АКТУЕЛНОСТИ
now browsing by category
Вангеловски по втор пат освојувач на златната копачка
Како што веќе објавивме и во Извештајот за сезоната 2022/2023, а беше сосема очекувано и очигледно по партиите во Маалската лига, Марио Вангеловски е освојувач на златната копачка на Бутоп за изминатата сезона. Ова за него е второ вакво признание (првпат во сезоната 2016/2017) кое го освои постигнувајќи вкупно 30 лигашки голови во двете изданија на Маалската лига. Популарниот Штака ја освои и наградата за најдобар стрелец со 23 гола во првото издание на истото натпреварување изминатата есен и тој пехар сега ги краси клупските витрини на Бутоп.
Се потсетуваме на досегашните освојувачи:
2007/2008: Енис Пепиќ – *
2008/2009: Дарко Костовски – 11
2009/2010: Јеткин Сезаир – 9
2010/2011: Јеткин Сезаир – 16
2011/2012: Дарко Костовски – 18
2012/2013: Кристијан Каравидов и Филип Цветковски – 5
2013/2014: Дарко Костовски – 3
2014/2015: Кристијан Велковски – 5
2015/2016: Кирил Смиљковски – *
2016/2017: Марио Вангеловски – 5
2017/2018: Кристијан Велковски – 5
2018/2019: Анел Курт – *
2019/2020: Енис Реџеп – *
2020/2021: Kристијан Каравидов – *
2021/2022: Кристијан Каравидов – *
2022/2023: Марио Вангеловски – 30
Костовски изненадувачки е голман на сезоната
Додека трае летната пауза за нашите фудбалери ќе се потсетиме на досегашните освојувачи на наградите златна копачка и голман на сезоната и секако ќе ги прогласиме оние од штотуку завршената сезона 2022/2023.
Изненадувачки, голман на сезоната број 16 за Бутоп е Дарко Костовски. Тоа веројатно никој не можеше да го предвиди, особено што Колев бранеше на почетокот на сезоната на турнирот во Љубанци. Сепак тој потоа потпиша за КМФ Бутел и не продолжи да брани за нас, па Костовски се наметна како решение голман-играч и го понесе најголемиот товар во настапите во Маалската лига и до крајот на сезоната. Со тоа тој стана првиот играч кој бил и златна копачка и голман на сезоната на Бутоп.
Се потсетуваме на досегашните освојувачи:
2007/2008: Кирил Ѓоргиев – Грмуш
2008/2009: Петар Лазароски
2009/2010: Филип Пејков – Пинки
2010/2011: Филип Пејков – Пинки
2011/2012: Арбен Ејуп
2012/2013: Костадин Колев
2013/2014: Костадин Колев
2014/2015: Костадин Колев
2015/2016: Костадин Колев
2016/2017: Костадин Колев
2017/2018: Костадин Колев
2018/2019: Кирил Ѓоргиев – Грмуш
2019/2020: Кирил Ѓоргиев – Грмуш
2020/2021: Никола Анастасовски – Баркли
2021/2022: Кирил Ѓоргиев – Грмуш
2022/2023: Дарко Костовски
Сезона 2022/2023
Сезоната 2022/2023 беше шеснаесетта во историјата на ФК Бутоп. Во овој годишен извештај ќе се обидеме да ги презентираме најважните статистики и моменти од изминатите дванаесет месеци.
Бројот на одиграни натпревари е 27, најмногу во последните осум сезони, или седма најактивна сезона. Скорот е негативен: 9 победи, 3 нерешени и 15 порази со 132 постигнати (4,8 во просек) и 158 примени (5,8 во просек) голови, или вкупно 290 голови (10,7 просечно по натпревар).
Веднаш треба да напоменеме дека негативните статистички показатели кои се јавуваат во голем дел се резултат на различноста на оваа сезона затоа што 20 натпревари беа одиграни како дел од двете сезони на Маалската лига, 5 на турнирот во Љубанци и само 2 средби беа одиграни како обични термини. Следствено на тоа, нивото на нашите противници беше повисоко од претходните сезони. Па така се случија некои негативни рекорди: оваа сезона е само втора во која имаме негативна гол разлика, а само трета со негативен вкупен скор на победи и порази. Остваривме и најмал процент на освоени бодови, само 37%, или 30 од можните 81. Просекот на постигнати голови се намали од 7,8 лани на 4,8 и е втор најлош во историјата по оној во 2010/2011 (4,0). Сепак, голем удел во статистиката и за таа сезона е фактот што тогаш игравме во Пролетната лига во Ново Лисиче и на неколку други турнири, па секогаш кога е тоа случај просекот на голови оди надолу, што се покажа и сега. Гледано од позитивната страна, ова е четврта сезона по ред во која просекот на примени голови се намалува, од ланските 6,1 дојдовме на 5,8. Логично, доста е намален и вкупниот просек на голови на нашите натпревари – 10,7, што е седми најмал во историјата. Уште негативности: оваа сезона ќе остане забележана по најдолгата серија без победа која траеше цели 10 натпревари (од 25.08.2022 до 30.10.2022) и во која имавме дури 9 порази и само едно реми. Во оваа сезона ги остваривме и најубедливите порази на еден турнир (0-8 од Дар Мар, во Љубанци на 28.08.2022) и во Маалската лига (3-11 од Лукс кафе на 22.09.2022), што беа и наши најголеми порази во сезоната. Најубедливата лигашка победа ја остваривме на 03.11.2022 (8-3) против Алиенс, а Немилосрдни ги распарчивме 13-4 на 27.04.2023 за најубедлива победа во сезоната.
