АКТУЕЛНОСТИ

now browsing by category

 

Златната копачка останува кај Каро

Кристијан Каравидов е освојувач на златната копачка на Бутоп втора година по ред! Признанието најдобар стрелец во сезоната 2021/2022 е трето вакво за Каро по сезоните 2012/2013 и ланската 2020/2021. Со ова тој се израмни со Костовски со по три освоени златни копачки, а е прв по Јеткин Сезаир (сезони 2009/2010 и 2010/2011) кој ја одбрани оваа престижна титула. Овојпат тој доста убедливо се најде на врвот на листата пред Димитровски и Смиљковски. Дали Каравидов ќе биде првиот фудбалер со три златни копачки една по друга ќе дознаеме претстојнава сезона.

Прв со честитка за Каро се јави Јеткин кој порача: „Одлично е да се знае дека има и други амбициозни играчи кои го повториле овој успех две години по ред“. Тој не штедеше пофални зборови за својот соиграч и додаде дека „успехот на Каро е дури и поголем затоа што јас тоа го постигнав кога бев млад и во најдобра форма, а Каро тоа го стори во „староста“. Се надевам ќе продолжи со овој ритам и ќе му носи нови победи на нашиот еден и единствен Бутоп“.

Потсетување на досегашните освојувачи:

2007/2008: Енис Пепиќ – *

2008/2009: Дарко Костовски – 11

2009/2010: Јеткин Сезаир – 9

2010/2011: Јеткин Сезаир – 16

2011/2012: Дарко Костовски – 18

2012/2013: Кристијан Каравидов и Филип Цветковски – 5

2013/2014: Дарко Костовски – 3

2014/2015: Кристијан Велковски – 5

2015/2016: Кирил Смиљковски – *

2016/2017: Марио Вангеловски – 5

2017/2018: Кристијан Велковски – 5

2018/2019: Анел Курт – *

2019/2020: Енис Реџеп – *

2020/2021: Кристијан Каравидов – *

2021/2022: Кристијан Каравидов – *

Сезона 2021-2022

Сезоната која ја оставаме зад нас е петнаесетта во постоењето на ФК Бутоп. Со сигурност може да кажеме дека беше една од најуспешните, а дојде по резултатски катастрофалната 2020/2021.  Во овој преглед традиционално ќе се обидеме да ги прикажеме најважните статистики и моменти од изминатава година.

За прв пат по шест години одигравме над 20 натпревари, вкупно 25 вклучувајќи ги службената победа и пораз на турнирот во Србија. Она што дополнително радува покрај обемот е и скорот: 19 победи, 1 нерешена и само 5 порази. Гол разликата е 197 постигнати (7,8 во просек) и 152 примени (6,1) погодоци. Вкупно на нашите средби паднале 349 гола (13,9 во просек).

Игравме против вкупно девет противници: Чаир Нестле, Бутел (Илхан Р), Немилосрдни, Дарко ФФМ, Албион Север, Убавиња, Друштванце, Стојчевски и Фатмир Зука. Најчест противник ни беа Немилосрдни со кои игравме 12 пати, со скор 8 победи, една нерешена и 3 порази. Против Дарко ФФМ остваривме пет победи во исто толку мечеви, а 2/2 победи имавме против Албион Север. Со останатите сме играле по еден натпревар. Настапите ни беа на 7 терени, а вистински домашен терен сезонава ни беше балонот кај ОУ Рајко Жинзифов во Топанско, каде на 13 средби имаме одличен скор од 10 победи, една нерешена и 2 порази. Во балонот кај Зеф Љуш Марку остваривме 3 победи и 2 порази, а настапивме и во балонот кај ОУ 11 Октомври, теренот на СУГС Никола Карев, балонот РАЦ во Кисела Вода, балонот кај ОУ Блаже Конески и теренот во село Златокоп, Република Србија.

Статистиката покажува неколку интересни податоци што ја поткрепуваат тезата за успешноста на оваа сезона. Просекот на погодоци по натпревар е зголемен за 2,5 од лани и тоа во делот на постигнати голови (од 5,1 на 7,8), додека просекот на примени голови е речиси ист (минимално намалување од 6,3 на 6,1). Процентот на освоени можни бодови од ланскиот негативен рекорд (38,4%) скокна на 77,3%, што е трет најдобар во историјата и за само 2,2% послаб од најдобриот (79,5%) од сезоната 2008/2009. 197-те постигнати голови се четврт најдобар резултат, а просекот 7,8 е трет најдобар во историјата. Најубедливите победи ни се од 16.12.2021 (13-4 против Дарко ФФМ) и од 19.05.2022 (14-5 против Немилосрдни), а најубедливиот пораз ни е од Немилосрдни (на 24.02.2022, 8-15).

