March, 2023
now browsing by month
Пред нас е најважниот натпревар сезонава
Борбата во Маалската лига допрва се разгорува, а се чини дека ние го играме најважниот натпревар сезонава токму сега во четврток (9 март). Во рамките на четвртото коло Бутоп ја затвора програмата со дуелот против Барбер шоп Енис од 21:30 часот. Според сите пресметки оваа екипа е еден од нашите директни ривали во битката за влез во плејофот. Исходот од овој натпревар ќе влијае на тоа каков смер ќе добие целата сезона.
Демант (06.03.2023)
ФК Бутоп ги демантира гласините кои деновиве се појавија во фудбалската чаршија за криза во нашиот клуб. Проблемите кои се појавија со составувањето на тимот произлегуваат од неколку причини, но не од некаков организациски колапс. Повредите се една од причините, Вангеловски и натаму не може да се стави на располагање и на неговиот камбек ќе мора да се почека, додека Костовски ја обнови повредата на десното колено и за него сезоната е завршена. Слична е ситуацијата и со Милановски и најавеното засилување Шмитиќ. Амар Вукељ е отстапен привремено на Сент Патрик како знак на добра воља, а Колев не настапува поради ангажманот во КМФ Бутел. Грмуш е аут поради семејни причини, а Велковски зеде малку време за себе и истотака е привремено вон стројот. Сепак, новите засилувања Видиниќ и Русе се покажаа како опција на која може да се верува и понатаму, а ние се надеваме на што поскоро враќање и на останатите момци.
Грмуш стана татко: да е жива и здрава Јована
Кирил Ѓоргиев – Грмуш деновиве е најсреќниот играч на Бутоп затоа што стана татко на малата Јована. Тој вчера имаше прослава на која беше и нашата делегација. Му посакуваме да е жива и здрава и да носи многу радост во семејството Ѓоргиеви.
Изгубивме бодови заради неефикасност
ФЦ Мајами вчеравечер дојде до својата трета победа во Маалската лига победувајќи го Бутоп во трилер натпревар со конечни 4-3. Нашите момци иако ја препуштија фаворитската улога на противникот во ниту еден момент не беа во подредена улога. Напротив. Во текот на целата средба бутопци беа рамноправен ривал, а на моменти и подобри, но се беше попусто бидејќи не знаевме да ги користиме шансите. Мајами ги казни нашите промашувања и дојде до победата. За Бутоп настапија Курт (како голман), Димитровски, Смиљковски, Валчанов, Каравидов (кој го запиша својот јубилеен тристоти настап) и засилувањата Дарко Видиниќ и Никола Русе. По три кола се наоѓаме на седмото место на табелата со еден освоен бод и најмалку постигнати голови, па уште сега може да се забележи отсуството на златната копачка од првата сезона на Маалската лига, Марио Вангеловски – Штака. Сепак целта (пласман во плејофот) и натаму е достижна и нашите момци се фокусирани на победи во натпреварите што следуваат.
Каро вечерва испишува историја, кадровски проблеми во незгоден момент
Кристијан Каравидов на вечерашниот натпревар против ФЦ Мајами (19:00 часот) ќе стане само вториот играч во историјата на Бутоп кој ја достигнал границата од 300 настапи. Ова се неверојатни бројки за човекот кој е актуелен бранител на златната копачка од претходните две сезони и синоним за нашиот клуб.
Истовремено известуваме за кадровските проблеми со кои се соочуваме во незгоден момент откако поради повреди и други ситуации вон стројот се наоѓаат Вангеловски, Колев, Костовски, Ѓорѓиев, Велковски, Шмитиќ и Вукељ. Во составот се најавени Димитровски, Валчанов, Смиљковски, Курт и Каравидов, како и новајлиите Видиниќ и Русе.
Среќен роденден Јеткин
Денес Јеткин Сезаир го слави својот триесетти роденден. Легендарната десетка на Бутоп минатата сезона покрај сите проблеми со повредите успеа да собере сили за два натпревари и влез во клубот 100 (вкупно 101 настап) со што заокружи еден убав јубилеј во инспиративната кариера како играч на Бутоп. Двократниот освојувач на клупската златна копачка (2009/2010 и 2010/2011) денес е посветен на својата професионална определба – театарот. Му посакуваме се најубаво во новите предизвици. Среќен роденден Јеткин!
Среќен роденден Бени
Арбен Ејуп денес и вчера го прославува својот триесет и први роденден (роден е на 29.02.1992 во Скопје). Бени беше наш голман на сезоната 2011/2012, а вкупно запиша 30 настапи за Бутоп. Останува запаметен неговиот одбранет пенал во последната минута против Шато Сопот Центар за поминување на групата 5 на Капи-куп 2011 по што следеше и една успешна авантура во нокаут фазата. Му посакуваме се најубаво на приватен и на професионален план. Среќен роденден Бени!