Игравме на само три терени: во Љубанци со скор 1 победа и 4 порази, во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов со скор од 7 победи, 3 нерешени и 11 порази и во балонот кај Зеф Љуш Марку одигравме еднаш и победивме. Имавме вкупно 16 противници: Жиле плин, Пица до дома, Војводи Тетово, Дар Мар, Орбита компани, Лукс кафе, Алиенс, Белиот мачор, ЗОО Арт (Сент Патрик), Радишани, Љуботенски пат, ФЦ Мајами, Барбер шоп Енис, Каќ, АММ-Тим и Немилосрдни. Најмногу, четири пати, игравме против Алиенс (2 победи и 2 порази), а по три пати игравме со Сент Патрик и Барбер шоп Енис со кои остваривме идентичен скор од по една победа, нерешено и пораз.
Во Освртот на есенската полусезона, кој го објавивме на 10 јануари, можете многу подетално да прочитате за тие први шест месеци од сезоната и како дојде до нашиот камбек на турнирите по пауза од четири години и настапот во Љубанци, договорот со Аква Вардар коп и принтањето нова гарнитура дресови, овој пат бели. Една недела по нашиот 15. роденден ја исполнивме и идејата за формирање на Маалската лига која се покажа како полн погодок и како еден успешен проект поради кој никако не може да ја сметаме сезоната 2022/2023 за неуспешна. За волја на вистината, на почетокот од зимските подготовки во јануари ветивме подобар пролетен дел на резултатски план и тоа и го остваривме. Така, во есенската полусезона имавме негативен скор (3-1-11), а пролетва бевме во позитива (6-2-4). Сосема накратко ќе споменеме уште некои важни моменти кои ја одбележаа изминатата сезона: Бутоп ја достигна границата од 400 натпревари, Каравидов и Смиљковски станаа вториот и третиот играч со 300 натпревари за Бутоп, тимот освен нови дресови за првпат доби и брендирани чорапи со што се комплетираше опремата, Колев потпиша за футсал клубот Бутел, Вангеловски ја освои престижната награда најдобар стрелец во првата сезона на Маалската лига, Грмуш и Курт добија благодарници од истото натпреварување за нивната поддршка и помош при организацијата, Смиљковски и Грмуш добија ќеркички, Иво Валчанов стана вториот најмлад дебитант на Бутоп со 12 години и 268 дена. Сред зимската пауза го проследивме првото зимско светско првенство на ФИФА, по тринаесетти пат ги одржавме традиционалните зимски подготовки за во пролетниот дел да покажеме вистинска конкурентност во втората (проширена на осум екипи) сезона на Маалската лига, каде го освоивме шестото место во завршниот поредок.
Кај индивидуалната статистика ќе почнеме со тоа дека вкупно 25 играчи настапија за Бутоп, што е очекувано ако се има предвид дека во претходните две сезони имавме слична бројка од 27. Најмногу настапи имаше Анел Курт – 20, а покрај него во тимот на сезоната се најдоа и Костовски со 17 настапи, Вангеловски со 16, Кирил Смиљковски и Каравидов со по 15 и Велковски со 13 настапи, колку што имаше и Димитровски. Двоцифрен беше и Ристе Валчанов со 11 настапи, а потоа следат Колев и Амар Вукељ со по 6, Анес Вукељ со 5, С. Чаковски со 4, Милановски, Иво Валчанов, Дарко Видиниќ и Русе со по 3, Димитров, Шмитиќ и Методиј Смиљковски со по 2 и Фекиќ, Вучковиќ, Палоши, Грмуш, Рамче и Шилегов со по 1 настап. Златната копачка очекувано отиде кај Вангеловски кој во двете изданија на Маалската лига искомбинира вкупно 30 погодоци.
