Archives
now browsing by author
Само една измена во составот
Бутоп вечерва со почеток во 21:45 му излегува на мегдан на Шкупи старс со само една измена во составот во однос на натпреварот од првото коло против Другарство. На местото на Смиљковски во тимот се враќа Костовски. Бутопци на оваа средба по подолго време се враќаат на сината варијанта на дресовите, додека противникот ќе игра во својата традиционална црвена боја.
Против Шкупи старс во второто коло
В четврток (6.3.2025) на програмата е второто коло на МЛС6 во кое Бутоп се среќава со тимот на Шкупи старс. Нашиот противник во првиот натпревар одигра неизвесно реми против дебитантот Галакси (7-7). Од друга страна, бутопци по воведниот пораз и по цели дванаесет натпревари без победа во ова натпреварување влегуваат со надеж дека конечно ќе се вратат на победничките патеки. Во двете меѓусебни пресметки во Сезона 5 Шкупи старс беше поуспешен од нас со победи од по пет разлика (2-7 и 5-10). Натпреварот в четврток почнува во 21:45.
Среќен роденден Јеткин
На денешен ден, 02.03.1993 година во Скопје е роден Јеткин Сезаир, нашата легендарна десетка. Јеткин беше неизоставен дел од нашиот тим во првите сезони и наш најсилен адут во офанзивата. Два пати ја освојуваше златната копачка (2009/2010 и 2010/2011), а досега запиша 101 настап во дресот на Бутоп. Му посакуваме се најубаво, среќен роденден Јеткин!

Другарите пресилни за бутопци
Бутоп со пораз ја отвори новата сезона во Маалската лига. Тимот на Другарство вчера (27.2.2025) беше подобар од нашите момци во текот на целиот натпревар, иако конечниот резултат 2-8 е можеби и превисок. Во нашиот состав пријатно изненади Иво Валчанов, кој беше најдобар на теренот и покажа дека на него може да се смета и во иднина.
Сезона 6 ја отвораат Бутоп и Другарство
Шестата сезона на Маалската лига почнува вечерва со натпреварот меѓу Бутоп и дебитантот Другарство (21:00). Бутопци се надеваат на поуспешна сезона откако во претходното издание на МЛ не дојдоа до ниту една победа. Денес за нас ќе настапат Смиљковски, Курт, Чаковски, Волчевски, Видиниќ, браќата Валчанови, а најавен е и дебитант помеѓу стативите.
Извршена ждрепката за Маалска лига
Вчера беше извршена ждрепката за првото коло од шестата сезона на Маалската лига, а со самото тоа беа објавени и имињата на шесте екипи учесници. Бутоп на стартот (утре, 27.2.2025) се среќава со дебитантот Другарство, додека во другите натпревари се среќаваат Алиенс и Пицерија Фор-ас, како и Галакси со Шкупи старс. Нашиот натпревар е прв на програмата и започнува во 21:00 часот на вообичаеното место, балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско поле.
Успешно сефте на старо-новиот домашен терен
Иако студено, вчерашното сончево попладне за бутопци донесе многу радост затоа што по долгогодишна пауза конечно настапивме на старо-новиот домашен терен во дворот на ОУ Живко Брајковски. Остварената победа над Немилосрдни (конечни 12-6) веројатно беше очекувана и дојде како резултат на мотивираноста на нашите момци кои настапија во силен состав со Николиќ, Каравидов и Костовски кои ротираа на позицијата голман-играч и браќата Валчанови кои го предводеа нападот.
Оваа победа е важна и поради тоа што конечно ги прекинавме најлошите негативни серии во нашата историја од осум последователни порази и единаесет натпревари без победа. Воедно, претставува убава увертира за претстојните предизвици во новата сезона на Маалската лига.
Интересен е податокот дека во претходните единаесет натпревари на Бутоп не играше Каравидов, кој последен пат настапи на 12.9.2024 кога всушност и ја остваривме последната победа пред оваа вчерашната. Генерално, на последните 13 натпревари на кои Каро не играл Бутоп не знае за победа, а последен пат без него во составот сме победиле на 18.4.2024. Од друга страна, на последните пет натпревари со Каравидов во поставата имаме само два порази.


По 18 години Бутоп се враќа дома
Прекрасна вест за сите симпатизери, но пред се за членовите на нашиот клуб е објавата за денешниот натпревар кој Бутоп ќе го одигра на новото теренче за мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски. По точно осумнаесет години пауза нашиот тим ќе игра под отворено небо на местото каде што и започна приказната за ФК Бутоп во таа 2007 година. Треба да напоменеме дека последен пат во салата Антон Димитров, која се наоѓа веднаш до старото игралиште, игравме во 2016 година, што повторно е долг период од девет години без настап на домашно тло. Наш противник денес е локалниот ривал Немилосрдни, а за нас ќе настапат Костовски, Каравидов, Иво Валчанов, како и повратниците од странство Дарко Николиќ (кој четири години нема настап) и Ристе Валчанов. Натпреварот е закажан за во 15:00 часот, а се игра со четири играчи во поле плус голман.

Студот го одложи стартот на Сезона 6
Студениот бран кој ја зафати нашата земја деновиве е причината што почетокот на новата, шеста сезона во Маалската лига е одложен за наредниот четврток. Ова ни дава дополнително време да се подготвиме за поуспешно продолжение на можеби најлошата сезона на резултатски план.
Домашниот терен во ново руво
Изминатиов период траеше реконструкцијата на теренчето за мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски во Бутел 1. Најпрво беше поставена вештачка трева и нова ограда околу игралиштето, а од пред неколку дена и нови голови со мрежи. Со тоа, нашата населба добива прекрасно место на кое младите таленти ќе можат да ги покажат своите вештини и да поминуваат многу повеќе време играјќи фудбал. Ова е добра вест и за Бутоп кој сега ќе има опција да игра натпревари на својот матичен домашен терен, или поточно на стотина метри од старото игралиште каде ја одигравме првата средба во далечната 2007 година.

