Archives
now browsing by author
Незгоден противник за почеток на 2024
Бутоп вечерва во 21:00 часот (балон Албион, кај ОУ Пенко) ја отвара пролетната полусезона, а прв противник ќе ни биде тимот на Бутел Илхан Р. Оваа екипа е наш стар познаник, а првиот меѓусебен дуел е од далечната 2008 година кога на 12 јануари победивме 6-5 на теренчето кај Полицијата во Бутел. Во таа сезона одигравме 4 натпревари со позитивен скор за нас, 3-1 во победи. Следниот натпревар и повторно наша победа дојде во 2013 година. По неколку години пауза, патиштата повторно ни се вкрстија во сезоната 2020/2021 кога на четири средби нашиот вечерашен противник оствари исто толку победи и ја сврте традицијата во своја корист. На почетокот на наредната 2021/2022 сезона (29.08.2021) се одигра последниот натпревар во кој повторно момците на Илхан беа поуспешни со 10-5. Вкупно имаме 4 победи и 6 порази во 10 средби, а во серија сме од 5 порази, што значи многу незгоден противник за нас на почетокот на новата година.
За Бутоп вечерва ќе настапат Костовски, Курт, Велковски, Чаковски, Волчевски и Амар Вукељ.
По 12 дена индивидуални тренинзи, на ред е Бутоп да се екипира
Веќе дванаесет дена траат подготовките на бутопци и за целиот овој период нашите момци тренираа индивидуално, секој според своите потреби и ниво на подготвеност. Сепак, вистинското допрва следува, а на задоволство на сите наши фанови доаѓа информацијата дека утре Бутоп конечно се враќа во натпреварувачки ритам по долгата пауза од речиси три месеци без одигран натпревар. Противник ќе ни биде стариот познаник, екипата на Бутел Илхан Р. Повеќе за овој меч ќе прочитате утре. Засега знаеме дека почетокот е од 21:00 часот.
Среќен роденден Коки и Харис
Вообичаено на 28 јануари Бутоп има двојна причина за славење затоа што две наши легенди токму на овој датум ги имаат своите родендени. Харис Фекиќ и Костадин Колев се членови на клубот 100 и оставија длабока трага со своите настапи за Бутоп низ годините. Среќен роденден Коки и Харис!
Подготовките почнуваат утре
Бутопци утре (25.01.2024) ги започнуваат четиринаесеттите зимски подготовки. Традицијата која започна во 2011 година секогаш служи како една база за предизвиците кои ги носи пролетниот дел од сезоната. Првиот собир и тренинг утре ќе се одржат на старото теренче за мал фудбал во дворот на ОУ Живко Брајковски во Бутел со почеток во 15:30.
Осврт на есенската полусезона 2023/2024
Следува традиционалниот осврт на есенскиот дел од сезоната, овојпат од тековната 2023/2024, седумнаесетта во нашата историја. Изминатото фудбалско полугодие за Бутоп измина во знакот на третата сезона на Маалската лига каде веќе вообичаено имавме десет средби за играње. Ако знаеме дека во ланската сезона одигравме вкупно 27 натпревари и некоја цел која си ја поставивме за оваа сезона беше котата од 30 натпревари, јасно е дека само овие средби се недоволни за нејзино остварување. Но, за повеќе фудбал од Бутоп ќе ја чекаме пролетта, сега се фокусираме на она што беше.
Вкупниот скор на Бутоп во третото издание на МЛ (а воедно и во есенската полусезона 23/24) се 3 победи, 1 реми и 6 порази (10 бодови) со гол разлика 51-59, што беше доволно да се освои седмото место од вкупно осумте екипи кои учествуваа. Резултатски ова секако го прогласивме за разочарување, но остана генералниот впечаток дека бутопци беа конкурентни во речиси сите натпревари и многу бодови беа изгубени несреќно, поради некомплетен состав или поради грешки во клучните моменти. Во првите три кола загубивме од тимовите на Таверна Шкупи Лукс кафе (6-11), Ак. Ќерим (2-3) и Шеча (5-9), пред во четвртото коло да му одземеме бод на дотогашниот лидер, старите познаници Алиенс (6-6). Наредниот меч го добивме службено против идниот шампион Дрим тим, а во последните две кола од регуларниот дел повторно минимално загубивме, 5-6 од Албајрак Тенда и 2-4 од АММ-Тим. Овие резултати не одведоа во плејаут фазата каде што врзавме две победи, 4-3 против АММ-Тим и 11-7 против Ак. Ќерим, пред да загубиме во последното коло од Шеча со 5-10.
