АКТУЕЛНОСТИ

now browsing by category

 

Службени три за крај

Службени три бода за Бутоп освоени вчеравечер против Алиенс за крај на оваа пролетна, втора сезона во Маалската лига. Со овој резултат ја освојуваме шестата позиција во конечното рангирање помеѓу девет тима кои зедоа учество. Деновиве ќе можете да проследите подетални анализи на статистиката и се она што го прикажавме на овие десет натпревари. Сепак, некој генерален заклучок е дека резултатски не ја постигнавме поставената цел пред почетокот на натпреварувањето, а тоа беше влез во плејофот, кој ни избега во последната минута токму во првото наше соочување со Алиенс. Позитивно е тоа што имавме напредок во споредба со претходната сезона и со повеќе среќа и помалку повреди се надеваме на уште подобри резултати во иднина.

Денес се завршните битки во Маалската лига, Бутоп против Алиенс

Бутоп втората сезона на Маалската лига ќе ја затвори со натпревар против стариот познаник Алиенс. Вечерва од 19:40 нашата средба ја отвора програмата на последното десетто коло кое ќе биде одлучувачко во борбата за пехарите.

Бутоп не го издржа темпото на Барбер шоп Енис

Бутоп му ја препушти петтата позиција на табелата на својот вчерашен противник Барбер шоп Енис откако загуби со 7-5 во натпреварот од претпоследното деветто коло на Маалската лига. Бутопци дадоа се од себе, но не можеа да одговорат на силното темпо на берберите. Кај нас поради повреди фалеа Смиљковски, Вангеловски, Видиниќ, Русе и Каравидов, па во преден план мораше да дојде малиот Иво Валчанов. Покрај него во тимот беа и Ристе Валчанов, Курт како голман, Димитровски, Велковски и Шилегов. Во вториот дел во игра влезе и реконвалесцентот Костовски кој застана на гол во последните десетина минути. Се на се, пружен достоен отпор беше нашиот максимум на оваа средба. Бутоп во последното коло утре влегува како шести на табелата.

Во нова битка со берберите

Бутоп вечерва ќе ги одмери силите со екипата на Барбер шоп Енис. Овој натпревар од деветтото коло доаѓа откако двата тима остварија победи во претходната, осма рунда и се издвоија како кандидати за освојување на тоа петто место и највисок можен пласман во плејаут фазата. На првиот меѓусебен натпревар, кој се одигра во рамките на четвртото коло, видовме реми 5-5. Како ќе биде денес ќе дознаеме по крајот на средбата чиј почеток е закажан за 21:00 часот.

Иво Валчанов стана вториот најмлад играч на Бутоп

Иво Валчанов, помалиот брат на нашиот стандарден првотимец Ристе, стана вториот најмлад играч со настап во шеснаесетгодишната историја на ФК Бутоп. На натпреварот против АММ-Тим во рамките на осмото коло од Маалската лига одигран минатиот четврток (06.04.2023) Иво настапи со наполнети 12 години и 268 дена. Рекордер останува неговиот комшија Дарко Николиќ кој во 2007 година имаше настап за Бутоп со 12 години и 62 дена. Дека постои некаква судбинска поврзаност во оваа приказна е фактот дека двајцата се родени на ист датум, 14 јули, Даре во 1995-та, а Иво во 2010 година.

Инаку Иво својот фудбалски пат моментално го изодува во младинските категории на ФК Бутел кај тренерот Цеко, а тренинзите ги има во скопско Радишани. Неодамна тој се најде и на списокот на репрезентацијата до 13 години. Сето ова говори дека станува збор за уште една голема надеж на бутелскиот и македонскиот фудбал, а Бутоп е подготвен да му пружи помош и поддршка секогаш кога ќе биде потребно.

Убедлива победа против дебитантот

Бутоп забележа убедлив триумф против АММ-Тим со конечни 13-9 во вчерашното осмо коло на Маалската лига. На дебитантот во друштвото му требаше време за адаптација па бутопци набилдаа голема разлика која достигна и +7 и победникот беше решен уште некаде на почетокот на второто полувреме. До крајот момците од АММ-Тим заиграа поорганизирано и успеаја да го намалат поразот. Кај Бутоп повратникот Велковски постигна 5 гола, Валчанов 4, Вангеловски 2, а Анел и Русе по 1 гол. Настапија и Смиљковски и Димитровски, а во првиот тим се најде и помладиот брат на Ристе, Иво Валчанов, кој одигра пет-шест минути. Повеќе за неговото деби ќе прочитате утре. Кај противникот стрелаа Николовски (3), Ненад (3), Неделковски (2) и Ќоќоровски  (1) гол, а настапија и Стоилковски и Максим Максо.

АММ-Тим е новиот предизвик

АММ-Тим е името на нашиот денешен противник во рамките на осмото коло на Маалската лига. Тоа е тимот кој влегува како замена за екипата на Каќ и кој треба да ја доигра оваа плејаут фаза. Бутопци се надеваат на подобри резултати во последните три кола и освојување на што повеќе бодови. Вечерва својот камбек по петнеделната пауза ќе го има Велковски, а најавени се и Смиљковски, Курт, Димитровски, Валчанов, Русе и Вангеловски. Средбата почнува во 19:50.

Чекаме информација за утрешниот противник

Бутопци утре ги започнуваат своите настапи во плејаут фазата на Маалската лига. Во првото коло од доигрувањето, или вкупно осмо, според распоредот требаше да играме против тимот на Каќ, но тие ќе бидат заменети од друга екипа за која се уште немаме информации. За тоа како се вика нашиот утрешен противник ќе почекаме објава на фејсбук страницата на Маалската лига. Натпреварот ќе почне во 19:50 и е прв на програмата.

Марио конечно ја доби наградата за најдобар стрелец

На завчерашниот натпревар со Алиенс му претходеше кратка церемонија во која на Марио Вангеловски конечно му беше врачена наградата за најдобар стрелец во првата сезона на Маалската лига. Тој доби честитки од своите соиграчи и желби за уште поуспешни настапи во иднина. Популарниот Штака изјави дека остава оваа статуетка да ги краси витрините на Бутоп, а подоцна со хет-трик покажа дека полека се враќа во форма по повредата.

Плејофот ни избега во последната минута

Бутоп доживеа неверојатен и слободно може да кажеме трагичен пораз на синоќешниот одлучувачки натпревар за влез во плејофот на Маалската лига. На педесет секунди до крајот имавме водство од 6-5 и победа која ни го гарантираше тоа посакувано четврто место, кога Алиенс постигна гол за израмнување. Нашите момци веднаш тргнаа од центарот во потрага по нов гол, но наместо тоа противникот не казни и по пресечена топка погоди во празната мрежа за конечни Бутоп-Алиенс 6:7. На овој натпревар не видовме некоја квалитетна игра, туку многу грешки на двете страни. За жал, ние излеговме како губитници на крајот. За Бутоп настапија играчите кои ги најавивме вчера, Курт беше во улога на голман, а Кирил Смиљковски стана третиот играч кој запишал 300 настапи за нашиот клуб.