Сезона 2024/2025
Сезоната која е зад нас беше осумнаесетта во постоењето на ФК Бутоп. Во овој годишен извештај ќе се обидеме да ви ги презентираме сите важни моменти, како и статистиката.
Уште пред да почнеме со официјалните бројки ќе го констатираме она што сите кои ги пратеа нашите резултати во изминатите дванаесет месеци можеа да го заклучат: ова беше резултатски нашата најлоша сезона во историјата. На 32 одиграни натпревари остваривме само 7 победи, 1 нерешена и дури 24 порази (најмногу порази во една сезона). Како на лента ги рушевме речиси сите негативни рекорди, па освен веќе споменатиот за најмногу порази, ја имавме и најлошата гол разлика досега: 163 постигнати (5,1 во просек) и 228 примени (7,1 во просек) голови по натпревар (истотака нов рекорд за најмногу примени голови во една сезона). Вкупно на нашите натпревари сезонава паднале 391 погодок, или 12,2 во просек. Освоивме само 22 бода од можните 96 (22,9%) што е истотака нов негативен рекорд (претходниот од сезоната 2022/2023 беше 37%). По долго време ги срушивме и рекордите за најмногу порази во серија (сега тој рекорд изнесува 8), како и рекордот за најмногу натпревари без победа (најдолгата таква низа од сезонава изнесува 11). Уште еден од важните негативни рекорди кои ги поставивме е оној за најубедлив пораз: дури два пати загубивме со девет разлика (од Шкупи старс 2-11 и од Пицерија Фор-ас 5-14), нешто што никогаш претходно ни се немаше случено.
Малку да се осврнеме и на некои од позитивните страни. За прв пат по пауза од девет сезони одигравме сезона со минимум 30 натпревари, седма таква за Бутоп. И покрај лошите резултати нашата витрина се збогати за два трофеја: тимскиот за ферплеј екипа на Сезона 6 на Маалската лига, како и еден индивидуален – за најдобар голман во истото издание на МЛ за откровението на сезоната во нашите редови, Хајрун Амети. Најубедливата победа сезонава ја остваривме на 22.2.2025 против Немилосрдни, 12-6.
Ако одиме со ред, сезоната ја почнавме со три натпревари на термини (победа и два пораза), а во есенскиот дел во Сезона 5 од МЛ одигравме и едно реми со девет порази за последно место на табелата. Пролетната полусезона беше нешто подобра. Ја започнавме со веќе споменатата победа над Немилосрдни, на натпревар кој се одигра на теренчето за мал фудбал во дворот на ОУ „Живко Брајковски“. Ова значеше враќање за бутопци со официјален натпревар на ова место по цели осумнаесет години, уште една од позитивните работи сезонава. Кога сме веќе кај теренот во „Живко“, таму во два наврати одигравме уште по два натпревари (во април и јуни) со половичен учинок од по победа и пораз. Пролетната МЛ Сезона 6 беше за нијанса подобра за нас (3 победи и 7 порази, за петто место во конечниот поредок). На 18.5.2025 имавме уште едно административно учество на хуманитарен турнир („Играмо за Милицу“) во соседна Србија. Претпоследната активност Бутоп ја имаше кон крајот на мај (од 26-ти до 31-ви) кога по пауза од седум години настапи на турнирот „Спасовден“ во Добри дол, каде по почетниот пораз од 0-4 не успеавме да смогнеме сили да собереме тим за наредните две средби во групата, кои ги загубивме со службен резултат. Веќе утредента одигравме двомеч со Немилосрдни на теренчето во „Живко Брајковски“, со што го означивме крајот на сезоната 2024/2025.
Издвојуваме уште неколку важни моменти од сезонава на индивидуален и тимски план. Костадин Колев направи трансфер од КМФ Бутел во КМФ Балкан, со кој успеа да избори пласман во првата футсал лига нареднава сезона. Дарко Костовски освои сребро на турнирот во село Златокоп, Србија настапувајќи за истоимениот тим, а при крајот на сезоната во Добри дол го одигра и јубилејниот 400-ти натпревар во дресот на Бутоп. Столе Чаковски втора сезона по ред ја освои златната копачка на Бутоп, а и повторно се најде во тимот на сезоната, каде друштво му прават момците кои се повеќе се наметнуваат во белиот дрес: Бојан Волчевски и за првпат Дарко Видиниќ. Сепак, повеќе детали за овие индивидуални клупски достигнувања ќе следат во наредните денови во посебни објави. Легендите на клубот имаа убава и исполнета година и на приватен план, па така Анел Курт стапи во брак со својата избраничка Елма, истото го стори Методиј Смиљковски со својата Бојана, на Кирил Смиљковски му се роди второ дете, а Андреј Димитровски и Ристе Валчанов се преселија надвор од Скопје, првиот во Охрид, вториот на Малта. Пред да одиме со индивидуалната статистика, накратко ќе го споменеме и успешното продолжување на проектот Маалска лига, кој сега веќе зад себе има шест успешни сезони (кои се играат есен-пролет засебно), како и тоа дека во јануари ги одржавме петнаесеттите по ред зимски подготовки. Во делот тим-билдинг, покрај неколкуте неформални средби, нашите момци организирано го проследија и квалификацискиот натпревар на нашата футсал селекција против гигантот Португалија.