Вкупно 15 играчи настапија за Бутоп во изминатата полусезона: Васил, Андреј Димитровски, Даниел Жерновски, Дарко Костовски, Ристе Валчанов, Столе Чаковски, Кирил Смиљковски, Анел Курт, Амар Вукељ, Кристијан Велковски, Кристијан Каравидов, Бојан Волчевски, Омер, Муки и Кристијан Димовиќ. Најредовни беа Костовски, Чаковски, Курт и Велковски, а листата на стрелци ја предводат Чаковски со 11 гола, Курт има 9, а Велковски 7.
Паузата меѓу есенската и пролетната полусезона за бутопци повторно се издолжи, па повеќе од два месеци нашите момци се без обврски во сините или белите униформи. Тоа ќе се промени за два дена за кога е закажан официјалниот почеток на четиринаесеттите зимски подготовки на Бутоп. Повеќе информации за ова ќе имаме утре во посебна објава.
Честит Божик! За многу години!
ФК Бутоп на сите православни верници во Македонија им го честита празникот Божик. Христос се роди! За многу години!
Среќна Нова 2024
ФК Бутоп на сите свои навивачи им посакува среќна нова 2024 година исполнета со здравје, љубов и успеси!
Боксинг деј низ историјата: десет години од мајсторката со Примавера
И месец и пол дена по завршувањето на обврските во Маалската лига бутопци одмараат и ги полнат батериите за вториот дел од сезоната. Денес е боксинг деј кој традиционално, пред се во Англија, е резервиран за предновогодишни фудбалски возбудувања. Бутоп може да се пофали со стоотстотен учинок на четирите средби кои ги имаме одиграно на денешен ден, па да се потсетиме на резултатите:
2009: Бутоп 16 – 10 Бутел (Давор Жора)
2013: Бутоп 6 – 4 Примавера
2016: Бутоп 11 – 8 Примавера
2021: Бутоп 9 – 5 Немилосрдни
Денес навршуваат точно десет години од натпреварот со Примавера кој тогаш беше наречен „мајсторка“ бидејќи одлучуваше за тоа кој ќе има подобар меѓусебен скор во таа есенска полусезона откако претходно двете екипи победија по два пати. Бутоп победи 6-4, а уште еден куриозитет од таа средба е тоа што беше постигнат првиот гол на Бутоп за кој постои видео снимка. Стрелец беше Андреј Димитровски. Во пролетната полусезона овие два противника одиграа уште тринаесет натпревари, а ние победивме на единаесет од нив, наспроти двете победи на Примавера.
Фотографиите подолу се од натпреварот одигран на 26.12.2013 г.
Среќен роденден Марио
Денес својот роденден го слави Марио Вангеловски. Популарниот Штака во два наврати беше златна копачка на Бутоп, во сезоните 2016/2017 и минатата 2022/2023. И покрај тоа што есенва не играше во Сезона 3 од Маалската лига, се уште котира на високото трето место на вечната листа на стрелци во ова натпреварување. На нашиот голгетер му посакуваме се најубаво и скоро враќање во нашиот дрес.
Среќен роденден Марио!
МЛ: Бутоп втор на вечната табела, Марио трет стрелец
Маалската лига пред три дена на својот фејсбук профил ги објави вечната табела (со резултатите од трите одиграни сезони) и листата на стрелци. Бутоп е една од трите екипи кои ги одиграа сите три досегашни сезони и се најде на второто место на оваа табела со еден бод повеќе од третопласираните Алиенс и дури дваесет помалку од лидерот Таверна Шкупи Лукс кафе. И покрај тоа што не беше дел од тимот во штотуку завршената Сезона 3, Марио Вангеловски одлично котира како трет стрелец со 30 гола, а Анел Курт е петнаесетти со 18 постигнати погодоци. Столе Чаковски кој сезонава играше за нас како позајмен од Сент Патрик со 24 голови ја дели осмата позиција.