АКТУЕЛНОСТИ
now browsing by category
Газиме: шеста победа по ред
Бутоп вчеравечер (22.11.2021) ја продолжи победничката серија откако со конечни 11-9 беше подобар од тимот на Немилосрдни. Во натпревар со многу пресврти и голови, не успевавме да воспоставиме контрола и неизвесноста траеше до последната минута. Сепак, повторно нашето искуство беше пресудно на крајот. Средбата се одигра во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско со почеток во 20:00 часот, а настапија играчите кои ги најавивме вчера.
Ќе го сопре ли некој Бутоп?
Може ли вечерва (22.11.2021) да заврши серијата од пет победи во која се наоѓа Бутоп ќе дознаеме околу 21:00 часот кога ќе заврши натпреварот против Немилосрдни. Повторно играме на друго игралиште, овојпат во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско поле. Младите момци предводени од Ристе Валчанов ќе се обидат да најдат лек за сините. Ние ќе истрчаме со супер искусен состав, засилени со Димитровски кој се врати од Софија. Покрај него во тимот ќе се најдат Костовски, Смиљковски, Курт, Велковски и Каравидов.

Елиф ја води Македонија кон Катар
Минатата недела (14.11.2021) репрезентацијата на Македонија ја оствари една од најважните победи во својата историја совладувајќи го Исланд со 3-1 на Националната арена Тодор Проески во Скопје. Овој резултат ја доведе А-селекцијата во баражот за Светското првенство во Катар, кој ќе се одржи идниот петок (26.11) во Цирих. Стрелец на двата одлучувачки гола во второто полувреме беше нашиот Елиф Елмас, кој продолжува во најдобро светло да го претставува бутелскиот фудбал во светот.

Рутинерски до нова победа
Бутоп продолжува да гази и вчера ја оствари петтата победа по ред. Дарко ФФМ повторно беа немоќни да ја сопрат расположената сина дружина, па конечните 5-4 можеби не ја даваат реалната слика за натпреварот во кој ние ја имавме контролата и врз играта и врз резултатот. Нашата стартна шесторка беше: Грмуш, Курт, Велковски, Смиљковски, Каравидов и Костовски. Ваква искусна постава не сме имале одамна, па момците рутински ја завршија домашната задача потпомогнати од Валчанов кој подоцна влезе во игра.
Вечерва Бутоп ќе игра на искуство
Бутоп вечер (15.11.2021) од 19:00 часот повторно ќе одигра натпревар со тимот на Дарко Видиниќ и повторно на нов терен. Овојпат местото на средбата е балонот кај ОУ Круме Кепески во Кисела Вода. Ние по подолго време ќе истрчаме со искусен тим, составен од старите волци: Грмуш на голот, Курт, Велковски, Смиљковски, Костовски, Каравидов, Сезаир и младиот Валчанов.

Судиите немоќни, стекнуваме победнички навики
Ниту студеното време и лизгавите терени на СУГС „Никола Карев“ не го спречија Бутоп да слави нова победа над Дарко ФФМ на синоќешниот (11.11.2021) натпревар. Конечни 9-7 во средбата која започна во 22:30 на помошниот терен, а своето второ полувреме го имаше на главниот од двата терена кај Карев. Нашите момци одиграа солидно, иако со одредени падови во играта и грешки. Сепак доволно за нова победа. Настапија играчите кои ги најавивме вчера освен Матеј, а на голот се менуваа Костовски, Курт и Каравидов.

Ново боиште и ист противник
Бутоп вечерва (11.11.2021) за првпат ќе игра на теренот кај СУГС „Никола Карев“ против старите познаници Дарко ФФМ. Натпреварот почнува во 22:00 часот. Во нашиот состав денес ќе се најдат: Матеј, Костовски, Валчанов, Курт, Велковски, Каравидов и Даниел.
Закажан термин во Карев
Нашата управа закажа термин на теренот на СУГС „Никола Карев“ за утре (11.11.2021) во 22:00 часот. Противник треба да ни биде тимот на Дарко ФФМ, но чекаме официјална потврда во текот на утрешниот ден. Тоа треба да биде наш прв натпревар на овој терен. Повеќе информации утре, следете не.
Пресврти и многу голови, но и сигурна победа
Бутоп забележа нова победа во натпреварите против Дарко ФФМ откако синоќа (04.11.2021) беше поуспешен од стариот познаник со конечни 10-8. Средбата помина во еден опуштен ритам со отворена игра и резултатски пресврти. Судиите пружија достоен отпор, но нашето искуство надополнето со младите сили беше пресудно за конечниот епилог. За Бутоп настапија дебитантот Енис Каришиќ, Курт, Велковски, Валчанов, Шилегов и Даниел. Натпреварот се одигра на теренот од балонот кај ОУ 11 Октомври во населба Пролет со почеток во 22:10.
На 4 ноември во 11 Октомври
Насловот сам говори за тоа за каде се договоривме да се одигра денешниот термин со тимот на Дарко ФФМ. Населбата Пролет и балонот на ОУ 11 Октомври одново ќе бидат боиште за овие две екипи, натпреварот почнува во 22:10. За Бутоп ќе настапат: Енис Каришиќ, кој ќе дебитира и ќе започне на голманската позиција, како и Курт, Велковски, Шилегов, Валчанов и Даниел.