Ќе издвоиме уште неколку моменти што ја одбележаа сезоната 2021/2022. Се започна со средбата против Чаир Нестле на 18.07 кога двата тима заеднички испратија порака против дискриминацијата во било кој облик. Месец август го одбележа моментот кога Јеткин Сезаир стана деветтиот играч со минимум сто настапи за ФК Бутоп. Играчот Амар од тимот на Немилосрдни на 23.09.2021 го постигна 4000 гол на натпреварите на Бутоп. Сезоната ја одбележаа серијата од десет средби без пораз во периодот октомври-февруари и актуелната серија од осум победи која се уште трае и се надеваме ќе продолжи и во новата сезона. По пауза од пет години повторно игравме на боксинг деј, за првпат во Топанско, и го продолживме митот за непобедливост остварувајќи ја четвртата победа во исто толку настапи. За време на зимската пауза подготовките ги реализиравме главно индивидуално, а Кире Смиљковски го искористи моментот и „влезе во тавче“ со својата долгогодишна избраничка Ребека. Редовно ги пратевме успесите на македонската репрезентација и Елиф и известувавме за победите над Исланд, Италија и баражот со Португалија. Делумно го остваривме зацртаниот план за меѓународно деби, кое се случи административно на турнирот во село Златокоп, соседна Србија. Бутоп плати котизација и учествуваше на жребувањето на хуманитарниот турнир за собирање средства за малиот Вукан на 23.04.2022, а среќата ни овозможи и да оствариме службена победа во 1/8 финалето и покрај тоа што не игравме. Во месец април беа остварени и средби на кои ги поставивме темелите на Аматерската лига, проект кој се надеваме ќе се оствари годинава. За крај ќе го споменеме и камбекот на Харис Фекиќ, кој по шест години пауза повторно настапи во синиот дрес на 12 мај во победата над Немилосрдни.

Во делот на индивидуалната статистика интересно е дека исто како и лани и оваа сезона за Бутоп настапија 27 фудбалери. Димитровски и Костовски направија своевиден камбек, па се најдоа и во тимот на сезоната на местата на Валчанов и Смиљковски. Каравидов, Курт и Велковски останаа повторно во идеалниот тим, а на голот се врати Грмуш како прво решение. Најмногу настапи во оваа сезона имаше Велковски (19), а по него следуваат Курт (18), Костовски (16), Димитровски (15), Каравидов (14), Смиљковски (12), Валчанов (10), Даниел (9), Грмуш (6), Колев, Илхан, Филип Тодоровски, Нео (по 3 настапи), Сезаир, Шилегов, Зеко, Каришиќ, Желче, Колевски (по 2) и Фекиќ, Мифтар, Касиљас, Боки, Фатмир Зука, Паљука, Видиниќ и Керим (по 1 настап). Златната копачка повторно ја освои Каравидов, но за ова посебна објава очекувајте наредниве денови.

Одржувањето на веб-страницата и контактот со медиумите и фановите и овојпат беше на највисоко ниво. Сезонава имавме точно 100 објави, што е за само три помалку од ланскиот рекорд и тоа е стандардот кој ќе се обидеме да го постигнуваме и во иднина. По месеци, почнувајќи од јули, имавме 9, 4, 8, 6, 14, 11, 9, 9, 11, 8, 8 и 3 објави, што покажува дека во овој поглед најактивни сме биле во ноември. Лиценцата за домејнот повторно е продолжена, а Димитровски се погрижи да има подобрувања и новитети во дизајнот на butop.info.

Финансиското работење беше транспарентно и успешно, па без никаков проблем ги подмирувавме тековните трошоци. Речиси идентично како и во претходната сезона, потрошивме 23000 денари. Буџетот како по обичај се потпира на самофинансирање, но е во одлична кондиција.

Кај плановите и приоритетите за претстојната сезона веројатно најмногу се издвојува реализацијата на идејата за Аматерската лига (септември-ноември 2022), а тука се и учеството (овојпат и физичко) на натпревари на меѓународно ниво, потпишувањето меморандуми за соработка со други тимови, тим-билдинг и прослава на 15 роденден на ФК Бутоп, како и дополнителен развој на веб-страницата. Храбро најавуваме дека се надеваме на сезона со минимум 30 одиграни натпревари, што би било прв пат по пауза од седум години.

Спортски поздрав,

Дарко Костовски

Супер пролет на Бутоп, победничката серија во моментов е на квота 8

На четири дена до крајот на сезоната 2021/2022, петнаесетта за Бутоп, и натаму живее одличната победничка серија која ја започнавме на трети март со триумф над Немилосрдни. Од тогаш до денес остваривме осум последователни победи во натпревари каде противници освен немилосрдните момци ни беа и тимовите на Албион Север, Стојчевски и Фатмир Зука. Тука ги сметаме само натпреварите одиграни на терен, а не ги вклучуваме службената победа и пораз на турнирот во Србија. Последен пат Бутоп играше на 26.05 што значи точно месец дена сме без настап и полека ја затвораме оваа успешна сезона во која и во есенскиот дел имавме неверојатна серија од десет натпревари без пораз. Повеќе детали за изминативе дванаесет месеци ќе може да прочитате во извештајот кој ќе го објавиме во првите денови од месец јули. Засега ја разгледуваме опцијата и за организирање некој термин за крај на сезоната, или пак ќе остане тоа како за отварање на 2022/2023 по 01.07, ќе видиме. Пратете не.

Среќен роденден Кико

Денес (21.06) својот роденден го прославува Кристијан Велковски. Популарниот Кико повеќе од десет години е незаменлив дел од нашиот тим, два пати ја освојуваше златната копачка (2014/2015 и 2017/2018) и досега запиша 126 настапи за Бутоп. Му посакуваме се најдобро на приватен и на професионален план. Среќен роденден Кико!

Среќен роденден Анел

Денес (10.06.2022) Анел Курт го слави својот триесетти роденден. Анел е жива легенда на ФК Бутоп и неговата трага во овој клуб е од непроценливо значење. Му посакуваме се најубаво во приватниот и во професионалниот живот и уште многу успеси со Бутоп.

Среќен роденден Анел!

Фатмир Зука падна со златен гол

Два спремни тима, супер фудбал и победа со златен гол можеше да се види вчера (26.05.2022) на теренот во балонот кај Рајко Жинзифов, каде што Бутоп дојде до нова победа, овојпат над домашниот тим на Фатмир Зука. Бутопци одиграа шеесет минути без замена со Грмуш на голот, Анел и Илхан делуваа во одбраната, Костовски и Димитровски нешто понапред, а дебитантот Керим ја имаше слободата во играта и позиционирањето. Поранешниот фудбалски гастербајтер (има играно во Германија и Турција) тоа го искористи на вистински начин и соиграчите едногласно го прогласија за човек на натпреварот по неговиот крај. Андреј и Анел беа најрасположени меѓу стрелците, а учествуваа и во последната акција која Костовски ја круниса со голот за победа. Конечен резултат, 12-11.

Бутоп знае да биде немилосрден

Еден ден по победата над Стојчевски следеше редовниот четврточен термин (19.05.22) и тотално демолирање на тимот на Немилосрдни. Нашиот ривал не успеа да го договори Валчанов и ослабен се обиде со отворена игра да ни парира. Тоа се покажа како грешка, па нашите момци со речиси полн состав (Курт, Димитровски, Костовски, Смиљковски, Велковски, Каравидов и дебитантот Видиниќ) дојдоа до убедлива победа од 14-5 не давајќи му каква било шанса на противничкиот тим.

Момците на Стојчевски недораснати на предизвикот

Балонот кај Рајко Жинзифов беше наш домашен терен и во средата на 18 мај. Бутопци го прифатија предизвикот на младата екипа на Стојчевски (Марко), но противникот сепак не беше дораснат за нашето ниво. Резултатот 13-7 можеби и не ја отсликува апсолутната доминација која ја имавме во тие шеесетина минути.

Камбек на Харис Фекиќ за „олдскул“ победа

Момент за историја се случи на 12 мај кога Харис Фекиќ по речиси шест години направи камбек во синиот дрес на Бутоп запишувајќи го својот 174 настап. Играчите и навивачите на Бутоп со радост го поздравија Харис кој претходно последен пат играше на 21.09.2016 во поразот на пенали од Воденица 3 Крива Паланка во 1/16 финалето на турнирот во Ново Лисиче.

А во балонот кај Рајко изгледаше како да не поминале ни шест дена. Почетната постава (Грмуш, Андреј, Харис, Кире, Каро, Дарко) со ист изглед како и на натпревари од далечната 2008 година функционираше беспрекорно. Во одбрана цврсто, во нападот течно, контрола на резултатот и играта за победа како „на времето“, конечни 5-2.

Бутоп.инфо повторно е „ап“

Изминативе три недели нашата веб-страница butop.info мораше да претрпи една реконструкција и освежување, како и продолжување на лиценцата за една година. Од тие причини не бевме активни, ниту достапни преку овој медиум. Им се заблагодаруваме на нашите поддржувачи што покажаа разбирање и трпеливост во овој период во кој се обидувавме да ги известуваме преку социјалните мрежи и на тој начин да ги држиме информирани.

А Бутоп продолжи да гази во овие дваесетина дена остварувајќи четири победи. Ќе бидеме концизни и ќе ги доловиме најважните моменти, датумите и резултатите во посебна објава за секој од овие натпревари. Уживајте.