Позитивна страна од оваа сезона беше и нашето онлајн работење и претставување. Веб страната доживеа рекордни 128 објави со што со голема разлика го сруши претходниот рекорд од 103 објави во сезоната 2020/2021. По месеци почнувајќи од јули 2022 бројот на објави изгледа вака: 4, 18, 17, 13, 11, 3, 10, 11, 17, 17, 5 и 2. Треба да потенцираме дека освен нашиот веб-сајт отворивме и посебна фејсбук страна за Маалската лига која ја водиме и каде редовно ги објавуваме сите новости, вести, резултати и распореди кои им се потребни на сите учесници и фанови на лигата. Лиценцата за butop.info е повторно успешно обновена и за наредната година.
И оваа сезона финансиски работевме транспарентно и се базиравме на самофинансирање, но овојпат имавме и помош од спонзорството на Аква Вардар коп околу турнирот во Љубанци и новите дресови, како и договорот со Разгледница ДООЕЛ Скопје околу лиценцирањето на веб-страницата. Расходите изнесуваа 22000 денари што е слично со претходните две сезони (23000 во 2021/2022 и 23500 во 2020/2021).
Во фокусот на плановите за претстојната сезона е тоа да се продолжи трендот на зголемување на бројот на натпревари (и конечно повторно да се достигне котата 30), да се продолжи проектот Маалска лига, дополнителен развој на онлајн платформите на Бутоп и Маалската лига, учество на турнири, нова опрема, тим-билдинг настани и тренинзи и настапи на меѓународната сцена.
Спортски поздрав
Дарко Костовски
Сезона 16 официјално заврши
Вчера и официјално заврши шеснаесеттата сезона во историјата на ФК Бутоп. Иако во последниве два месеци нашите фудбалери заслужено одмараат, токму вчера и денес е преминот од една во друга сезона, односно денес започна новата сезона 2023/2024. Во наредниве денови традиционално ќе ги објавиме комплетната листа на резултати од претходната сезона и Извештајот, а ќе ги објавиме и имињата на златната копачка, голманот и тимот на сезоната.
Среќен роденден Анел
Анел Курт денес го слави својот 31 роденден. Легендарната осмица на Бутоп и член на капитенската постава низ годините оствари низа рекордни остварувања за кои би можело многу да се пишува. Анел иако одбранбен играч е и освојувач на златната копачка од сезоната 2018/2019, а досега запиша 292 настапи во синиот дрес. Му посакуваме се најубаво на приватен и на професионален план. Среќен роденден Анел!
Одмараме веќе месец дена
Остануваат уште дваесет дена до официјалниот крај на сезоната 2022/2023, а нашите фудбалери се на пауза повеќе од еден месец. Последниот натпревар го одигравме на петти мај кога бевме подобри од Барбер шоп Енис и од тој момент почна овој подолг одмор при се уште незавршената сезона. Планот е до крајот на јуни да се одиграат уште два или три натпревари со што би се дошло и до бројката од триесет средби. За секоја следна активност ќе бидете навремено известени.
Среќен роденден Ристе
Ристе Валчанов вчера (23 мај) го прослави својот роденден. Рики веќе неколку сезони е неизоставен дел од Бутоп и еден од клучните играчи на сите позиции во тимот. Му посакуваме многу успеси на приватен и на професионален план. Среќен роденден Ристе!
Бериќетна година: Смиљковски си доби ќерка
Голема радост во семејството Смиљковски донесе вчерашниот ден откако Кирил и Ребека добија ќеркичка. ФК Бутоп им посакува да е жива и здрава и да им носи многу убави моменти на своите родители.
Лиценцата продолжена за една година
Ве известуваме дека вчера ја продолживме лиценцата за домејнот на нашата веб-страница и за наредните 365 дена. Нашиот сајт е активен од 2014 година, а слободно може да кажеме дека ФК Бутоп е еден од најтранспарентните спортски колективи во Македонија со редовни објави за сите актуелности поврзани со клубот. Продолжуваме во иста насока.
Два пресврти за трета победа во низа
Бутоп во петокот (05.05.2023) се избори за тесна победа со конечни 9-8 над тимот на Барбер шоп Енис. Нашите момци го имаа водството во поголем дел од средбата, но дозволија противникот да поведе на десетина минути пред крајот. Сепак, на пресвртот одговоривме со пресврт и откако берберите пропуштија неколку шанси да ја запечатат победата, бутопци искусно ги казнија нивните промашувања и дојдоа до победата, која ни е трета по ред. Натпреварот се одигра во балонот кај ОУ Рајко Жинзифов од 20:00 часот.