АКТУЕЛНОСТИ
now browsing by category
Ќе има ли крај на поразите?
Вечерва од 21:00 часот започнува натпреварот меѓу Бутоп и Интер Балкан во кој нашите момци ќе дадат се од себе да спречат нов негативен рекорд од последователни порази. Веќе пишувавме дека во моментов сме во серија од шест порази, што е израмнување на рекордот од 2014 година. Нашиот вечерашен противник е трет на табелата и во борба за подиумот, но тоа е само дополнителен мотив за бутопци конечно да остварат позитивен резултат.
Костовски и Волчевски на принудна пауза
Она што веќе им беше познато на членовите на Бутоп уште минатата недела сега е потврдено: Костовски и Волчевски ќе бидат вон терените во наредниот период поради повреди. Костовски доживеа повреда на левото колено, па ќе треба да подлежи на дополнителни испитувања пред да се знаат детали за рехабилитацискиот процес и евентуалниот датум за камбек. Волчевски пак веројатно ќе мора да оди на операција на рамото и дури потоа да почне со тренинзи за враќање на формата.
В четврток први излегуваме на терен
Бутоп и Интер Балкан в четврток од 21:00 часот ја отвораат програмата на деветтото коло од МЛС5. Ние сме во серија од шест порази, што е израмнување на негативниот рекорд и сме убедливо последни на табелата, додека нашиот противник е трет и со реални шанси да освои пехар на крајот од сезоната.

Израмнета најдолгата серија порази
Завчерашниот минимален пораз од Галактикос Тим беше шести последователен за Бутоп со што ја израмнивме нашата најдолга серија порази. Претходно шест пати по ред загубивме во периодот од 12. до 26. август 2014 година со настапи на турнирите во Љубанци и Ново Лисиче. Оттогаш тимот многупати се наоѓал во криза, но никогаш немавме ваква негативна низа. Останува надежта дека нема да поставиме нов негативен рекорд и дека наредниот четврток конечно ќе освоиме нови бодови во Маалската лига.
Пропуштена голема шанса за бод
Бутоп вчера доживеа нов пораз во Маалската лига откако по голема борба подобар од нас беше Галактикос Тим. Конечните 5-4 се вистински одраз на тоа колку израмнет беше овој натпревар, а Видиниќ во последните секунди имаше шанса да израмни и да ни донесе барем бод, но за жал нековиот шут заврши покрај стативата. Двете екипи беа ослабени и со доста отсуства, а водството неколкупати се менуваше на едната и на другата страна. Бутоп по осум кола останува закован на дното на табелата со само еден освоен бод.

Ослабени против фаворитот
Бутоп вечерва (22:25) се наоѓа пред нов предизвик во Маалската лига. Наш противник е Галактикос Тим, екипа која е втора на табелата и се бори за титулата оваа сезона. Дополнителен проблем за нас се најавените отсуства на неколку првотимци поради повреди, па неизвесно е со кој состав ќе излеземе на мегдан со моќниот ривал.

Скопје е ослободено! Честит празник!
Денес нашиот град одбележува осумдесет години од ослободувањето од фашистичката окупација. ФК Бутоп се приклучува во честитките: Скопје е ослободено! Токму по овој повод викендов Костовски учествуваше на традиционалната планинарска тура за искачување на врвот Љуботен со што им беше оддадена почит на борците кои ги дадоа своите животи за нашата слобода.

Алиенс го растури Бутоп
Бутоп доживеа нов пораз во натпреварите од Маалската лига откако вчера (07.11.2024) Алиенс беше подобар од нашите момци (9-5). Иако ова не е најголемиот пораз сезонава, фактичката слика на теренот беше поинаква и бутопци беа потполно надиграни. Алиенс водеа од почеток до крај и нивната победа не беше доведена во прашање ниту еднаш. За Бутоп настапија: Смиљковски (како голман), Димитровски, Чаковски, Вангеловски, Видиниќ, Костовски, Вучевски и Ќоќоровски.
Со ротации до прекин на лошата серија?
Бутоп и Алиенс вечерва (21:45) слават мал јубилеј во меѓусебните пресметки затоа што го играат десеттиот натпревар. Ние имаме подобар скор остварувајќи пет победи, два пати било нерешено, а две победи се за Алиенс. Дали ќе успееме да ја прекинеме лошата серија од четири порази во низа во Маалската лига многу ќе зависи од тактичките решенија. Интересно, Бутоп денес ќе настапи без класичен голман, а со дури осум играчи, што значи освен ротација на голманската позиција ќе има доста измени и во поле. Како ќе изгледа сето тоа останува да видиме.
Играме една од најлошите сезони
И без да направевме поглед низ статистичките податоци од минатото, јасно беше дека ја играме една од најлошите сезони, барем кога станува збор за резултатите. По девет натпревари во новата сезона 2024/2025 имаме скор од по една победа и нерешено и дури седум порази, што е практично израмнување на скорот по првите девет средби во досега најлошата сезона 2022/2023. Тогаш ја создадовме Маалската лига, па тоа ниво и темпо на натпреварување можеби ни дојде премногу, овојпат некакво оправдување би била недоволната подготвеност затоа што буквално во сите шест натпревари во рамките на МЛ имавме водство од минимум два разлика. Шанса да го поправиме впечатокот имаме веќе утре во новиот натпревар со стариот познаник Алиенс.