Archives
now browsing by author
Објавени вечните листи на МЛ
Маалската лига на својот фејсбук профил ги објави вечната табела и вечната листа на стрелци по одигрувањето на Сезона 6. Бутоп се зацврсти на вечната табела на втората позиција зад се уште тешко достижниот Лукс кафе, а пред старите ривали Алиенс на третата. На листата на стрелци која ја предводи Фаризи има дури седум наши играчи во топ 30. Вангеловски е петти со 55 гола, веднаш зад него е Чаковски со 53 (првите две сезони играше за својот матичен тим Сент Патрик), Велковски е 14-ти со 31 гол, Волчевски, кој како и Чаковски ни се придружи од тимот на Сент Патрик, е 18-ти со 28 гола, Смиљковски и Димитровски се на делба на 22 -та позиција со по 26 гола и Анел Курт е 29-ти со 23 постигнати погодоци во досегашните шест сезони.


Бутоп поканет на два турнири месецов
Изминатава недела на нашата адреса пристигнаа две покани за учество на турнири.
Најпрво дојде поканата од организаторите на турнирот „Спасовден“ во Добри дол, кој се враќа на турнирската програма по седум години пауза и треба да започне на 24 мај. Токму во 2018 година Бутоп настапи на овој турнир и стигна до четвртфиналето.
Втората покана ни пристигна од соседна Србија за учество на еднодневен хуманитарен турнир за собирање средства за младата Милица Живковиќ. Турнирот ќе се одржи в недела (18.05.2025) со почеток во 13:00 часот во село Златокоп, каде еднаш веќе имавме административен настап на сличен настан.
Нашата управа ги разгледува опциите за учество на овие турнири и во наредниве денови ќе биде донесена конечната одлука.
Настапи и голови во МЛС6
По пауза од десетина дена во работењето на нашата веб-страница, денес се враќаме со редовните објави. Продолжуваме онаму каде што застанавме на крајот на минатиот месец, а тоа е прегледот на одиграни натпревари и постигнати голови на дваесет и тројцата играчи кои настапија за Бутоп во МЛ Сезона 6:

Чаковски повторно најрасположен стрелец

Маалска лига денес на својата фејсбук страна ги објави комплетните резултати од Сезона 6, листата на топ 10 стрелци, како и некои статистички податоци кои вообичаено се дел од анализата по секоја завршена сезона. Од приложеното можеме да издвоиме дека Чаковски повторно беше најрасположениот голгетер меѓу бутопци и се најде во топ десетте стрелци, овојпат на делба на деветтото место со дванаесет постигнати голови. Истотака, Бутоп беше дел од најефикасниот натпревар во МЛС6 во поразот од Галакси со 8-16 кој се одигра во последното коло, на 17.04.2025. Деновиве на оваа веб-страница ќе го објавиме и деталниот преглед на играчите кои настапија за Бутоп пролетва во Маалска лига со бројот на нивните настапи и постигнати голови.
Половичен учинок во убавото пролетно попладне
Бутоп на одличен начин ги искористи вчерашното сончево попладне и слободната сабота одигрувајќи две официјални средби против составот на Примавера, кој по подолго време настапи заедно. Присуството на Николиќ, Мето Смиљковски и Костадин Колев, а истовремено откажувањето на Немилосрдни и Санчовци беа доволни да се направат два тима составени претежно од играчи кои веќе имаат настапувано за нашиот клуб. За Бутоп вчера настапија Милановски, Костовски, Димитровски, Каравидов, Димитар Колев, Адриан Река и младите Халид Арифи и Ринар Палоши. На спротивната страна освен претходно споменатата тројка (Даре, Мето и Коки) настапија и Никола (Стрико), Јан Стојкоски, Иво Валчанов и уште еден младинец. Првиот натпревар започна во 14:00 часот и во него бутопци доминираа и дојдоа до сигурна победа од 4-1. Во реваншот, кој започна во 14:50, момците од Примавера вратија со иста мера победувајќи со 6-3. Двата натпревари минаа во пријателска атмосфера, но не изостана борба на теренот, па оттука и заклучокот дека фудбалски денот беше искористен на вистински начин.
Локален саботен предизвик за бутопци
Бутоп денеска треба да одигра една, а можеби и две пријателски средби против локални противници на домашното игралиште во дворот на ОУ Живко Брајковски. Ова на некој начин е навраќање на почетоците кога во првите неколку сезони Бутоп своите натпревари најчесто ги играше во сабота на отворени игралишта насекаде низ Скопје. Денес во нашиот состав се најавени Колев, Костовски, Димитровски, Каравидов, Николиќ, Методиј Смиљковски, а можеби и Димовски Костадин.

Бутоп петти, Пицерија Фор-ас нов шампион
Се уште трае сумирањето на впечатоците од шестата сезона на Маалската лига, а ние во исчекување на подеталните анализи кои ќе бидат објавени и на официјалната страна на МЛ на фејсбук, ви ја прикажуваме конечната табела. Бутоп заврши на петтото место со девет освоени бода (три победи и седум порази) и со тоа забележа мал напредок во однос на претходната Сезона 5, кога освоивме само еден бод и бевме убедливо последни. Пицерија Фор-ас е новиот шампион, шести по ред. Тие го наследија тронот од Лукс кафе, иако е тоа практично истата екипа со две три засилувања од ланскиот тим на Интер Балкан.


Честит Велигден! Христос воскресе!
ФК Бутоп на сите христијански верници во Македонија им го честита денешниот празник Велигден со желби за здравје, мир, љубов и благосостојба. Христос воскресе! За многу години!

Заслужени пехари, но и благодарница
Освен пехарите за ферплеј екипа и најдобар голман, Бутоп завчера доби и благодарница за учеството во МЛ Сезона 6, за која честа да ја прими ја имаше нашиот Дарко Николиќ. Тој во четвртокот ја одигра третата средба пролетва во дресот на Бутоп, а четириесетта севкупно и на одличен начин го користи периодот на одмор тука во Македонија.

За самиот натпревар против Галакси и нема што да се каже многу затоа што нашиот состав беше разретчен поради отсуствата на речиси сите првотимци, па прашање беше само колкава ќе биде разликата на крајот. Конечните 8-16 се дури и задоволителни бидејќи во еден момент разликата изнесуваше минус дванаесет. Бутоп оваа сезона во МЛ ја заврши на петтата позиција, но повеќе детали и статистики околу ова ќе следат во наредниот период.
Трофеен ден за Бутоп и покрај поразот
И покрај убедливиот пораз од Галакси (конечни 8-16) вчерашниот ден 17 април 2025 година ќе остане запаметен како позитивен за Бутоп затоа што освоивме два трофеја. Сосемо заслужено во нашата витрина заврши трофејот за ферплеј екипа на Маалска лига Сезона 6, како и пехарот за најдобар голман. Оваа награда ја освои нашиот Хајрун Амети, човекот кој во февруари пристигна тивко, но со својата посветеност успеа на крајот да се избори за ова признание.

