Archives
now browsing by author
Индивидуална статистика од МЛ Сезона 3
Вкупно 15 играчи настапија за Бутоп во МЛ Сезона 3. Следи преглед на бројот на настапи и голови:

Дрим тим е новиот шампион на МЛ
Нашите играчи се уште одмараат по крајот на третото издание на Маалската лига кое заврши минатиот четврток. Бутоп го понесе насловот за ферплеј екипа на сезоната, а на табелата завршивме како седми во конкуренција на осум тимови.
Екипата на Дрим тим е новиот шампион. Тимот чии играчи воглавно доаѓаат од скопско Визбегово на тој начин стана третиот различен освојувач во исто толку сезони во ова натпреварување, по Радишани и Љуботенски пат. Тие се дебитанти во МЛ, како и второпласираните Албајрак Тенда. Третото место го освои екипата на Алиенс.
За најдобар играч беше прогласен Арсијан Хасан од Алиенс, најдобар голман е Фуркан Алими од Албајрак Тенда, а најдобар стрелец е Нено Рајковчевски од АММ-Тим.
Подолу следи конечната табела на Сезона 3 и фотографија од доделувањето на пехарот за третопласираниот тим Алиенс.


Анел Курт го одигра 300 натпревар за Бутоп
Како што споменавме во објавата од пред неколку дена, Анел Курт во последното коло од третата сезона на Маалската лига, на натпреварот против Шеча одигран на 08.11.2023 го запиша својот јубилеен 300 настап за Бутоп. Тој е четвртиот играч со вакво постигнување во нашиот тим. Годинава во текот на месец март оваа квота ја достигнаа и Кристијан Каравидов и Кирил Смиљковски, а од претходно член на клуб 300 е и Дарко Костовски. На Анел му посакуваме уште многу настапи и успеси со Бутоп, но и на приватен и професионален план.

Бутоп е ферплеј екипа на сезоната

Бутоп го освои признанието за ферплеј екипа за третата сезона на Маалската лига која заврши вчера (09.11.2023) во балонот кај ОУ „Рајко Жинзифов“ во Топанско поле. Последното коло донесе многу возбудувања, а потоа и традиционалните доделувања на наградите, каде што ние сосема заслужено го освоивме овој трофеј по се она што го прикажавме на теренот изминативе два месеци.

Сезона 3 затворена со пораз
Бутоп вчера загуби од Шеча (5-10) во последното коло од третата сезона на МЛ. Иако добро почнавме и поведовме со 2-0, противникот успеа да наметне темпо кое се покажа пресилно за нас и го сврте резултатот во своја полза. Нивната предност дојде и до +3, а ние внесовме неизвесност во натпреварот кога намаливме на само гол негатива (5-6), но се покажа дека тоа беше максимумот од нас вчера. За Бутоп настапија Костовски, Велковски, Димитровски, Жерновски, Димовиќ и Анел Курт, кој го одигра својот 300 натпревар за нашиот клуб. Но, за тоа повеќе во посебна објава.
Против Шеча се бориме за подобар пласман
Вечерва Бутоп и Шеча го отвараат последното коло од третата сезона на Маалската лига со натпреварот чијшто почеток е закажан за 20:00 часот. Ова е средба на две екипи со ист број бодови – 10, на делба на шестото и седмото место на табелата. Бутоп е подобро пласиран поради подобрата гол разлика. Пред нас на петтата позиција со 11 бодови се наоѓа АММ-Тим, кој утре се среќава со Ак. Ќерим. Затоа овие два натпревари имаат важност и ќе одлучат за конечниот пласман. Во претходните две сезони бутопци завршуваа на петтото (од шест екипи), односно шестото (од осум екипи) место во МЛ.
МЛ ги претстави пехарите за најдобрите
Маалската лига на својот фејсбук профил ги претстави пехарите за најдобрите екипи и поединци за тековната трета сезона која завршува задутре, четврток 09.11.2023. Бутоп својот натпревар од последната рунда ќе го одигра утре со почеток во 20:00 часот. Противник е тимот на Шеча.

Ни тргна во плејаутот: втора победа по ред
Бутоп врза две победи по ред откако вчера (05.11.2023) беше подобар од Ак. Ќерим со 11-7 во натпреварот од претпоследното, деветто коло во МЛ. Уште од самиот старт диктиравме темпо и воспоставивме контрола на случувањата на теренот, а и постојано бевме во водство. Победата во ниеден момент не беше доведена во прашање. За Бутоп настапија Костовски, Димитровски, Курт, Велковски, Чаковски и дебитантот Муки.
Победа за Бутоп и напредок на табелата
Фудбалерите на Бутоп успеаја да им се реваншираат на момците на АММ-Тим откако вчера беа подобри со конечни 4-3 во натпреварот од осмото коло на МЛ. Исто како и една недела претходно, двете екипи одиграа тврд натпревар со многу тактички надмудрувања, но овојпат бутопци излегоа победнички од битката. Повратникот во тимот Валчанов постигна два гола, како и Велковски, но сите играчи еднакво придонесоа со прикажаното на теренот. Со оваа победа се искачивме на шестото место на табелата поради подобрата гол разлика од тимовите на Шеча и Ак. Ќерим кои имаат исто бодовно салдо како нас.
Вечерва шанса за реванш против АММ-Тим
Денес започнува разигрувањето во плејаут фазата за екипите на Бутоп и АММ-Тим кои ќе се сретнат во натпревар од осмото коло. Почетокот е закажан во 20:35, а овој натпревар е реприза на минатонеделното соочување во кое загубивме со 4-2 во еден тврд и неефикасен натпревар. Вечерва во составот на Бутоп за првпат сезонава ќе се најде Ристе Валчанов, а покрај него ќе бидат стандардните Костовски, Курт, Димитровски, Смиљковски, Чаковски и Велковски. Каравидов отсуствува поради мала повреда.