Archives
now browsing by author
Традиционално дерби на отварањето на Маалска
По четврти пат во пет сезони првиот натпревар во Маалската лига е дербито меѓу двете основачки екипи на ова натпреварување, Бутоп и Лукс кафе. Вечерва во 21:00 часот на вообичаеното место – балонот кај ОУ „Рајко Жинзифов“ во Топанско поле се крева завесата на Сезона 5 на Маалската лига помеѓу двата тима за кои ова е деветти меѓусебен дуел. Лукс кафе се поуспешни од нас со пет победи наспроти три наши. Последната средба ја имавме пред точно една недела во генералката пред новата сезона во МЛ кога загубивме со конечни 9-7. Вечерва за нас ќе настапат Бесим Кики, за кого се надеваме дека ќе успееме да го договориме за целата сезона, Чаковски, Волчевски, Вучевски, Смиљковски, Костовски и Никола Џон.

Шест екипи во борба за титулата
Маалската лига денес ги објави имињата на шесте екипи кои ќе се борат за титулата во петтата сезона на натпреварувањето. Освен Бутоп, Алиенс и Лукс кафе кои се дел од МЛ од самото нејзино формирање во новата сезона ќе има и три дебитанти: Галактикос Тим, Интер Балкан и Шкупи старс. Објавен е и распоредот за првото коло во кое ние ќе се сретнеме со Лукс кафе, но за ова повеќе ќе прочитате утре.

Маалската лига ја најави новата сезона
Новата сезона на Маалската лига вчера беше најавена на официјалниот фејсбук профил на ова натпреварување. Сезона 5 ќе започне в четврток, 26 септември и вообичаено ќе се игра во четвртоците во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско поле. Вчера беше презентирано и новото модернизирано лого, а наредниве денови ќе се објават повеќе детали за екипите како и правилникот. Бутоп минатата сезона заврши на третото место, па сега се надева на нов успех и борба за самиот врв.

Многу борба, но недоволно да се избегне пораз
Бутоп запиша пораз (7-9) во вчерашната средба со момците од Лукс кафе. Натпреварот беше израмнет од почеток до крај со блага предност и играчка, но и резултатска на страната на противникот. Ние невообичаено имавме проблем со изнесување на топката во зачетокот на акциите па со огромна борба и покрај многуте повреди и недоволната подготвеност на нашите играчи успевавме да задржиме каква-таква неизвесност. Сепак, недоволно да избегнеме пораз на крајот. За нас настапија играчите кои ги најавивме вчера.
Систематски преглед пред главниот предизвик
Нашиот тим вечерва во 21:00 часот ќе одигра уште еден натпревар во вообичаениот термин во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов. Трет натпревар сезонава и трет различен противник. Овојпат тимот предводен од Амир и уште неколку повремени членови на Лукс кафе засилен со неколку доктори би требало да претставува вистински систематски преглед за Бутоп пред почетокот на новата сезона на Маалската лига, која неофицијално треба да започне наредната недела. На задоволство на фановите, денеска во нашиот состав имаме тројца повратници кои ќе ги одиграат своите први минути сезонава: Смиљковски, Вангеловски и Колев, а ќе настапат и Костовски, Чаковски, Велковски и Видиниќ.
Колев потпиша за Балкан
КМФ Балкан денес преку својата фејсбук страница се пофали дека постигнале договор со нашиот Костадин Колев, кој во овој култен чаирски клуб преминува од редовите на КМФ Бутел. Коки веќе подолг период не настапува редовно за Бутоп поради футсал обврските, но бутопци не го забораваат и со гордост го пратат секој негов чекор. Му посакуваме многу успех и во овој нов предизвик!

Среќен 17. роденден Бутоп
Денес Бутоп го слави својот седумнаесетти роденден. Ќе рециклираме дел од објавата од пред две години за јубилејот петнаесет години од формирањето: „15 септември 2007 година беше денот кога започна оваа успешна приказна на клубот кој се обидува да биде на браникот на суштинските вредности на фудбалот и да промовира чесност, витештво и љубов кон убавата игра. Бутоп ги спои наративите на момците од Бутел 1 и Топанско поле кои беа дел од првиот натпревар во тоа септемвриско попладне“ а и до ден денес продолжуваме „со своите заложби да ги зближуваме маалските екипи и да ставаме акцент на уличните фудбалски мајстори,“ па оттаму идејата за Маалската лига која есенва треба да ја доживее својата петта сезона, а чиј основач е токму ФК Бутоп. Останува да си посакаме многу успех и напредок на нашиот клуб, но и индивидуално на сите кои се или биле дел од Бутоп.


Победнички златен гол во режија на Столе и Боки
Бутоп ја оствари првата победа сезонава откако вчеравечер со златен гол дојде до триумф од 9-8 против тимот на Алиенс. Натпреварот во целиот негов тек беше изедначен и играчки и резултатски. Во последниот напад противникот дојде до израмнување 8-8, по што беше договорено победникот да се одлучи со златен гол, кој се случи веќе во следниот напад во режија на Чаковски и Волчевски. Покрај ова дуо, за Бутоп настапија и Костовски, Каравидов, Велковски, Димитровски и Видиниќ, а имавме и дебитант на голот – младиот Алтај, кој покажа дека поседува потенцијал да биде големо засилување за нашиот тим.

Вечерва на мегдан со Алиенс
Бутопци вечерва (21:00 часот) ќе ги одмерат силите со старите познаници од Маалската лига – Алиенс. По минатонеделниот пораз на отворањето на сезоната ова ќе биде нова шанса за подигнување на натпреварувачкиот ритам, а се надеваме и победа. Натпреварот се игра во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов.

Објавени сите наши идеални тимови
Како дел од проектот „Веб 2024“ денес ги објавивме сите досегашни седумнаесет тимови на сезоната на Бутоп графички претставени преку апликацијата buildlineup. Најдобриот тим на сезоната во нашиот клуб се избира според бројот на настапи на играчите, односно оние кои имале најмногу настапи влегуваат во идеалната шесторка. Сето ова може да го пронајдете на оваа веб-страница кај поткатегоријата „Тим на сезоната“ во категоријата „Статистика“.
Овде ви го прикажуваме идеалниот тим од минатата сезона:
