АКТУЕЛНОСТИ

now browsing by category

 

Ран старт за успешна пролет

Фудбалерите на Бутоп попладнево го означија стартот на зимските подготовки. Како што беше најавено, првиот собир се одржа на старото теренче за мал фудбал во дворот на ОУ „Живко Брајковски“ точно во 15:00 часот, по што тренингот продолжи триесетина метри понастрана на новиот терен до училишната сала. Денес се работеше „на суво“, односно без топка. Планот е базичните подготовки да траат до крајот на месецот, или точно дваесет дена. Веќе во тек се преговори со неколку екипи (меѓу нив и Немилосрдни) за одигрување натпревари, чијшто термин би бил најверојатно по 20 јануари. За сите новости пратете ја нашата веб-страница.

Осврт на есенската полусезона 2022/2023

Есенскиот дел од шеснаесеттата сезона на Бутоп (2022/2023) беше своевиден камбек на Бутоп на големата сцена. Сезоната ја почнавме со настап на турнирот во Љубанци по цели осум години пауза, а четири години без учество на турнири, а по прославата на петнаесеттиот роденден на 15 септември следеше и реализацијата на идејата за Маалската лига каде бевме во улога на иницијатори и основачи, а секако и учесници. Но, одиме со ред.

Бутопци сред лето ги разбуричкаа страстите низ фудбалските кругови од Бутел до Топанско откако по долги преговори беше постигнато решение со спонзорот Аква Вардар коп за учество на меморијалниот турнир во Љубанци. Оваа убава соработка резултираше со принтање нова гарнитура дресови, овојпат во бела боја, што е враќање на варијантата од 2011 година. Нашите фудбалери со новите дресови првпат настапија на 25 август во третото коло и поразот од Војводи Тетово. Претходно, турнирот го отворивме со пораз од Жиле плин и победа над Пица до дома. Четвртото коло донесе локално дерби против Дар Мар и најубедлив турнирски пораз во нашата историја (0-8). Откако дел од резултатите на чуден начин се наместија да немаме теоретски шанси за проаѓање на групата, последниот натпревар со Орбита компани го загубивме со службени 3-0. Настапот во Љубанци иако оценет како неуспех, покажа дека нашите момци имаат што да покажат против најсилните, а мора да се признае дека поради летните одмори тимот ниту еднаш не успеа да се собере комплетно.

Наредниот месец септември го донесе исполнувањето на планот за формирање аматерска лига во мал фудбал чијшто иницијатор бевме токму ние. Маалската лига своето основање и одигрувањето на првото коло го имаше на 22.09.2022. Во нејзе учествуваа шест тима: Алиенс, Белиот мачор, Бутоп, Лукс кафе, ЗОО Арт и Радишани – сите претставници на фудбалот од општините Бутел, Чаир и Шуто Оризари. Бутоп имаше тешко отворање со два порази во воведните кола (Лукс кафе и Алиенс), при што средбата со Алиенс беше јубилејна – 400 натпревар за Бутоп. Во третото коло го освоивме првиот бод против лидерот во тој момент (Белиот мачор 7-7). На тој натпревар Вангеловски стана првиот играч на Бутоп кој дал пет гола на турнирски/лигашки натпревар со што ја најави својата фантастична сезона. Следеа четири нови порази (ЗОО Арт, Радишани два пати и Лукс кафе) во кои сепак покажавме рамноправност во играта. Резултатите се подобрија во последните три кола кога два пати победивме (Алиенс и ЗОО Арт), а загубивме од Белиот мачор. Победата против Алиенс во осмото коло значеше прекинување на најдолгата серија без победа во нашата историја, цели десет натпревари. Последното коло на првото издание на Маалската лига се одигра на 13 ноември кога беа прогласени победниците и освојувачите на тимските и индивидуалните награди. Тој ден Марио Вангеловски постигна неверојатни шест гола во победата над ЗОО Арт (7-5) со што го помина Монтела и со вкупно 23 погодоци ја освои престижната награда за најдобар стрелец. Бутоп на крајот заврши на петтото место со освоени 7 бода, скор: 2-1-7.

Вкупно 21 играч настапија во синиот (или белиот) дрес изминатава есен. Тоа се: Костадин Колев, Андреј Димитровски, Влатко Вучковиќ, Дарко Костовски, Харис Фекиќ, Методиј и Кирил Смиљковски, Анел Курт, Стојче Чаковски, Кристијан Велковски, Кристијан Каравидов, Марио Вангеловски, Џоле, Грмуш, Амар и Анес Вукељ, Рамче, Даниел, Марко, Дритон Палоши и Ристе Валчанов.

По завршувањето на Маалската лига бутопци добија двомесечна пауза па моторите ќе ги запалат овој четврток (12.01.2023). Кога ќе сумираме се, резултатски не поминавме добро затоа што на петнаесетте натпревари остварени беа само 3 победи, 1 нерешена средба и 11 порази со гол разлика 55-95. Ова можеби е последица на фактот што Бутоп повторно влезе во елитното друштво на малиот фудбал, но нашите момци сигурно позитивно ќе одговорат и на овој предизвик и веќе најавуваат поуспешен пролетен дел на сезоната.

Благодарници за заслужните

Раководството на лигата им врачи благодарници на претставници на сите шест тима основачи (Алиенс, Белиот мачор, Бутоп, ЗОО Арт, Лукс кафе, Радишани). Благодарници добија и индивидуалци и фирми кои помогнаа во нејзината организација: Фатмир Зука, Марија Ристиќ, Кирил Ѓоргиев – Грмуш, Марко Костовски, Агенс – Скопје и Салон пехара Јовановиќ – Ниш.

Сите резултати, табели, информации, статистика и фотогалерии може да ги најдете на фејсбук страната Маалска лига.

Вангеловски, Монтела и Рамче со индивидуалните награди

All-focus

Марио Вангеловски – Штака ја одбрани честа на Бутоп освојувајќи ја наградата за најдобар стрелец со 23 постигнати гола. Бљертон (Радишани) со 21 и Монтела (Белиот мачор) со 20 беа веднаш зад него.

Монтела се закити со наградата најдобар играч, додека Рамче (Лукс кафе) ја заслужи титулата најдобар голман.


Маалска лига, Сезона 1 (рекапитулација: тимови)

Пред да го објавиме освртот на полусезоната, на што сте веќе навикнати, ќе направиме една рекапитулација на се она што се случуваше во првата сезона на Маалската лига. Сите податоци уште во ноември беа објавени на официјалната фејсбук страна на ова натпреварување, а сега само ќе се потсетиме на најуспешните. Почнуваме со тимовите.

All-focus

Вкупно шест тима учествуваа, а шампион стана Радишани. Пехари заработија и второпласираниот Лукс кафе, како и третопласираниот тим, Белиот мачор. Вака изгледа конечната табела по десет одиграни кола:

Наградата за ферплеј екипа замина во рацете на Алиенс.

Зимските подготовки почнуваат на 12 јануари

Зимските подготовки бутопци оваа 2023 година ќе ги започнат на 12 јануари (четврток). Ова е веќе тринаесетта година во која ќе имаме базични подготовки уште во јануари. Традиционално првиот собир ќе се одржи на старото теренче за мал фудбал во дворот на ОУ „Живко Брајковски“ во Бутел 1, а е закажан за во 15:00 часот.

All-focus

Среќна нова 2023 и честит Божик

ФК Бутоп ви посакува среќна нова 2023 година и среќни божикни празници на сите кои ги слават! Нека новата година биде исполнета со здравје, љубов и успех на секое поле!

Одморот за бутопци и натаму трае

Веќе месец и половина трае одморот за фудбалерите на Бутоп, а така е и денес на популарниот боксинг деј. Овој ден кој во Англија традиционално се одбележува со фудбал овојпат значи и враќање на националните првенства по паузата поради Светското првенство во Катар. Нашите верни поддржувачи знаат за митот за непобедливоста на Бутоп на денешен ден, затоа што во четири натпревари имаме исто толку победи, а сме играле во 2009, 2013, 2016 и 2021 година. Сепак, годинава е резервирана за продолжен одмор по напорната полусезона.

Аргентина е нов светски шампион

Аргентина е новиот светски шампион во фудбал! Аргентинците попладнево ја детронизираа Франција во супер возбудливото финале чијшто победник беше одлучен по пенал рулетот. Ова за нив е трета светска титула откако беа најдобри и во 1978 и 1986 година.

Во мечот за третото место вчера Хрватска го совлада Мароко за трет медал по бронзата во 1998 и среброто пред четири години.

ФК Бутоп им го честита големиот успех на фудбалерите на Аргентина, но и на хрватската репрезентација како претставник на овие простори.

Со денешното финале заврши овој период од месец дена посветен на Светското првенство во Катар. Веќе од утре, а и во текот на наредната недела ќе имаме повеќе објави на веб-страницата во кои ќе се осврнеме на претходните наши настапи во Маалската лига, но и ќе информираме за идните активности на Бутоп. Следете не.

Среќен роденден Марио

Денес својот роденден го слави Марио Вангеловски. Најдобриот стрелец во Маалската лига постигна 23 гола на 9 натпревари во нејзиното прво издание изминатава есен и на тој начин направи фантастичен камбек по две-три сезони во кои се мачеше со повреди. Популарниот Штака еднаш беше златна копачка на Бутоп во сезоната 2016/2017, а сега тешко е за верување дека некој може и да помисли да го престигне во таа трка за тековната сезона. Во наредните денови пак, се очекува конечно да му биде врачена наградата за најдобар стрелец во Маалската лига. Му посакуваме се најубаво на приватен и на професионален план.

Среќен роденден Марио!

All-focus