АКТУЕЛНОСТИ

now browsing by category

 

Среќен роденден Каро

Денес (14.2.2025) Кристијан Каравидов го прославува својот 32. роденден. Каравидов е вистинска икона на клубот со досега запишани 309 настапи, 3 златни копачки и 12 избори во тимот на сезоната. Му посакуваме се најубаво. Среќен роденден Каро!

МЛ:Сезона 6 почнува на 20 февруари

Познат е датумот на почетокот на новото издание на Маалската лига. Сезона 6 треба да стартува наредниот четврток (20 февруари), што беше објавено денес на официјалната фејсбук страница на ова натпреварување.

Марио и Столе котираат високо на вечната листа на МЛ

Во исчекување на информацијата за стартот на новата сезона во Маалската лига фрламе поглед на вечните листи на ова натпреварување.

Кај стрелците Марио Вангеловски и натаму е во тесна трка за врвот, во моментов по пет одиграни сезони е втор со 52 гола, два помалку од првиот Раим Демир. Столе Чаковски истотака е во топ петте стрелци, делејќи го ова место со Сељо од Лукс кафе, со по 41 постигнат погодок.

На вечната табела на тимови Бутоп комотно се одржува на втората позиција со дури педесет бода помалку од лидерот Лукс кафе, а десет повеќе од третиот Албајрак Тенда.

Базичните подготовки комплетирани

Фудбалерите на Бутоп денес го комплетираа базичниот дел од зимските подготовки кој траеше точно три недели. Во овој период фокусот беше ставен на физичката спрема и момците индивидуално се подготвуваа и се обидоа да влезат во што е можно подобра форма пред продолжението на сезоната. Во наредните неколку дена очекуваме повеќе информации за следните предизвици за бутопци.

Футсалерите немоќни против европскиот шампион

Македонската футсал репрезентација во петокот (31.1.2025) играше квалификациски натпревар за Европското првенство во 2026 година против актуелниот европски шампион Португалија. Нашите момци му пружија солиден отпор на фаворизираниот противник, но мораа да се задоволат со достоен пораз од 1-5. Бутоп имаше своја делегација на оваа средба: Костовски, Димитровски и Каравидов им дадоа поддршка на репрезентативците и ја искористија можноста да продискутираат за претстојните предизвици на Бутоп во пролетниот дел од сезоната.

Среќен роденден Коки и Харис

Денес две наши легенди ги слават своите родендени. Костадин Колев шест пати беше во тимот на сезоната и досега собра 113 настапи за Бутоп, а Харис Фекиќ запиша 175 настапи и четири пати беше во идеалниот тим на сезоната. Им посакуваме се најубаво. Среќен роденден Коки и Харис!

На денешен ден Коки потпиша за Бутоп

На 26 јануари секогаш се потсетуваме на најмаркантниот трансфер и презентација на ново засилување кое Бутоп го има направено. Пред точно шест години и еден ден (25.01.2019) Костадин Димовски (популарно наречен Коки Немогуче) потпиша за нашиот тим, а целиот настан се одржа во бутелскиот локал Бајка. Ова е линкот од веста објавена на денешниот датум 2019 година:

https://butop.info/?p=1233

Првиот собир закажан в понеделник

Бутопци в понеделник (20.01.2025) ќе го имаат првиот собир во новата година, со што ќе ги започнат јубилејните петнаесетти по ред зимски подготовки. Состанокот и првиот тренинг се закажани од 15:00 часот на теренот во дворот на ОУ Живко Брајковски, што е веќе одамна воспоставена пракса.

20.01.2019

Среќен роденден Мето

Денес својот роденден го слави помладиот од браќата Смиљковски, Методиј. Мето беше дел од Бутоп уште од самите почетоци на клубот, истовремено предводејќи го подмладокот или таканаречената Примавера. Низ годините собра 67 настапи за Бутоп па јасно е дека неговиот траг во синиот дрес е неизбришлив и многу значаен. Му посакуваме се најубаво на приватен и на професионален план. Среќен роденден Мето!

Осврт на есенската полусезона 2024/2025

Вообичаено, календарската година ја започнуваме со осврт на изминатата есенска полусезона за сезоната во која го славиме полнолетството на нашиот тим, вкупно осумнаесетта во историјата на ФК Бутоп.

Сите кои ги пратеа резултатите изминатава есен можат да го претпостават она што и бројките го потврдуваат: ова е најлошата есенска полусезона на Бутоп досега, барем резултатски. Во неа одигравме вкупно 13 натпревари со скор од само една победа, една нерешена и единаесет загубени средби. Фактот дека го продолживме проектот Маалска лига, кој веќе станува традиција препознатлива за многу аматерски екипи низ Скопје и на тој начин одржувајќи го тимот во конкуренција на силни противници, ја прави и оваа сезона сама по себе успех, но резултатите и бројките се суровата реалност и тие се негативни. Одиме со ред.

Сезоната ја започнавме во септември со три подготвителни термини на кои остваривме една победа (на златен гол против Алиенс) и два порази (против Бутел Илхан Р и Лукс кафе). Потоа следуваа предизвиците во Маалската лига Сезона 5 во која стартувавме со тесен пораз од Лукс кафе и реми со Алиенс. Никој не можеше ни да помисли дека до крајот ќе забележиме осум порази во серија притоа рушејќи ги негативните рекорди за последователни порази, како и најдолгата серија без остварена победа, но се случи токму тоа. Во овој период бевме поразени по два пати од трите дебитанти во натпреварувањето: Галактикос Тим, Шкупи старс и Интер Балкан, а загубивме и во возвратните дуели со познатите ривали Лукс кафе и Алиенс. Во дел од овие натпревари бевме рамноправен противник, но се чини тимот влезе во некоја необјаснива индиспонираност која не испрати до крајот на МЛС5. Интересен е податокот дека сите тринаесет натпревари изминатава полусезона ги одигравме во четврток, без притоа да прескокнеме ниту еден (во периодот од 5 септември до 28 ноември), и сите во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов.

Неверојатен е податокот дека во овие тринаесет натпревари настапија дури 25 играчи: Костадин Колев, Мартин Анакијев, Андреј Димитровски, Марио Вангеловски, Дарко Костовски, Боби Вучевски, Столе Чаковски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Кристијан Велковски, Бојан Волчевски, Кристијан Каравидов, Фатмир Зука, Никола Џон, Дарко Видиниќ, Никола Спасовски, Александар Ќоќоровски, Алтај Мурселов, Харис Мемедовски, Ќерим Бакиу, Иско, Иле, Дарко Милевски, Омер Усеин и Поли Азир. Чаковски единствен настапи на сите средби, а во исто време постигна и најмногу голови (8) во МЛ.

Во моментов се уште трае зимската пауза за фудбалерите на Бутоп, а можност да се прекинат активните негативни низи и рекорди ќе имаме веројатно кон крајот на месецов кога ги очекуваме првите термини за натпревари во новата календарска година. Пред тоа бутопци ќе ги одработат зимските подготовки, кои годинава бележат мал јубилеј и ќе се одржат по петнаесетти пат. Датумот за нивниот почеток, но и повеќе детали околу ова очекувајте во наредните денови.