АКТУЕЛНОСТИ
now browsing by category
Голема драма, уште поголема победа
Бутоп вчеравечер се избори за огромна победа со конечни 8-9 во дуелот со фаворизираниот тим на Галакси. Драмата траеше буквално до последните секунди кога противникот имаше шанса за израмнување, но постигнаа гол со рака кој разбирливо не беше признат. Натпреварот во целиот тек беше исполнет со резултатски пресврти и тимовите се менуваа во водството, па трите бода можеа да заминат на која било страна, за среќа завршија кај нас. Вреди да се истакне и ферскиот однос на двете екипи. Во редовите на Бутоп блесна Ќерим Бакиу кој за првпат во Сезона 6 настапи за нас постигнувајќи четири гола, а во тимот дебитираше и Адиат Бакиу. Од стандардните настапија Хајрун, Костовски, Волчевски, Смиљковски и Велковски. Како што најавивме вчера, така и се случи: со овие три бода Бутоп направи скок до третата позиција на табелата, а во тоа ни помогнаа и резултатите од другите две средби каде што фаворитите ја оправдаа својата улога. Па така сега на точно половина од сезоната се наоѓаме на место кое во најмала рака ни гарантира борба за трофеј до самата завршница, што секако ќе претставува голем мотив за нашите момци до крајот на МЛС6.

Можеме ли нешто против Галакси
Бутоп вечерва против Галакси (22:25) го игра својот натпревар од петтото коло на МЛ Сезона 6, со што се заокружува првата половина од сезоната. И покрај лошата форма и катастрофалните порази од Шкупи старс и од Пицерија Фор-ас, математиката вели дека со евентуална победа денес бутопци можат не само да се вмешаат во борбата за подиумот, туку теоретски да бидат трети по одигрувањето на натпреварите од ова коло. Сепак, за тоа да се случи мора да се покаже квалитет и одлучност на теренот, а дали ќе биде така и дали Бутоп има некакви шанси против одличниот тим на Галакси ќе дознаеме вечерва.
Среќен роденден Грмуш
Денес својот 32. роденден го слави нашиот легендарен голман Кирил Ѓоргиев – Грмуш. Грмуш досега запиша 44 настапи во дресот на Бутоп, а четири пати беше прогласуван за наш голман на сезоната (2007/2008, 2018/2019, 2019/2020 и 2021/2022). Му посакуваме се најубаво! Среќен роденден Грмуш!

Фудбал во време на тага
За време на деновите на жалост во нашата земја, а поради почит кон настраданите во пожарот во Кочани и сочувство кон нивните семејства и блиски, одлучивме да се воздржиме од објави на нашата веб-страница, како и на фејсбук страната на Маалска лига. Од вчера се вративме во медиумскиот простор: ги објавивме резултатите од минатото коло и прегледите на третото и четвртото коло, а овде накратко ќе се осврнеме на поразот кој Бутоп го доживеа во четвртокот во натпреварот против Пицерија Фор-ас. Беше тоа средба од четвртото коло во која Бутоп одново доживеа дебакл од девет разлика, израмнувајќи го негативниот рекорд, по вторпат во две недели. Конечните 14-5 за лидерот на табелата се реален приказ на случувањата на теренот, каде бутопци беа во подредена улога од почетокот до крајот на натпреварот. Единствен изговор за нас може да биде фактот дека игравме со ослабен состав без ниту една измена.

И тоа се случи: Бутоп победи во МЛ
По пауза од единаесет месеци Бутоп конечно победи на натпревар од Маалската лига. Вчеравечер (13.3.2025) бутопци беа подобриот противник во дуелот со Алиенс совладувајќи ги со конечни 6-4. Разликата можеше да биде и поголема затоа што нашите момци имаа комплетна контрола врз играта, а и водство од 6-1 на пет минути до крајот. Сепак, Алиенс со мини-серија се изборија за попристоен пораз. Од оваа средба ќе се памети и фактот дека Кирил Смиљковски се запиша во историјата на Маалска лига постигнувајќи го 2000. гол во ова натпреварување.

Кико и Марио се враќаат во составот
Кристијан Велковски и Марио Вангеловски се враќаат во составот на Бутоп за вечерашниот натпревар против Алиенс (21:00). Покрај нив во тимот најавени се и Смиљковски, Волчевски, Чаковски, Видиниќ и Валчанов. Поради ситна повреда ќе отсуствува Костовски, а во тимот најверојатно нема да биде ниту Курт.

Алиенс е наш следен противник
Утре се играат натпреварите од третото коло на МЛ Сезона 6, а во него Бутоп се среќава со стариот познаник, тимот на Алиенс. Натпреварот е прв на програмата и започнува во 21:00. Каков ќе биде одговорот на бутопци по рекордниот пораз во минатото коло останува да видиме. Бутоп и Алиенс досега одиграа десет натпревари, а ние имаме подобар скор: пет победи, две нерешени и три порази.
Историски дебакл на Бутоп
Само еден збор може најдобро да го опише она што можеше да се види на вчерашниот (06.03.2025) дуел меѓу Бутоп и Шкупи старс во рамките на второто коло на Маалската лига: дебакл. Во сезоната и годината кога нашиот клуб го слави своето полнолетство, бутопци некако успеваат да ги рушат негативните рекорди и да одат од лошо кон полошо. Вчерашниот пораз од 2-11 е израмнување на највисокиот пораз во нашата историја. Претходно само уште еднаш сме изгубиле со девет разлика, на 06.11.2012 со конечни 5-14 во натпреварот против Гази Баба.
Само една измена во составот
Бутоп вечерва со почеток во 21:45 му излегува на мегдан на Шкупи старс со само една измена во составот во однос на натпреварот од првото коло против Другарство. На местото на Смиљковски во тимот се враќа Костовски. Бутопци на оваа средба по подолго време се враќаат на сината варијанта на дресовите, додека противникот ќе игра во својата традиционална црвена боја.
Против Шкупи старс во второто коло
В четврток (6.3.2025) на програмата е второто коло на МЛС6 во кое Бутоп се среќава со тимот на Шкупи старс. Нашиот противник во првиот натпревар одигра неизвесно реми против дебитантот Галакси (7-7). Од друга страна, бутопци по воведниот пораз и по цели дванаесет натпревари без победа во ова натпреварување влегуваат со надеж дека конечно ќе се вратат на победничките патеки. Во двете меѓусебни пресметки во Сезона 5 Шкупи старс беше поуспешен од нас со победи од по пет разлика (2-7 и 5-10). Натпреварот в четврток почнува во 21:45.