АКТУЕЛНОСТИ

now browsing by category

 

Вечер славиме: второ или трето место?

Денес се затвара четвртата сезона на Маалската лига, натпреварување чии идеолози и организатори сме ние, а во кое дури сега во четвртиот обид успеваме да се качиме на пиедесталот за најуспешните. Бутоп во денешното последно коло и натпреварот со новиот шампион Албајрак Тенда (првото место го осигураа уште во минатото коло) влегува како третопласиран со бод заостанување зад Лукс кафе кој од 20:00 часот игра против последнопласираните Алиенс. Со евентуален кикс на чаирчани, а наша победа над Албајрак ние би дошле и до второто место на крајот, но секако третата позиција не ни е загрозена. Коцките се поклопија така што во првото коло ја имавме честа да ја отвориме сезоната со натпреварот против Лукс кафе, а вечерва да ја затвориме со средбата против новите шампиони. Натпреварот Албајрак Тенда – Бутоп почнува во 21:25 часот.

Победа која обезбеди пехар

Бутоп оствари уште една убедлива победа во Маалската лига откако во четвртокот (18.04.2024) беше подобар од Алиенс со 11-5. Овој триумф и теоретски ни гарантира пехар на крајот од оваа Сезона 4 која завршува за три дена, на 25 април. Прашањето е само дали ќе бидеме втори или трети. Новиот шампион веќе е познат, а тоа е тимот на Албајрак Тенда кој е нашиот противник во последното коло.

Во борба за пехари

Во пресрет на последните две кола од четвртата сезона на МЛ Бутоп се наоѓа на третото место на табелата и е во позиција да се бори за пехарите во ова натпреварување. Во претходните три изданија постојано бевме во долниот дел и борбата за избегнување на последните места, но овојпат е поинаку. Утрешното деветто коло ни носи нова средба со Алиенс (21:25 часот), а бутопци иако теоретски немаат осигурано подиум на крајот (имаме шест бода повеќе од четвртопласираниот АММ-Тим) гледаат и нагоре кон вториот Лукс кафе (бод повеќе од нас) и првиот Албајрак Тенда (плус пет од нас).

Марио незапирлив, Бутоп убедлив

Бутоп оствари убедлива победа (5-10) на вчерашниот натпревар против Ак. Ќерим во рамките на осмото коло на МЛ. Нашите момци беа расположени за фудбал и покажаа класа за трета победа по ред. Триумфот не беше доведен во прашање во ниеден момент. Индивидуално се истакна Вангеловски со шесте погодоци, а хет-трик постигна Велковски. Курт застана на голот, Димитровски постигна еден погодок, а во тимот беа уште и Костовски, Волчевски и Чаковски.

Залетаните бутопци во потрага по нови бодови

Вечерва на програмата во вонреден, неделен термин е осмото коло од МЛ во кое Бутоп се среќава со Ак. Ќерим. Токму на првиот натпревар со нив од оваа Сезона 4 во маалската конкуренција започна нашиот подем во формата откако славевме со 6-4 и ги освоивме првите три бода по стартните порази од Лукс кафе и АММ-Тим. Сега се наоѓаме во сосема спротивна ситуација, како трети на табелата, па евентуална победа вечерва може речиси да ни го обезбеди подиумот на крајот од сезоната. Вечерашната средба започнува во 19:45.

Мала, а голема победа

Фудбалерите на Бутоп во четвртокот (11.4.2024) остварија нова победа во Маалската лига и докажаа дека се наоѓаат во супер форма во вистинско време остварувајќи четири победи на последните пет натпревари во изминатите триесетина дена. Последнава, иако минимална (6-5) против АММ-Тим, е од огромно значење затоа што го зацврсти нашиот тим на третото место на табелата пред финишот на Сезона 4. Конечниот резултат сепак не ја отсликува вистинската ситуација на теренот бидејќи нашите момци имаа потполна контрола и високо водство во поголемиот дел од средбата. Па така, од 5-1 на седум минути пред крајот, единствено нашето опуштање беше причината за овој минимален триумф. На голот на Бутоп по долго време се најде Ристе Кичовски, први настапи во ова издание на МЛ имаа и Костовски и Велковски (кој со четири гола беше најефикасен), а настапија и Димитровски, Курт, Смиљковски, Чаковски и Волчевски. Веќе утре во вонреден, неделен термин на програмата е осмото коло и натпреварот со Ак. Ќерим.

Ретро приказна за ривалство со аеродромци

Низ својата историја Бутоп многу често се обидуваше да наоѓа ривалства со слични на себе, односно со екипи кои негуваат маалски карактер. Ќе се потсетиме на едно такво старо и подзаборавено ривалство против една аеродромска екипа. На денешен ден пред точно петнаесет години (11.04.2009) го одигравме првиот од двата натпревари против тогашните МК Рисови, кои денес го носат името ТимАската. Натпреварот се одигра на теренчето кое кај локалното население во Аеродром е познато како „Тере“ со почеток во 18:00 часот. За Бутоп тогаш играа Фекиќ, Димитровски, Курт, Смиљковски, Костовски, Каравидов и Сезаир. На жешкото гостување овој наш, своевремено дрим тим, оствари победа со конечни 10-7 откако на полувреме беше нерешено, 5-5.

Лидери во одбраната на ТимАската уште во тој период беа Паста, Флека и Кипри, на голот – Емил, додека во офанзивата предничат Васе и Јуп. Неизоставен дел од овој тим се и Столе и Мали. Разбирливо за аеродромска екипа е важно да се спомене и водачот на публиката, Хари. За овој натпревар конкретно, нашите ривали секогаш потенцираат дека причината за нивниот пораз е тоа што „во натпреварот влегле потценувачки кон нас без никаква тактичка анализа, лежејќи под клима десет минути пред натпреварот.“ За разлика од нив, ние сме пристигнале „со точаци, загреани за фудбал“.

На ред за реванш ни е АММ-Тим

Откако минатата недела им се реванширавме на Лукс кафе за поразот од првото коло сега на ред за една мала одмазда ни е АММ-Тим. Вечерва од 20:00 часот овој натпревар ќе го отвори седмото коло во кое ние влегуваме како третопласирани со девет бодови, а нашиот противник со три бода помалку е петти на табелата. Во второто коло АММ беа поуспешни со конечни 7-4. Денес за Бутоп ќе настапат: Кичовски, Курт, Димитровски, Смиљковски, Чаковски, Волчевски, Велковски и Костовски.

Честит Рамазан Бајрам

ФК Бутоп им го честита денешниот празник Рамазан Бајрам на сите муслимани во Македонија со желби за здравје и благосостојба. За многу години!

Освоени големи три бода за Бутоп

Дербито на Маалската лига меѓу Бутоп и Лукс кафе одиграно завчера (4.4.2024) заврши во наша корист со конечни 6-3. Куриозитет е тоа што во второто коло чаирчани беа подобри од нас со идентичниот резултат, па ние сега вративме подеднакво. Првото полувреме беше израмнето и екипите го менуваа водството се до две-три минути пред крајот кога бутопци поведоа со 4-3. Во второто полувреме нашите момци одиграа фантастична одбрана затворајќи ги сите приоди кон голот на Колев и со две полуконтри го казнија противникот. Овие три бода ќе бидат мошне значајни во нашата борба за подиум на крајот од оваа Сезона 4, а во моментот сме осамени на третата позиција со три бода помалку од Лукс кафе и два повеќе од Ак. Ќерим.