеловски – Штака. Нашиот голгетер досега запиша 73 настапи за Бутоп, а во три наврати ја освојуваше клупската златна копачка, во сезоните 2016/2017, 2022/2023 и 2023/2024. Тој беше и најдобар стрелец во првата сезона на Маалската лига. Му посакуваме се најубаво и уште многу успеси на приватен и на професионален план!

Срушен уште еден негативен рекорд
Поразот од Шкупи старс (5-10) во четвртокот освен што ја продолжи рекордната низа порази на осум, означи и рушење на уште еден историски негативен рекорд на ФК Бутоп, а тоа е последователни натпревари без победа. Ова беше единаесетти натпревар по ред во кој не успеавме да славиме со што го срушивме претходниот рекорд од десет вакви средби кој го поставивме од 25. август до 30.октомври 2022 година. Затоа не треба да чуди податокот дека благодарницата за учество во МЛС5 беше се на што можевме да се надеваме на доделувањето на наградите за најуспешните.

Ништо ново, затворивме со пораз
Бутоп со пораз ја заврши најлошата сезона во Маалската лига. Подобри од нас во синоќешното последно коло беа Шкупи Старс со конечни 5-10, иако поразот можеше да биде и поубедлив. Бутопци беа ослабени поради отсуствата на многу од првотимците, а во составот се најдоа и два дебитанти: младите Омер Усеин и Поли Азир. Покрај нив настапија и Димитровски, Видиниќ, Чаковски и Ќоќоровски. Наредниве денови на нашата веб-страница, но и на фејсбук профилот на Маалската лига ќе може да прочитате повеќе информации и статистики за штотуку завршената Сезона 5, во која шампионскиот трофеј вчера за првпат го подигна тимот на Лукс кафе.
Денес се спушта завесата на МЛС5
Денес се игра последното коло од петтата сезона на Маалската лига во кое Бутоп се среќава со Шкупи Старс. Натпреварот започнува во 21:00 часот. Ова е убедливо најлошата наша сезона во ова натпреварување во која се уште сме без победа, а имаме само едно реми и дури осум порази. Затоа и не чуди тоа што во последната рунда ќе бидеме само статисти и без разлика на резултатот ќе завршиме како фенерџии во конечниот поредок.

Го пробивме дното
Вчерашниот ден бутопци нема да го паметат по добро затоа што нашиот клуб постави нов негативен рекорд продолжувајќи ја низата порази која сега изнесува седум. Подобар од нас со конечни 7-3 беше тимот на Интер Балкан, кој со оваа победа го осигура третото место на крајот на МЛС5. Се обидоа момците во сино да пружат отпор, но едноставно не можеа да се изборат за ништо повеќе освен чесен пораз. Наредниот четврток се игра последното, десетто коло од ова издание на Маалската лига во кое играме против Шкупи Старс.