Бутоп го изненади фаворитот и дојде до првиот бод
Бутоп приреди изненадување на вчерашниот натпревар во рамките на третото коло на Маалската лига ремизирајќи со тимот на Белиот мачор. Конечните 7-7 ни го донесоа првиот бод иако никој не очекуваше ваков расплет пред почетокот. Бутопци се појавија со само пет играчи: Костовски поради повреда во улога на голман, Каравидов, Вангеловски, како и двете засилувања од ланскиот ривал Немилосрдни, браќата Амар и Анес Вукељ. Нашите ривали покажаа спортски ферплеј бидејќи одлучија и тие да играат 4+1 и покрај тоа што имаа доволно играчи, а се борат и за врвот на табелата. Белиот мачор брзо дојде до солидно водство (1-4), но нашите момци одлучија да не се предадат и до крај да се држат до зацртаната тактика: фокус на одбраната со низок блок и повремен посед со голман-играч и полуконтри со Вангеловски како сидро, а Амар со уфрлувања од втор план. Резултатот беше целосен резултатски пресврт и наше водство (7-5) на шест минути до крајот, кое сепак не успеавме да го задржиме во финалниот налет на радишанци. На крајот двете екипи можат да бидат задоволни, Бутоп го освои првиот бод, а Белиот мачор и покрај ремито изби на лидерската позиција на табелата.
Comments are Closed