Archives

now browsing by author

 

Со фул состав во дербито со Алиенс

Бутоп вечерва во 20:30 часот се среќава со тимот на Алиенс во натпревар кој е дерби на Маалската лига затоа што двете екипи се дел од ова натпреварување од самиот почеток. Вкупно четири пати игравме со нив и скорот е изедначен, по две победи. Денес за нас ќе настапат сите планирани првотимци: Костовски, Димитровски, Курт, Смиљковски, Каравидов, Велковски и веќе стандардниот Чаковски, кој ни е позајмен од Сент Патрик за оваа сезона во МЛ. Оваа средба е веројатно наша последна шанса со победа да се вмешаме во борбата за плејоф, а воедно и прилика по трите воведни порази да ги освоиме првите бодови.

Двојна програма неделава

Оваа недела на распоредот на Бутоп се два натпревари од четвртото и петтото коло на Маалската лига. Најпрво во четврток (12.10.2023) во 20:30 часот ќе се соочиме со стариот познаник Алиенс, а во недела (15.10.2023) го заокружуваме колото со натпреварот против Дрим тим кој е закажан за во 20:10. Противниците никако не се наивни, но се надеваме дека овој згуснат распоред е шанса конечно да дојдеме до првите бодови сезонава.

Три од три порази

Бутоп вчеравечер го забележа и третиот пораз во третиот натпревар во Маалската лига. Овојпат пресилни за нас беа момците од Шеча, тим кој доаѓа од соседно Косово. Се изгледаше загубено кога противникот поведе 5-1, но ние успеавме да се вратиме (5-4) и да внесеме неизвесност во натпреварот. Сепак, немавме сила за комплетен пресврт. Конечниот резултат гласи 9-5 за Шеча.

Поминаа 15 години од освојувањето на турнирот во Железара

На денешен ден (4 октомври 2008 год.) пред точно петнаесет години Бутоп го освои својот засега единствен трофеј на турнирот кој се играше на теренчето кај ОУ Григор Прличев во скопска Железара. Тоа сончево попладне со почеток во 15:00 часот се одигра финалниот натпревар во кој бевме подобри од тимот на Турци ЈБТ со конечен резултат 6-3. На овој турнир за Бутоп настапуваа: Петар Лазароски, Андреј Димитровски, Дарко Костовски, Харис Фекиќ, Анел Курт, Јеткин Сезаир и Кристијан Каравидов. Фотографијата подолу е од пред почетокот на финалето.

Шеча нареден противник на Бутоп

Тимот на Шеча ќе биде наш нареден противник во рамките на третото коло од Маалската лига. Натпреварот е закажан за во четврток со почеток во 20:35. По две одиграни кола ние сме седми без освоен бод, а Шеча е петта со еден бод освоен во ремито со АММ-Тим.

Костовски со роденденска порака

Овој втори октомври Дарко Костовски во улога на капитен се навраќа на традицијата роденденски да им се обрати на своите соиграчи бутопци, како и на навивачите на Бутоп. Ви ја пренесуваме неговата кратка порака:

„Нашиот клуб се наоѓа пред многу предизвици во штотуку започнатата сезона. Организациски сме добро поставени и очекувам во скоро време да ги поправиме резултатите по лошиот старт во првите две кола на Маалската лига. Сите заедно треба да дадеме максимум и да му пријдеме на секој следен натпревар како на финале. Се уште сметам дека овој тим има квалитет за влез во плејофот. Напред Бутоп!“

Несреќен пораз во последната минута

Бутоп вчера забележа несреќен пораз во драматичниот натпревар против Ак. Ќерим кој заврши 3-2. Второ коло и втор пораз за нашите момци, а можеше да биде поинаку. Противникот поведе со 1-0, но на почетокот на второто полувреме следеше наш пресврт во оваа тврда пресметка. Момците во бело брзо израмнија па последните десетина минути беа драма со среќен крај токму за нив, откако искористија една контра за конечни Бутоп – Ак. Ќерим 2:3. За нас настапија играчите кои беа најавени, а стрелци на головите беа Каравидов и Курт.

Вечерва искуството ќе биде нашиот адут

На три часа пред почетокот на вечерашниот натпревар (21:20) против Ак. Ќерим ви го презентираме составот со кој ќе истрча Бутоп. Во поставата се враќаат искусните Курт, Димитровски, Каравидов и Велковски, а тука се и Костовски, Амар Вукељ и Чаковски кои играа и во првото коло.

Утре на мегдан со Ак. Ќерим

Бутоп утревечер ја затвора програмата на второто коло во Маалската лига со натпреварот закажан за во 21:20 часот против тимот на Ак. Ќерим. Оваа екипа ланската сезона настапуваше под името Барбер шоп Енис и со нив се сретнавме три пати. Скорот е изедначен, по една победа за двете екипи и едно реми.

Сила само за достоен пораз

Вчера нашите момци со пораз ја започнаа новата сезона во Маалската лига. Конечните 6-11 во дуелот со Таверна Шкупи се реален приказ на случувањата на теренот. Бутопци одржуваа егал во првите петнаесетина минути, но пред крајот на полувремето противникот дојде до плус два и веднаш стави до знаење дека неизвесност нема да има. За нас по два гола постигнаа Столе Чаковски и Амар Вукељ, а по еден гол дебитантите Васил и Омер. Настапија и Волчевски и Костовски, кој бранеше. Во останатите средби победи забележаа Алиенс (5-0) против АММ-Тим, Дрим тим (13-8) против Албајрак Тенда и Ак. Ќерим (7-5) против Шеча.