Неверојатно звучи податокот дека сезонава дури 45 играчи настапиле за Бутоп, што е апсолутен рекорд. Во идеалниот состав се најдоа Столе Чаковски (со 21 настап), Дарко Костовски (20 настапи), Дарко Видиниќ со 16, Бојан Волчевски со 15, Кирил Смиљковски со 14 настапи и Хајрун Амети на голот (10 настапи). Двоцифрен учинок имаа уште Кристијан Велковски со 11 и Андреј Димитровски со 10 настапи. Зад нив следат Анел Курт (7 настапи), Кристијан Каравидов и Боби Вучевски со по 6, Марио Вангеловски со 5 настапи и Ристе Валчанов со 4 настапи. Следи група од пет играчи со по 3 настапи: Дарко Николиќ, Иво Валчанов, Александар Ќоќоровски, Ќерим Бакиу и Никола Спасовски. Девет играчи настапија по два пати: Костадин Колев, Даниел Милановски, Дритон Палоши, Димитар Колев, Јан Стојкоски, Халид Арифи, Берин, Алтај Мурселов и Мартин Анакијев. Осумнаесет играчи запишаа по еден настап: Амар Вукељ, Енис Реџеп, Фатмир Зука, Харис Мемедовски, Иско, Иле, Дарко Милевски, Омер Усеин, Поли Азир, Адиат Бакиу, Шемши, Никола Џон, Јовица, Адриан Река, Ринар Палоши, Реџеп, Серџан и Судахан Веселовиќ.
Четврта сезона по ред најмногу натпревари играме во балонот кај ОУ „Рајко Жинзифов“ во Топанско поле. Овојпат 23, со скор од 4 победи, една нерешена и 18 порази. Во три различни дена одигравме пет натпревари на реновираното теренче во дворот на ОУ „Живко Брајковски“ во Бутел 1 со позитивен скор од 3 победи и 2 порази. Во Добри дол одигравме и изгубивме еднаш, плус два пати службено, а административниот настап во Златокоп, Р. Србија истотака ни беше службен пораз. Бутопци имаа 15 различни противници во сезоната 2024/2025, а најмногу натпревари (5) одигравме против Алиенс (биланс 2 победи, едно реми и 2 порази). Четири пати загубивме од Шкупи старс, а три пати од Лукс кафе. Минимум три натпревари одигравме само уште против Немилосрдни, против кои имаме позитивен скор од две победи и пораз. Останатите противници ни беа: Бутел (Илхан Р), Галактикос Тим, Интер Балкан, Другарство, Пицерија Фор-ас, Галакси, Примавера, Голденкоп, Палачинкара Дори, Побожје и Никола Саздовски Саздо.
Во делот на онлајн работењето, администрацијата и транспарентноста ова беше мошне позитивна сезона. Минатиот јули амблемот на Бутоп доживеа мала промена (бојата на годината на формирање, од сина во бела), но и беше целосно професионално преработен, заедно со амблемот на Маалската лига. Проектот „Веб 2024“ им овозможи на посетителите на нашата веб-страница да ги прочитаат на едно место сите годишни извештаи, да ги видат идеалните тимови за секоја сезона посебно, но и пристап до повеќе статистики, како и следење на распоредот на натпревари. Сезонава поставивме и нов рекорд по број на објави, вкупно 131, подобрувајќи го претходниот рекорд од сезоната 2022/2023 (128). По месеци, почнувајќи од јули, бројот на објави е следниот: 5, 6, 18, 18, 16, 4, 6, 12, 13, 16, 11, 6.
Финансиите се стабилни, а сезонава имавме нешто повеќе трошоци од минатата. Потрошивме 15500 денари, во споредба со ланските 11500.
Плановите за наредната сезона се уште се дефинираат. Во преден план ќе биде Маалската лига и успешното развивање на овој проект, како и продолжување на трендот да играме натпревари на отворено, нешто што беше дел од идентитетот на нашиот клуб при формирањето во 2007-та година и првите неколку сезони. Не е исклучено учество и на некој турнир, но секоја таква можност ќе биде внимателно разгледана, поучени од лошиот настап во Добри дол изминатава сезона. Ќе се обидеме повторно да одиграме сезона со минимум 30 натпревари, но во секој случај фокус ќе мора да се стави и на подобрување на резултатите за да не ни се случи уште една ваква катастрофална година со преку дваесет порази. Наредната сезона 2025/2026 планираме да имаме и подновување на опремата, неколку тим-билдинг настани, а ако се пружи вистинска прилика и одигрување на натпревари вон државата. Управата на Бутоп размислува и за активно учество во летниот преоден рок во кој ќе се бараат решенија за засилување на составот. Проектот „Веб 2024“ ќе биде природно наследен од „Веб25“, кој ќе се фокусира на дополнително развивање на клупската веб страна. За крај, уште еден амбициозен проект за кој се надеваме дека ќе ја одбележи претстојната сезона е регистрирањето на правен субјект кој ќе треба да биде од голема помош при исполнувањето на идните планови на ФК Бутоп.
Спортски поздрав,
Дарко Костовски
Comments are Closed